Ивица Боцевски: Владеењето на Груевски е авторитарно, мешавина од системите на Берлускони, Чавез и Путин

Ивица Боцевски: ВМРО-ДПМНЕ како Чавез и Путин, ВМРО-ДПМНЕ за напредок на општеството и за шанса на секого. Фото: НМ, принтскрин

 

Ова (владеењето на  Груевски – н.з) е друг тип на авторитарно владеење. Ова дури сега почнува да се опишува во теоријата. Имено, покрај тоа што демократските политичари ги користат модерните техники за промоција на своите цели, и оние од друг ков, недемократските политичари ги користат истите техники. Овој нов тип на владеење, во вид на задржување на демократската структура, но нејзино исполнување со недемократски елементи, во моментов се опишува со повеќе актери што сега се присутни на светската политичка сцена. Во најбенигната варијанта тоа е Силвио Берлускони, а во многу помалигна варијанта тоа се Хуго Чавез и Владимир Путин.

[ Извор: Фокус  Датум: 10.09.2010 ]

 

ОБВРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава актулниот советник во Кабинетот на претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, политикологот Ивица Боцевски ја даде  во интервју за неделникот „Фокус“ на 10 септември 2010 година, одговарајќи на прашањето: Како би го опишале режимот на Груевски, со оглед на тоа што оној на Црвенковски го дефиниравте како султанизам?“.

Во ова интервју Боцевски детално ја опишува сличноста на Груевски со Берлускони, Путин и Чавез:

Сличноста (со Чавез – н.з) е во злоупотребата на државната функција за користење на јавните средства што им стојат на располагање, ако сакате и со кампањите кои ги имавме во изобилство. Потоа и во злоупотребата на државните медиуми. Блискоста може да се најде и во партизацијата за која веќе зборувавме.

Сличностите (со Путин – н.з) се повеќе или помалку во сличниот институционален развој. Секое посткомунистичко општество остава зад себе можности за пробив на авторитарно-популистичко или недемократско владеење. Тоа зависи од многу фактори. Но, сличностите ги гледам во барањето за враќање на старата слава на Русија. Како што некои се уште овде се одушевени од старата слава на бивша Југославија, така некои се фасцинираат од антиката. Сличноста на Груевски со Путин е апсолутно и според партизацијата и односот кон медиумите. Еве уште една работа која е евидентна: И во Македонија се оневозможува да се појави и формулира алтернатива, и во општествена и во бизнис смисла. И тука се гледаат сличностите!

 … Сте слушнале ли за емисијата Ало, президенте? Секоја недела во 10 часот во Венецуела, Чавез има своја ТВ емисија. Пред извесно време предизвика меѓународен инцидент, затоа што среде емисијата доби информација од министерот за одбрана дека Колумбија прави некоја акција на границата. Тогаш Чавез, пред целиот ТВ аудиториум, во текот на емисијата нареди да се испрати цела дивизија на границата со Колумбија, со што го возбуди Вашингтон. Гледаме дека овие медиумски техники се користат и тука. Се на се, станува збор за задржување на демократската фасада, но, за типична авторитарна матрица на владеење, инструментално користена за репродукција на партијата! [Пристапено на: 18..12.2015]

Четири години подоцна Боцевски во колумна во весникот „Нова Македонија“ (12 декември 2014 година), искажа поинакво мислење за тоа како десничарската ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски, ја практикува власта.

Јас слободата и демократијата ги разбирам единствено како изградба на општество и држава каде што СЕКОЈ ќе добие еднаква шанса за успех, за да си го искаже своето мислење и за да си ги гради својот живот и семејство онака како што наумил. Во тој контекст, секогаш кога политичката борба во Македонија се изострува, па на едната страна ги имаме ВМРО-ДПМНЕ, а на другата страна СДСМ, јас својата поддршка ја давам за страната што се бори за среќата на секој поединец, за напредок на општеството и за шанса на секого, а во судирот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тоа е секогаш ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ми е врвен апсурд кога СДСМ и ним прикрепените општественици зборуваат за слобода, демократија и човекови права. Тие принципи во Македонија се возможни само кога и доколку СДСМ не е на власт. Тоа е партијата што се бори за привилегиите на македонската комунистичка и посткомунистичка врхушка и за нивното биолошко потомство. Сите ние преостанатите сме само епизодни ликови и бројчиња, од перспектива на Бихаќска. [Пристапено на: 18..12.2015]

Во овој исказ се забележува драсатична промена на ставот на Боцевски од  2010 година,  дека „владеењето на Груевски е нов тип на авторитарно владеење – мешавина од системите на Берлускони, Путин и Чавез“. Имено, според напишаното во колумната  од 2014 година, тој нема никакви дилеми дека во политичката битка би ја избрал ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, во неа ја гледа политичката опција која е посветена на прогресот на државата и го почитува правото на слободно изразување. Оттука јасно се гледа дека изјавата на Боцевски е недоследна.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција