Изградбата на шесте автопати ВМРО-ДПМНЕ ја ветува трипати

Истите автопати Груевски ги ветува во три изборни програми од 2011 до 2016 година; Груевски во „инспекција“ на градежните зафати на патот Демир Капија-Смоквица Фото: Принтскрин

 

Изградбата на шесте автопати  споменати во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (2017- 2020) „Реално“ , владејачката партија ја ветува третпат во изминатите пет години (2011 – 2016). Автопатските делници: Демир Капија – Смоквица  , Миладиновце – Штип, Кичево – Охрид,  Гостивар и Охрид, Требеништа – Струга и Скопје – Блаце,  ги ветува три изборни циклуси и тоа за предвремените парламентарни избори во 2011 година, за предвремените избори 2014 година и сега, за изборите закажани за 11 декември оваа година (2016).  Овие инфраструктурни објекти се наведени најнапред во Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Автопати , стр 64), потоа три години подоцна во 2014 година во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 50) и третпат во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура, стр.56). Ваквиот потег  со кој  фактички се „рециклираат“ истите ветувања го сметаме за некоректен.

Еве што пишува за овие проекти  во трите изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ (од 2011, 2014 и 2016 година):

  1. Демир Капија – Смоквица (започнат во 2012 година  )

За овој проект во Манифестот за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Автопати , стр 64) е наведено:

 Демир Капија – Смоквица

Во изминатиов период ја обезбедивме финансиската конструкција за доизградба на Коридорот 10, клучниот транс- портен коридор за Република Македонија. Потпишани се сите договори со сите европски финансиски институции кои учествуваат во овој проект. Во следниот период ќе го изградиме овој коридор. Проектот е со вкупна вредност од 270 милиони евра и ќе се реализира со средства од Владата на Република Ма- кедонија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и грант од ИПА-фондовите на ЕУ. Предвидено е договорот за изградба на делницата во должина од 28,2 км да се склучи до крајот на 2011 година. Проектот предвидува изградба на 6 мостови во вкупна должина од 2,3 км, меѓу кои ќе го изградиме и најдолгиот мост во државата во должина од 850 метри, како и 2 тунели во должина од 2,55 км. Тунелите се проектирани со- гласно со европски стандарди со излези за во случаи на итност, современ систем на вентилација, осветлување и видеонадзор кој ќе се контролира од посебен центар во Неготино. Овој центар ќе прерасне во контролен центар за целиот Коридор 10 од Табановце до Богородица.  (Р о к : ј у л и 2 0 1 2 – д е к е м в р и 2 0 1 8 г о д и н а ).

 За споменатиот проект во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 50) се вели:

 ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ ДЕМИР КАПИЈА–СМОКВИЦА

Изградбата на нов автопат од Демир Капија до Смоквица во должина од 28,2 км претставува прв голем проект кој се реализира со финансиска поддршка преку инструментот ИПА на Европската Унија. Проектот опфаќа из- градба на 2-двоцевни тунели, 6 моста, 2 клучки, 5 надвозници, 7 подвозници, стотина пропусти и други објекти. Со реализацијата на овој проект, Паневропски коридор 10 комплетно ќе се издигне на ниво на автопат. Буџет: 210 милиони евра  (РОК ЗА ИЗГРАДБА: 2016 година)

За истиот проект во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.56) се посочува:

ИЗГРАДБА НА АВТОПАТ ДЕМИР КАПИЈА–СМОКВИЦА (ДЕЛНИЦА ОД АВТОПАТ „АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ“)

Во 2012 година започна изградбата на новиот автопат Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 км како дел од Коридорот 10. Проектот предвидува изградба на 2 двоцевни тунели, 6 моста, 2 клучки, 5 надвозници, 7 под- возници и други придружни објекти. Буџет: 217 милиони евра   (Р О К : мај 2 0 1 7 година)

 

  1. Автопат Миладиновце – Штип (започнат 2014 година)

За овој проект во Манифестот за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Автопати , стр 65) е наведено:

 Скопје (почетна точка кај с. Миладиновце)-Штип

Проектот за изградба на автопат од Скопје до Штип по траса на потег од Миладиновце преку Св. Николе до Штип претставува целосно ново решение за поврзување на источниот дел од државата со главниот град, преку автопат во должина од 49 км. За новиот автопат во завршна фаза е изработката на главен проект со ширина од 28,4 м и тоа две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти во еден правец со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м, како и една разделна лента помеѓу двата коловоза. Трасата започнува од клучка кај Миладиновце, потоа продолжува помеѓу населените места Сушица и Дивје, до најниска точка на превојот Дервен. Трасата минува и меѓу Малино, Крушица и Преод. Трасата продолжува со следење на веќе изградениот пат Св. Николе–Кадрифаково, минува јужно од населените места Ерџелија, Мустафино, и северно од Пеширово и Амзабегово. Понатаму, помеѓу населените места Вршаково и Криви Дол, следејќи го постојниот пат продолжува кон Штип. Крајот на трасата на автопатот завршува на новата локација на клучката Три Чешми, преку кој сеобезбедува врска со патните правци кон Кочани и Струмица. На овој автопат предвидени се седум клучки и тоа кај: Миладиновце, Средно Коњаре, Преод, Св. Николе север, Св. Николе југоисток, Кадрифаково и Три Чешми. Вкупната вредност на проектот се проценува на околу 250 милиони евра. Доколку постапката за концесија на на- ведените делници не биде успешна т.е. не се добијат добри финансиски понуди, за изградба на делниците ќе се бараат други алтернативни начини на финансирање. ( Р о к : 2 0 1 2 – 2 0 1 8 г о д и н а ).

Во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 50) се вели:

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ МИЛАДИНОВЦИ (СКОПЈЕ)–ШТИП

Во почетокот на 2014 година започна реализацијата на автопатот од Скопје до Штип. Трасата од Миладиновци преку Свети Николе до Штип претставува целосно ново решение за поврзување на источниот дел од државава со главниот град. Автопатот е во должина од 47 км и на него ќе се изградат седум клучки, и тоа кај: Миладиновци, Средно Коњаре, Преод, Свети Николе север, Свети Николе југоисток, Кадрифаково и Три Чешми, 8 надвозници и 5 подвозници, како и 10 армирано-бетонски мостови и вијадукти. Буџет: проектиран буџет 206 милиони евра (Рок за изградба: 2017 година)

 Во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.57) се посочува:

ИЗГРАДБА НА АВТОПАТ МИЛАДИНОВЦЕ – ШТИП (АВТОПАТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“)

Градежните работи на овој автопат започнаа во мај 2014 година. Ова е комплетно нов автопат што се гради во Источна Македонија. Неговата должина изнесува 47 километри, широчината е 27,4 метри со две коловозни ленти широки по 10,7 метри и 6 метри зелен појас меѓу нив. На автопатот ќе се изградат седум клучки и тоа кај: Миладиновци, Средно Коњаре, Преод, Свети Николе–Север, Свети Николе–Југоисток, Кадрифаково и Три Чеш- ми, потоа 10 мостови, 8 надвозници и 5 подвозници. Буџет: 206 милиони евра (Р ок: септември 2 0 1 7 година)

 

  • Автопати: Гостивар и Охрид; Кичево –Охрид и Требениште–Струга

 За изградбата на овие автопатски делници од Коридорот 8  во Манифестот за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Автопати , стр 65) е наведено:

 Автопатско поврзување помеѓу Гостивар и Охрид, со крак кон Албанија

 Гостивар – граница со Р. Албанија (кај Ќафасан) вклучувајќи ги Требениште-Охрид, Требениште –Струга и Струга –Подмоље Трасата на наведените делници од Коридорот 8 поминува преку Букојчани, Кичево до Требеништа. Понатаму се издвојуват патни краци од Требениште кон Охрид и кон Струга, како и поврзување на Струга со Подмоље. Вкупната должина на овој патен правец од Коридорот 8 е 128 км. Автопатското решение предвидува изградба на коловоз со по 2 ленти со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м, во секој правец. Вредноста на проектот е околу 490 милиони евра. Изградбата на овој патен правец е дел од проектот за давање на патиштата под концесија. Доколку постапката за концесија во која е опфатена и оваа делница не биде успешна т.е. не се добијат прифатливи финансиски понуди, за изградба на делниците ќе се бараат други алтернативни начини на финансирање. Притоа, ќе се изработи нова динамика за постапна доизградба на западниот дел од Коридорот 8, почнувајќи со делници на југозападниот дел. (Р о к : 2 0 1 3 – 2 0 1 8 г о д и н а ).

 

  1. Автопат Кичево – Охрид (започнат во 2014 година)

 

За автопатот Кичево –Охрид во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 51) се вели:

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД

Со овој проект, со кој се врши изградба на Паневропскиот коридор 8, ќе се овозможи подобро поврзување на Охрид и Струга со Скопје и подобро поврзување на Република Македонија со Албанија, Италија и со Грција. Тра- сата поминува од Кичево преку Требеништа кон Охрид со должина од 57 км. Автопатското решение предвидува изградба на коловоз со по 2 ленти со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м во секој правец. На трасата ќе се изградат 6 надвозници и 13 подвозници, вкупно 22 вијадукти, 7 армирано-бетонски мостови, како и најдолгиот тунел во Република Македонија, кај Пресека, во должина од 1.990 метри. Буџет: проектиран буџет 374 милиони евра  (Рок за изградба: 2018 година)

За овој автопат во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.57) се посочува:

 ИЗГРАДБА НА АВТОПАТ КИЧЕВО–ОХРИД (ДЕЛНИЦА ОД АВТОПАТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“)

Автопатот од Кичево до Охрид е комплетно нов автопат во должина од 57 километри и широчина од 26 метри што се гради во Западна Македонија. Овој автопат е дел од Паневропскиот коридор 8. На автопатот ќе се изгради најдолгиот тунел во Република Македонија во должина од 1990 метри, потоа 7 мостови, 6 надвозници, 13 подвозници, 22 вијадукти. Буџет: 374 милиони евра (Рок: март 2018 година)

 

  1. Автопат Гостивар – Кичево

 

За автопатот Гостивар – Кичево во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 51) се вели:

 ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО

Автопатското решение предвидува изградба на коловоз со по 2 ленти со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м во секој правец. Голем дел од техничката документација е изработена, а во моментов во соработка со меѓународната финансиска корпорација ИФЦ (IFC) се прават финансиски и технички анализи за можноста овој автопат да биде изграден по пат на јавно-приватно партнерство. Овој проект, доколку има интерес од приватниот сектор и доколку биде успешен повикот, ќе се реализира по пат на јавно-приватно парт- нерство. Во случај да нема заинтересираност, ќе се разгледуваат алтернативни можност за изградба на овој автопат.

За овој автопат во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.57) се посочува:

 ИЗГРАДБА НА АВТОПАТ ГОСТИВАР–КИЧЕВО (ДЕЛНИЦА ОД АВТОПАТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“)

Овој автопат е во должина од 42 км, предвидува изградба на коловоз со две ленти со широчина од 3,75 метри и по една застанувачка лента од 2,5 метри во секој правец. Планирано е изградбата да се одвива во три фази: Прва фаза: Кичево–Букојчани се започна со изработка на проект за изградба во 2016 година, за втората фаза: Букојчани–Горна Ѓоновица се очекува да се обезбедат грант-средства во 2017 година за изработка на основен проект и за третата фаза: Горна Ѓоновица–Гостивар подготвена е апликација за обезбедување на грант-средства во износ од 1,6 милиони евра за изработка на основен проект. Проектот ќе се реализира преку ЈПП, доколку нема интерес тогаш ќе се разгледаат и други модели на финансирање. Буџет: проценета вредност од 350 милиони евра (Рок: Декември 2020 година)

 

  1. Автопат Требениште – Струга

 

За автопатот Требениште – Струга во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 51) се вели:

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА АВТОПАТСКА ДЕЛНИЦА ТРЕБЕНИШТЕ–СТРУГА

Делницата Требениште–Струга е со должина од околу 8,5 км. Автопатското решение предвидува изградба на коловоз со по 2 ленти со ширина од 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м, во секој правец. Проектот ќе се финансира со средства од ЕБОР. Буџет: проценета вредност 45 милиони евра (РОК: 2016–2018)

За овој автопат во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.57) се посочува:

 ИЗГРАДБА НА АВТОПАТ ТРЕБЕНИШТЕ–СТРУГА

Овој автопат ќе биде во должина од 8,5 километри. Се планира изградба на коловоз со по две ленти од 3,75 метри и една застанувачка лента од 2,5 метри во секој правец. Проектот ќе се финансира со средства од ЕБОР. Буџет: проценета вредност од 45 милиони евра (РОК: Декември 2018 година)

 

  1. Автопат Скопје – Блаце

 

За овој проект во Манифестот за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Автопати , стр 66) е наведено:

Скопје (од место Стенковец) – до граничен премин Блаце (граница со Косово)

Со изградбата на оваа делница автопатски ќе се поврзе Скопје со границата со Република Косово. Трасата почнува од Обиколницата на Скопје и се движи кон границата со Косово кај Блаце. Патниот правец е со вкупна должина од 13 километри и претставува дел од главната рута од Скопје до Приштина. Вкупната ширина на патот е предвидено да биде 27,4 м и тоа две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти во еден правец по 3,75 м и по една застанувачка лента со ширина од 2,5 м, како и разделна лента помеѓу двата коловоза. Вкупната вредност на проектот е 69 милиони евра. Изградбата на овој патен правец е дел од проектот за давање на патиштата под концесија. Доколку постапката за концесија во која е опфатена и оваа делница не биде успешна т.е. не се добијат добри финансиски понуди, за изградба на делниците ќе се бараат други алтернативни начини на финансирање. (Р о к  з а  и з г р а д б а : 2 0 1 3 – 2 0 1 8 г о д и н а ).

За овој автопат во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура,  стр. 51) се вели:

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА АВТОПАТСКА ДЕЛНИЦА СКОПЈЕ-БЛАЦЕ

Изградбата на оваа делница на ниво на автопат ќе придонесе за зголемена соработка и трговска размена со Косово. Оваа делница ќе биде со должина од 13 километри и широчина од 27,5 метри. Изработена е проектна документација за околу 11 км, а преку ВБИФ (WBIF) ќе се доработи проектот кај граничниот премин Блаце и клучката Стенковец. Во моментов се прават анализи со меѓународната финансиска корпорација ИФЦ (IFC) за можноста овој проект да биде реализиран по пат на јавно-приватно партнерство. Овој проект, доколку има интерес од приватниот сектор и доколку биде успешен повикот, ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство. Во случај да нема заинтересираност, ќе се разгледуваат алтернативни можност за изградба на делницата.

 

 За овој автопат во изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.57) се посочува:

ИЗГРАДБА НА АВТОПАТ СКОПЈЕ–БЛАЦЕ

Овој автопат ќе придонесе за подобра комуникација со Косово. Автопатот ќе биде во должина од 13 километри и широчина од 27,5 метри. Поднесена е апликација за грант од 1,2 милиони евра за комплетирање на целокупната техничка документација. Се очекува проектирањето да започне во 2018 година. Ќе се разгледа можноста изградбата на овој автопат да се реализира преку ЈПП, доколку нема интерес тогаш ќе се разгледаат и други алтернативни можности на финансирање. Буџет: 70 милиони евра (Рок: 2020 година)

 

ИЗВОРИ:

  • Изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Патна инфраструктура стр.56)[Пристапено на: 24.11.2016]

 

Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција