Изборот на членови на Антикорупциска доцни и по стариот закон

Фото: pxhere.com

Пратениците, кога е во прашање комплетирањето на Антикорупциска имаат две дилеми, да се оди на избор по стариот модел или да се чека комплетна измена на законот. Но, тоа се чини е само видливиот дел од дилемите зашто решавањето на ова прашање наликува на решавање Рубикова коцка

 

Пратениците, кога е во прашање комплетирањето на Антикорупциска, имаат две дилеми, да се оди на избор по стариот модел или да се чека комплетна измена на законот. Но, тоа се чини е само видливиот дел од дилемите зашто решавањето на ова прашање наликува на решавање Рубикова коцка

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Новата година не донесе турканици само во трговските објекти, туку и на седницата на Комисијата за избори и именување во Собранието на РМ. Една од спорните точки е и изборот на членови на Антикорупциската комисија (ДКСК), која не се оствари и по ставањето на таа точка на дневен ред, бидејќи немаше договор околу тоа меѓу коалициските партнери. Конкурс за избор на членови имаше, кандидати имаше, ама точката се стави на опашката од дневниот ред, бидејќи, очевидно на 18 декември напладне имаше многу збунети погледи во сала број 4 во Собранието на РМ, каде вообичаено заседава споменатата комисија. Подоцна се објасни дека немало договор меѓу коалиционите партнери околу составот на телото.

Одлуката за распишување избор на членови за Антикорупциска се случи на 60-тата седница на Собранието на РМ и тоа според стариот закон на предлог на ВМРО ДПМНЕ. Поголем дел од старите членови, под притисок на јавноста, пролетоска си дадоа отставки (да потсетиме, тоа се случи заради злоупотреби со исплати на трошоци поврзани со нивната работа), па за да има колку-толку фер избори во иднина нужно е да имаме и вакво контролно тело!

 

АНТИКОУПЦИСКА ПО СТАР ИЛИ НОВ ЗАКОН

Иако од СДСМ признаваат дека при евентуални избори мора да има Антикорупциска комисија, неофицијалните информации од владејачката партија се дека не се запознаени со листата на кандидати за членови што се јавиле на конкурсот и дека одлуката ќе ја донесат откако ќе го видат списокот.

Реалните прогнози велат дека се мали шансите новиот Закон за спречување корупција да се донесе пред распишувањето на претседателските избори (февруари 2019 година). Впрочем, новата регулатива за спречување корупција, која предвидува поинакви и построги правила за избор на членовите на Антикорупциската комисија, сè уште е во прва фаза од собраниската процедура – во период кога парламентот има и други неодложни обврски, какви што се донесувањето на уставните амандмани и на буџетот за следната година. Претседателските избори, пак, би требало да бидат распишани во почетокот на февруари, од кога ќе почнат да течат и роковите за спроведување на изборните дејствија, така што е пожелно дотогаш да биде формирана Антикорупциска комисија.

Затоа се бараат решенија кои би можеле да значат интервенција и во важечкиот закон и во законот што е во процедура, за да се предвиди мандат од барем половина година или на членовите што ќе бидат избрани сега да им се овозможи да се кандидираат и на конкурсот што ќе биде распишан според новата регулатива.

Новото законско решение е во собраниска процедура и очекуваме постапката да биде ефикасна за до крајот на оваа година да биде донесено и да може што поскоро да се изберат членовите на Комисијата. Воспоставување транспарентна постапка при изборот на членовите на ДКСК, утврдување критериуми што ќе значат одделување на Антикорупциската комисија од политиката и нејзина независност, професионалност и посветеност на вистинска борба со корупцијата се дел од новините што ги предвидува предлог-законот за спречување корупција и судир на интересирече неодамна портапролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пред последната седница на Комисијата за избори и именувања.

 

СТАВОВИТЕ НА ЕКСПЕРТИТЕ

Во мигот Антикорупциска има само двајца членови  – Најдо Спасевски и Сузана Таскова-Аџикотарева, кои сите овие месеци фигурираа како функционери во ДКСК, која, пак, беше спречена да функционира и да носи одлуки.

Но, што велат експертите?

Тие најнапред инсистираат на јавен оглас, но со далеку построги критериуми – тоа е минимумот што мора да се смени при изборот на членови на Антикорупциската комисија за да биде функционална и оперативна. Кандидатите мора да се соочат јавно и транспарентно со пратениците, но и со граѓанскиот сектор, пред да се донесе одлука кој да биде именуван. Ова се само дел од ставовите на Ана Павлова Данева претставник на ГРЕКО за Македонија и Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

Сметам дека кандидатите треба да се бираат преку јавен оглас, но критериумиоте мора да бидат далеку посторги. Во однос на тоа дали ќе ги бира позиција или опозиција, станува збор за политички договор. Во секој случај избраните кандидати би биле политички определен близок до некоја гарнитура, вели Данева.

Не само комисиски распит, туку и распит пред пратениците за секој кандидат. Тука мора да се вклучат и граѓанските организации за да не се повтори случајот со Слаѓана Тасева која Собранието ја исфрли од трката за претседател на ДКСК, смета Поповиќ.

Во однос на составот и бројноста на Антикорупциска двајцата имаат различни ставови. Данева смета дека решение е и формирање на Агенција со еден директор, кој би ја понел одговорноста, додека за Поповиќ е императив да се намали бројот на членови од сегашните седум.

Според постоечките законски регулативи, членовите на Антикорупциска се избираат со просто мнозинство, а единствените услови што ги бара законот се да се државјани на Република Македонија со завршено високо образование од областа на правните и финансиски работи и антикорупцијата, да уживаат углед во вршењето на функцијата и да имаат најмалку осум години работно искуство. Претседателот се бира од редот на членовите и има мандат од една година.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнел“ цени дека Антикорупциската комисија треба да има пристап до сите потребни бази на податоци и да може да доставува барања до сите институции, вклучително и до банките, кои ќе ѝ даваат информации за банкарските сметки на носителите на функции.

Проверката на имотната состојба е поврзана со проверката на судирот на интереси, затоа што носителите на функциите не ги пријавуваат интересите вклучително сопственоста на компании кои подоцна се јавуваат во различни постапки, рече Тасева.

Илина Мангова, директорка на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), на отворањето на една од многите дебати организирани по ова прашање, истакна дека за да има успех во борбата против корупцијата потребно е да има политичка волја. Условеноста за пристапување во ЕУ, како што рече таа, се покажало како клучен фактор за придвижување на овој процес, а тука, како што додаде, важни се и човечкиот фактор и јавноста.

 

ШТО МИСЛИ ВЛАДАТА?

Воспоставување транспарентна постапка при изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и утврдување критериуми што ќе значат одделување на ДКСК од политиката, се дел од новините што ги предвидува предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Еден од критериумите за избор на член или претседател на Антикорупциската комисија е тоа лице да не вршело политичка функција во Владата, во Парламентот, ниту да било донатор на политички партии во последните 10 години, изјави министерката за правда Рената Дескоска, додавајќи дека тие лица не треба да се тесно врзани со политичките партии.

Јасно е дека сите размислувања за тоа како треба да изгледа и како да работи оваа Комисија сега паднаа во вода и не се актуелни. Како и да се земе, на партиите им одговара тие да ги бираат членовите на ова тело. Затоа Законот за медиуми е блокиран со над стотина амандмани на опозицијата, а со тоа се чува местото на „старата гарда“ во ААВМУ. Кај изборот на членови на ДИК мораше да се оди со старото решение (за што опозицијата се согласи веднаш), а се чини оваа инерција се сопре само со фактот што оставката на поголем дел од досегашниот состав на Антикорупциска ја оневозможи таквата имитација во решавање на клучните кадровски решенија и кај ова тело.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.