ВМРО-ДПМНЕ: Изградба на катни гаражи во Скопје

Со цел олеснување на сообраќајот во Скопје и обезбедување на над 2.500 паркинг-места, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во соработка со ЈПССДП, градот Скопје и општина Центар ќе се преземат активности за градба на следните катни гаражи во центарот на Скопје:

  • Катна гаража кај зградата на Холокауст – предвидено е да има паркинг-простор за околу 240 возила. Вредноста на овој проект е околу 3,4 милиони евра, а средствата ќе се обезбедат од ЈПССДП на РМ и домашните комерцијални банки. [Рок: октомври 2012]
  • Катна гаража кај Работнички дом – предвидено е да има паркинг- простор за околу 600 возила. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува околу 11,9 милиони евра. Средствата во висина од 30% ќе се обезбедат од ЈПССДП на РМ, а останатите средства ќе се обезбедат од домашните комерцијални банки. [Рок: март 2013]
  • Катна гаража кај административната зграда на АД Пошта – се планира да има капацитет од околу 280 возила. Вредноста на овој е околу 6,5 милиони евра, а средствата во висина од 30% ќе се обезбедат од ЈПССДП на РМ, а останатите средства ќе се обезбедат од домашните комерцијални банки. [Рок: август 2012]
  • Катна гаража кај Судска палата – ќе има капацитет од околу 550 паркинг-места. Вредноста на овој е околу 5,7 милиони евра, а ќе се финансира половина од домашните комерцијални банки, а останатите средства од Буџетот на општината Центар. [Рок: декември 2012]
  • Катна гаража кај поранешната зграда на „Нова Македонија“ – предвидено е да има капацитет од околу 150 паркинг-места. Проценетата вредност на оваа катна гаража изесува 2,6 милиони евра, а 50% од инвестицијата ќе биде обезбедена од домашните комерцијални банки, додека останатите средства се од буџетот на општината Центар. [Рок: јуни 2013]
  • Катна гаража пред сегашниот Цветен пазар – предвидено е да има капацитет од 440 паркинг-места. Вредноста на овој проект е околу 10,7 милиони евра, а истиот ќе се финансира од домашните комерцијални банки во вредност од 3,7 милиони евра, а остатокот на средствата од буџетот на Градот Скопје. [Рок: декември 2013]
  • Катната гаража пред новата зграда на Министерството за финансии ќе има капацитет од 605 возила. Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 15 милиони евра. Проектот ќе се финансира 1/3 од задолжување кај домашните комерцијални банки, а 2/3 од буџетот на Градот Скопје. [Рок: декември 2013]

Образложение:

Изградбата на катната гаража кај административната зграда на АД Македонска пошта  е започната во август 2011 година. Најавено е дека изградбата на оваа катна гаража ќе трае 2 години.  Според отчетот на работењето на Владата  на РМ за 2011-2012 (до 20.07.2012) оваа катна гаража се уште е во фаза на градба. [Ажурирано на: 07.09.2012]

Потпишан е договор за изградба на катна гаража во близина на Холокаустот во Скопје, со италијанската градежна фирма “Ламоде мореда”. Иако рокот за исполнување на ова ветување е октомври 2012 година, до сега е само потпишан договор за градба и затоа овој дел од ветувањето се оценува како неисполнет. [Ажурирано на: 27.12.2012]

На ден 04.02.2013 поставени се темелите на катната гаража во центарот на градот Скопје, до зградата на поранешна „Нова Македонија“. Според најавите катната гаража треба да биде завршена за 12 месеци.

Во Отчетот за сработеното на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „Инфрструктура“, за проект „ Изградба на катни гаражи во Скопје“, е наведено:

Досега преку отуѓување на градежно земјиште со намена за изградба на катни гаражи, од страна на приватни инвеститори беа изградени три катни гаражи во Скопје со вкупно 604 паркинг-места. Исто така во соработка со градот Скопје и општината Центар ги завршивме и изградбата на катните гаражи кај поранешната локација на Цветен пазар со вкупно 445 паркинг-места и кај Судска палата со вкупно 500 паркинг-места

Во фаза на изградба се и следниве катни гаражи во Скопје кои ги реализираме во соработка со АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор и градот Скопје:

  • Кај зградата на Холокауст, рок: септември 2015
  • Кај Работнички дом, рок:  октомври 2014
  • Кај административната зграда на АД Пошта, рок:  мај 2014,
  • Пред новата зграда на Министерство за финансии, рок: септември 2014

Во ноември 2013 година, Општина Центар на предлог на градоначалникот Андреј Жерновски ја прекина изградбата на катната гаража кај НИП „Нова Македонија“. Таа нема да продолжи да се гради, а парите од општинскиот буџет ќе бидат прераспределени за изградба на училиште во Капиштец.

Со оглед на сето ова, може да се констатира дека ветувањето : „Изградба на катни гаражи во Скопје“, е делумно исполнето.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција