Изграден паркот на ветерни електрани „Богданци“

Првата „ ветерна фарма“ во Македонија Фото: Скриншот

 

Паркот на ветерни електрани (ПВЕ) Богданци е започнат со реализација со потпишување на Договор за заем со KFW банка и претставува прв парк на ветерни електрични централи во Македонија. Преку производство на „зе- лена“, односно еколошки најприфатлива електрична енергија, паркот на ветерни електрани не само што ќе го подобри енергетскиот капацитет на земјата туку во следниот период ќе биде и значаен промотор на Македонија на know-how технологија. Инсталираната моќност на ветерниот парк ќе изнесува 36,8 MW и годишно производство на електрична енергија од околу 100 GWh за македонските потрошувачи. Градежните активности ги започнавме во 2013 година и во моментот сите 16 ветерни турбини се подигнати. Планирано е примопредавање, пробна работа и поврзување на електроенергетскиот систем во периодот мај/јуни 2014 година. (Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 56 милиони евра. Буџет: во 2014 година е планирано да се инвестираат 22.000.000 евра, Рок: Започнат 2 0 1 3 – ќе се  заврши 2 0 1 4 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Паркот на ветерните електрани „Богданци“ е исполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Овој проект владејачката партија првпат го најави пред пет години, во Програмата со која излезе на предвремените парламентарни избори во 2011 година, „Манифест за реформи и развој“ (стр.127). Но, не успеа да го реализира во мандатот 2011 – 2014 година, па потоа истиот проект го вети и во Изборната програма  за предвремените парламентарни избори во 2014 година „Проверено“ (стр. 125).

Слободната енциклопедија Википедија  за Паркот  на ветерни електрани, пишува дека е

 познат и како Ветропарк „Богданци“ — единствен ветропарк во Македонија, сместен крај Богданци. Започнал со градба во мај 2013 година и бил завршен за нешто помалку од една година, во февруари 2014 година.

Ветерниците во Богданци, инаку,  беа пуштени во пробна употреба пролетта 2014 година. Во мај истата година од ЕЛЕМ соопштија дека  паркот на ветерни електрани „Богданци” за педесетина дена, откако почнал со пробно производство на електрична енергија, испорачал повеќе од 7 гигават-часови струја во електроенергетскиот систем на Македонија.

Во јули 2015 година Паркот на ветерни електрани  лоциран во месноста Ранавец крај Богданци, влезе во редовно производство на електрична енергија. Како што беше тогаш соопштено, во периодот од вклучувањето во пробна работа во април 2014 година, до почетокот на јули  2015 година, овој капацитет, иако во тест производство , кон електроенергетскиот систем на земјава испорачал над 135 илјади мегават-часови електрична енергија. Во паркот има 16 ветерници чие поставување заврши на 20 февруари 2014  година, а за  реализација на проектот пред фазата на монтажа на ветерниците се изградени 20/110 киловолтна трафостаница, 110 киловолтен далекувод во должина од 11,8 километри, пристапни патишта, изградба на приклучно поле во КС 110/35/10 киловолти во Валандово и изградба на командна зграда.

Овој енергетски капацитет само во првите 11 месеци од работењето го испорача проектираното годишно производство од 100 илјади мегават часови.

 Во првата половина од годинава (2015) ветерниот парк „Богданци“ произведе 65 илјади мегават часови електрична енергија односно 70 отсто од вкупно планираното производство за годинава. Паркот на ветерници со производство од најмалку 100 гигават часови природно одржлива енергија веќе ги снабдува домаќинствата на преку 60 илјади граѓани на Република Македонија или еден поголем град како Прилеп, Куманово, Тетово, Гостивар. Во основа годишното производство од овој капацитет е речиси еднакво на потребите на потрошувачите од Богданци, Гевгелија и Дојран.

Така што, изборното ветување:  „ПАРК НА ВЕТЕРНИТЕ ЕЛЕКТРАНИ БОГДАНЦИ “,  се оценува како исполнето.

Забелешка

Ова  ветување Вистиномер првпат го анализираше во април  2014 година (како проект од изборната Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011-2015) „Манифест за реформи и развој стр.127), и тогаш беше оценето како „неисполнето“

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска