Иванов против сите: Пречките за мандатот сè уште постојат

Иванов не дава, без причина. Фото: веб страна на Претседател на РМ

Не постоеја ниту постојат уставни пречки Иванов да го даде мандатот, откако доби докази дека има парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, оценка на уставни експерти и на домашна и меѓународна политичка сцена

 

Не постоеја ниту постојат уставни пречки Иванов да го даде мандатот, откако доби докази дека има парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, оценка на уставни експерти и на домашна и меѓународна политичка сцена

 

Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, преку својот кабинет денеска до еден медиум, aгенцијата МИА,  ја доставил следната изјава (во форма на став) која ја оценуваме како невистина:

Претседателот Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување мандат за состав на влада сè уште не се отстранети.

[Извор: МИА, датум: 13.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот Иванов на 1-ви март во обраќање до јавноста објасни со кои мотиви се раководел при одлуката да не му го додели мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а денеска, 13.03.  повтори дека пречките искажани тогаш сè уште не се отстранети, што го оценуваме како невистина.

Оваа оценка е извлечена од анализата на говорот на Иванов пред 13 дена, како и од настаните што се случија оттогаш па наваму.

Самиот говор не ги убеди повеќето уставни експерти, како ни дел од домашната и меѓународната политичка сцена, па и јавност пошироко, дека постојат уставни пречки.

Напротив, според повеќето уставни експерти кои се произнесоа во јавноста постои злоупотреба на овластувањата и должностите на Претседателот на РМ, со тоа што не ја прифаќа императивноста искажана во член 90 од Уставот, според која тој е должен да го даде мандатот на претставник на политичка партија или на коалиција која има обезбедено мнозинство во Собранието.

Тука ќе наведеме само две мислења од повеќето. Професорот по уставно право Светомир Шкариќ изјави:

Со тоа што не го довери мандатот на партијата која обезбедила парламентарно мнозинство шефот на државата го минира и девалвира конституционалниот акт. Не е негово право туку обврска да го даде мандатот на претседателот на СДСМ штом има поддршка од 67 пратеници и како мандатар да формира Влада.

Истото мислење го има и професорот по Уставно право Осман Кадриу:

Без никакви услови Иванов треба да го даде мандатот на претставник на партија или коалиција која ги исполнува условите, а тоа е обезбедено парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

На овој став се приклучија и Европската унија како целина, а одделно и најсилните држави во светот – САД, Германија, Велика Британија и Канада…

Покрај ова, на 10-ти март, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одржа прес конференција на која ја претстави предлог-програмата за работата на Владата за периодот 2017-2020 година. Со внимателно читање на предлог-програмата, а која која не беше отфрлена од партиите што имаат намера да коалицираат со СДСМ (тоа се ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците), станува јасно дека нема ниту еден елемент што би можел да се оцени како загрозување на сувереноста и независноста на РМ, зборови што го употреби Иванов во говорот од 1-ви март, без оглед што при доделување на мандат за состав на влада единствен аспект по кој што треба да се раководи е мнозинството од пратениците.

Поради погоре изнесените аргументи сметаме дека денешната изјава на Претседтаелот Иавнов дадена за медиум преку неговиот Кабинет, е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција