Иванов се сокри зад купишта изговори за да не му го даде мандатот на Заев

Повеќе универзитетски професори, меѓу кои,  Светомир Шкариќ, Осман Кадриу и Љубомир Фрчкоски  сметаат дека претседателот Ѓорге Иванов, со одбивањето да го даде мандатот, ја злупотребил функцијата и го прекршил Уставот.

…Според правните експерти, проблем се роковите. Имено, за да се испочитува член 90 од Уставот на Република Македонија останува исполнувањето на роковите кои се утврдени со Устав. Почитувањето на роковите е неопходно за трансферот на власта да биде легален и легитимен. Разговаравме за повеќе решенија како да се надмине проблемот со роковите и да се додели мандатот, а притоа одлуката да не биде во спротивност со член 90 од Уставот.

Ова прашање е лесно надминливо и за тоа постојат решенија, особено сега кога е веќе создадено и обезбедено мнозинство во Собранието. Во спротивно, мојата одлука за доделување на мандат без запазување на рокот од 10 дена даден во член 90 може да биде оспорена…

Ова  е една од многуте манипулативни конструкции искажани во обраќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов на 01.03.2017 година, кога тој на македонската јавност ѝ соопшти дека одлучил на лидерот на СДСМ, Зоран Заев да не му го додели мандатот. Во самиот почеток  на говорот Иванов ја спинува вистината и затскривајќи се зад Уставот и уставните рокови, го пренебрегнува фактот дека Заев му доставил 67 потписи за обезбедено мнозинство во парламентот (како што Иванов претходно побара)  и наоѓа „формално-правна пречка“ да не го додели мандатот! Човекот кој во „приказната нова влада“ веќе го прекрши Уиставот уште кога на 9 јануари 2017 година му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, без да се осигура дека тој има мнозинство за составување влада, сега откако пред себе ја има гаранцијата за парламентарно мнозинство, бара изговори, меѓу другото и во уставните рокови, за да не го додели мандатот.

Прво, членот 90 од Уставот  на кој се повикува Иванов е толку прецизен да не може да биде појасен. Тој сугерира дека Иванов мора  да му го даде мандатот на Заев.

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
 (Член 90)

Значи Уставот не му остава простор на Иванов да размислува и преценува, туку вели дека е  ДОЛЖЕН да го довери мандатот на кадидатот кој обезбедил мнозинство во парламентот, односно во случајот Заев.  Сѐ друго е наменска интерпретација  искажана само како параван на вистинските причини за одбивањето да се додели мандатот. Тоа, несомнено, го знае и самиот Иванов, кој е  професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје, но од само нему познати мотиви  го става Уставот во средиштето на опасни политички игри. Притоа,  тој повикува на уставните рокови, поточно, на ставот од член 90 кој вели дека „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата…“ . Но,  тој рок е поминат, со оглед на фактот  дека тој прво му го додели мандатот на Груевски. И што да се прави сега?  Да се врати времето назад?! Ова негово барање делува дури смешно.

Повеќе универзитетскиот професор, меѓу кои,  Светомир Шкариќ, Осман Кадриу и Љубомир Фрчкоски  сметаат дека  Иванов со одбивањето да го даде мандатот   ја злупотребил позицијата претседател и го прекршил Уставот.

Како втор, но пресуден момент за да не го додели мандатот Иванов ја посочи постизборната политичка платформа која е изработена и потпишана во туѓа држава“.

По изборите бевме непријатно изненадени од една постизборна политичка платформа од туѓа држава. Платформата е постизборен документ изработен и потпишан во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Содржината на платформата е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор.

Не е точно дека платформата е „изработена“ во туѓа држава, ниту, пак, во кабинет на странски државник. Платформата е изработена од страна на ДУИ. Како што е многу добро познато и како што е објавено и во медиумите, ДУИ, како автор на овој документ почна да ги повикува и другите етнички парламентарни албански партии да го поддржат. А, посредувањето и потпишувањето во кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама не беше зашто тој или некој друг во Албанија е авторот. Напротив, посредувањето и потпишувањето на платформата се случи во неговиот кабинет зашто БЕСА не сакаше ни да слушне да ја потпише, токму заради тоа што целата идеја за неа потекна од ДУИ, кон која БЕСА се поставува крајно конфронтативно и има изнесено редица обвинувања во повеќе наврати поврзани со учеството на најбројната етничка албанска партија во власта во изминатите 10 години. Токму затоа ДУИ побара посредување од Еди Рама, а БЕСА се најде во ситуација да остане единствена партија која немаше да има свој потпис врз платформата и затоа мораше да попушти. Но, овде се наредени редица моменти околу патот на платформата, и тоа заедно со „изработувањето“, за да се добие впечаток на некаква „туѓост“ на документот и за него да се добие впечаток дека е комплетно странски, а следствено на тоа и непријателски.

Во согласност со Член 84 од Уставот на Република Македонија, јас нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста.

 Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија.

Со што е загрозена унитарноста на државата што ја споменува Иванов? Со ништо, освен ако не се слуша пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, која, патем, разговараше за истата оваа платформа со ДУИ до 29.01.2017,  и која сега постојано наведува опасности од федерализација или кантонизација. Впрочем, „најпроблематичната“ точка од таа платформа, точката 1 гласи: Постигнување на целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот. Значи, согласно Уставот!

И проверката на тврдењето дека била загрозена независноста на РМ не покажа дека тврдењето на Иванов е точно. Независноста може да биде загрозена физички или суштински.

Физичка загорзеност колку што гледаме нема. Ниту има најава за такво нешто, зашто во спротивно би требало сите да знаеме дека некој собира војска или вооружени групи и се спрема да ја нападне РМ. Суштинската независност се цени по тоа дали институциите на државата и целата држава функционира според устав, закони и подзаконски акти што се носат во органите и телата на институциите и во највисоката од нив – Собранието на РМ. Одговорот е потврден.

Конечно, дали е загрозен суверенитетот? Зборот суверенитет има француски и латински корени, а во политичка смисла се толкува како „исклучиво право на врховна политичка (на пр. законодавна, судска, и/или извршна) власт над извесен географски регион, група на луѓе или себеси. Суверен претставува врховната законодавна власт, која не е подредена никому“.(извор)

Член 1 од Уставот на РМ наведува дека Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, а  во член 2 од Уставот е јасно наведено од каде доаѓа и кому му припаѓа суверенитетот:

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Заев му достави на Иванов потписи од 67 „демократски избрани претставници“ , Иванов не ја испочитува нивната волја, а погазувајќи го нивниот избор тој го погази и суверенитетот.

И конечно, која е гаранцијата дека во случај да се оди на нови вонредни парламентарни избори и во кои, во една претпоставена ситуација, повторно би имало ист или сличен распоред на силите (на што укажуваат анкетите), Иванов би ја почитувал народната волја. Напротив, сите елементи укажуваат на тоа дека многу поверојатно е дека повторно би ја погазил.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција