Иванов отпосле го вметнува рокот за мнозинство како услов за мандат

Не постојат рокови во изјавите дадени на 01.02.2017 г. Фото: Вебсајт на Претседател на РМ

Ниту во својата изјава, ниту во изјавата на Заев, ниту во изјавите на другите лидери, ниту, пак, по медиумите, може да се види или да се потврди податокот дека Иванов им рекол на партиите дека имаат рок од 10 дена да го известат дали формирарале мнозинство

 

Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, во неодамна објавено интервју за австриски медиум, тврди дека на политичките партии на разговорите на 1-ви март 2017 г., им бил даден рок од 10 дена да го известат дека формирале мнозинство, што го оценуваме како невистина.

Изјава: Со цел да го превенирам политичкиот вакум, ги поканив сите партии и им укажав на преседанот од 1992 година. Во тоа време Претседателот Глигоров ѝ даде шанса на второпласираната партија (на изборите – н.з.) да формира влада – во рок од 10 дена во согласност со Уставот на РМ.

Ги повикав сите партии на средба, да ми докажат дека може да формираат мнозинство – повторно, во рок од 10 дена како во 1992 година, без оглед која партија е првопласирана, второпласирана или мала или најмала: на сите им ја понудив истата можност.

Чекав десет дена. Ништо не се случи. Истекоа дваесет дена. Ништо не се случи. На 27-миот ден, шефот на СДСМ ми даде листа со 67 потписи. Значи предоцна. Рокот одамна беше истечен. Сите уставни правници ми го потврдија ова. Така што, ова коалициско мнозинство ќе биде контроверзно само поради правни причини.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Иванов во интервјуто објавено со него во австрискиот дневен весник Винер Цајтунг, покрај другите работи, тврди дека кога ги свикал парламентарните партии да му достават докази оти имаат мнозинство, им дал рок од десет дена. Тие тоа не го испочитувале, па затоа мнозинството ако добиело мандат, ќе било контроверзно поради правни причини.

Откако на 29.01.2017, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада со претходниот коалициски партнер ДУИ, по два дена Иванов ги повика на консултации сите парламентарни партии според резултатите од ДИК и верификацијата на мандатите во Собранието од 30.12.2017.

По средбата, изјава дадоа некои од лидерите на партиите, како лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на пример, а изјава на крај од денот даде и Иванов во својот кабинет, без да дозволи да му се поставуваат прашања.

Ниту во својата изјава, ниту во изјавата на Заев, ниту во изјавите на другите лидери, ниту, пак, по медиумите, може да се види или да се потврди податокот дека Иванов им рекол на партиите дека имаат рок од 10 дена да го известат дали формирарале мнозинство.

Во неговата изјава од 01.02.2017 г., тој го вели следното:

По остварените консултации, сакам да ве известам дека мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија.

Како што веќе истакнав во моето годишно обраќање до вас, граѓаните, од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета:

Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.

Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

За време на консултациите се разговараше за сите можности и варијанти во случај никој да не може да обезбеди мнозинство во Собранието.
Сите опции остануваат отворени.

  И во изјавата на Заев, дадена веднаш по средбата со Иванов во дворот на резиденцијата, не се споменуваат никакви рокови:

Укажувањето беше дека треба да докажеме ние дека имаме мнозинство, согласно Уставот, за формирање на Владата, а тоа е 61 пратеник најмалку – како доказ со својот потпис да биде доставено до кабинетот на Ѓорге Иванов, со што дури тогаш ќе добиеме мандат за формирање Влада.

Тоа се деталите од разговорите. Согласно тие детали ние ќе ги донесеме нашите одлуки и согласно тоа, секако, ќе ја информираме јавноста, за начините на коишто понатаму ќе постапиме.

Ги проверивме и медиумите со цел да го пронајдеме рокот што наводно го дал Иванов. Ниту „Вистиномер“, пред месец и половина, иако пишувал само ден по настаните, ниту другите медиуми не наведуваат рокови. Напротив, дел од медиумите, како што се „Радио Слободна Европа“ или „Телма“, наведуваат дека ова прашање не е јасно.

Засега останува нејасно кој рок се дава за собирање на мнозинството, а тоа не го прецизираа ниту Заев, ниту претседателот, пишува РСЕ, додека од „Телма“ дури прашале и во Кабинетот,  при што оттаму, „немале прецизен одговор дали Иванов им дал одреден рок на партиите во кој тие треба да го известат дали договриле парламентарно мнозинство“

Роковите Иванов ги споменува како проблем дури при неговото обраќање по 27 дена. Откако е известен од Заев дека има 67 потписи на пратеници за мнозинство, тој вели дека од двата проблема зошто не го дава мандатот, едниот бил почитување на роковите.

Почитувањето на роковите е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен. Разговаравме за повеќе решенија како да се надмине проблемот со роковите и да се додели мандатот, а притоа одлуката да не биде во спротивност со член 90 од Уставот.

Ова прашање е лесно надминливо и за тоа постојат решенија, особено сега кога е веќе создадено и обезбедено мнозинство во Собранието. Во спротивно, мојата одлука за доделување на мандат без запазување на рокот од 10 дена даден во член 90 може да биде оспорена.

После сите проверки, може да се констатира дека Иванов, сега отпосле, зборува за некакви рокови од десет дена што им ги дал на партиите при разговорите на 01.02.2012, за што не може да се најде никаков доказ кај ниту еден од повеќето извори што ги провериме.

Оттука, изјавата на Иванов за Виенер цајтунг ја оценуваме како невистина. Тоа е искажување, најверојатно, е наменето за оправдување пред јавноста, дека тој, не само поради политички причини, ами и поради правни, односно уставни, не го дал мандатот на оние партии што по негово барање формираа парламентарно мноизнство и за тоа му доставија докази.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција