Изградбата на десниот фекален колектор на реката Вардар сè уште не е почната

Крајната цел на колекторите е чист Вардар. Фото: commons.wikimedia.org

Ветување: Изградба на главен фекален колектор на десниот брег на реката Вардар во должина од 3,3 километри, почнувајќи од бул. „Србија“ до препумпна станица во горно Лисиче.

Град Скопје ќе го реализира овој проект во соработка со Владата на РМ и со средства обезбедени од програмата „Орио“. (Вредност на изведбата: 5.500.000 евра)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградба на главен фекален колектор на десната страна на реката Вардар во Скопје,  е ветено во предизборната програма на Коце Трајановски (стр.61) и ова негово изборно ветување не е реализирано, иако дел од подготвителните активности се започнати, односно се при крај.

За да го потврдиме во целост овој заклучок, изведен претходно од длабинска интернет проверка на сајтот на Град Скопје, он-лајн медиумите, сајтот на Општина Аеродром и следејќи го Отчетот на Град Скопје за периодот 2013-2017 г.,  „Вистиномер“ се обрати и до Службата со односи со јавност во град Скопје, при што го добивме следниот одговор:

Град Скопје во изминатиот период заврши голем дел од процедурите кои беа неопходни да се спроведат за да се обезбеди почнување на работите за реализација на фекалниот колектор не само на десната страна, туку и на левата страна на Вардар. Беше обезбедено финансирање преку ИПА фондовите на Европска унија и затоа постапно мораше во овој временски меѓупериод да се спроведе техничко-документационата процедура. По обезбедувањето на финансиските средства, заедно со Унијата беа спроведени постапки за изготвување на проектна документација, евалуација на проектните решенија, обезбедување на сите дозволи и одобренија, и на крајот тендерската постапка за избор на изведувач која беше спроведена од страна на ЕУ, а со учество на преставници на Град Скопје. Значи се очекува, согласно протоколите, наскоро, да почне и реализацијата на проектот. Поради природата на финасирањето на проектот од ИПА фондовите, повеќе детали би можеле да добиете во Канцеларијата на ЕУ за Република Македонија.

Град Скопје, како што може да се види во Отчетот, во мандатот на Советот и на Коце Трајановски,  реализирал (најмалку) шест помали или средно големи фекални колекторски системи во должина некаде од околу 10-тина километри. Во овој документ е наведено дека од 2013 г. до јуни 2017 г., биле изградени или реконструирани нешто над 39 илјади метри (над 39 километри), фекална канализација. Она што е презентирано е дека се иградени или реконструирани фекални колектори парцијално во одделни делови од градот, булевари или населби. Од Оделнието со односи со јавност наведуваат дека не се ставени сите проекти на фекалната канализациона мрежа, но, како и да е, во Отчетот нема податок дека е изграден главниот фекален колекторски систем од десната страна на Вардар во должина од 3,3, километри, што беше и повод да извршиме проверка на овој проект.

Во 2014 година при започнувањето на изградбата на фекалниот колектор за новопроектиранта населба Сончев Град, Трајановски го споменува и овој колектор, како приоритет. Но, подоцна работите забавиле, односно до моментот кога е пишуван овој текст (18.09.2017), се стигнати до техничка документација и до тендерските постапки.

Во ветувањето што го анализираме е наведено дека ќе се спроведе со финансиски средства од Владата и од програмата „Орио“, за што наводно веќе биле обезбедени средства. Програмта Орио е фонд кој се полни од Кралството Холандија и е наменет за користење од страна на единиците на локалната самоуправа, но апликант за средствата е соодветното Министерство од страна на Владата. Но, според одговорот што го добивме од Град Скопје, планот во меѓувреме бил променет и финансиската конструкција е затворана со помош на ИПА фондовите..

Една од причините зотшто го проверивме ова ветување е фактот што овој колекторски систем на десната страна од Вардар, како и соодветен на левата, се важни, зашто тоа се главните собиралишта на фекална вода на излезот од Скопје, кои  еден ден треба да се слеваат во главната пречистителна станица, што треба да се гради кај Трубарево. Според еден документ од Град Скопје, тоа треба да биде завршено некаде до 2040-тата година, иако уште во 2012 година е дадена поддршка од Советот на Град Скопје, а тогашното раководство на „Водовод и канализација“ Скопје, ја најавуваа како инвестиција што ќе се реализира уште во 2013 година.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски