Изграден патот до езерото Мантово

Речиси 383.000 евра потрошени за патот од 4,5 километри. Фото: Општина Штип

Проект: Реконструкција и изградба на локален пат од М-6 до вештачка акумулација „Мантово“ (поврзување со општина Конче)
Реконструкцијата и изградбата се однесува на патна инфраструктура во
должина од 4,5 км. (Средства: 25.100.000,00 денари, Извори на финансирање: Буџет на РМ, Рок: 2013 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 66-та страница од изборната програма со која на локалните избори во 2013 година ја бараше довербата на граѓаните на Општина Штип за градоначалничката функција, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Илчо Захариев, вети и реконструкција и изградба на локалниот пат до вештачкото езеро „Мантово“, наведувајќи ја како рок 2013 година, односно најдоцна до крајот на таа година. Според утврденото, ова ветување на Захариев е исполнето.

Овој пат има интересен историјат. Плановите да се изгради и асфалтира патот од 20-от километар на патот Штип-Радовиш-Неготино се уште од 2010 година, во мандатот на претходникот на Захариев, Зоран Алексов. Тој на 22 јуни 2010 година посочува дека станува збор за уште 4,5 километри пат кој треба да се асфалтира. Речиси два месеца подоцна, читаме за конкретни активности што се преземаат на тој план. Во текст објавен на 11 август 2010 година читаме дека во тој момент неасфалтирани од патот Штип-Неготино до браната Мантово се 7,5 километри, од кои 4,5 на територијата на Општина Штип, а останатите на територијата на Општина Конче. Дознаваме дека претходниот ден екипи на јавното претпријатие „Штип проект“ излегле на терен и почнале со премер за изработка на проект за асфалтирање на штипските 4,5 километри. Се вели дека ако сè биде в ред и ако се најдат пари „зафатите би биле идната пролет откако претходно „Штип проект“ ќе ја изработи целокупната документација“. Се посочува дека со асфалтирањето на тој пат многу ќе се скрати патувањето на жителите на општина Конче кон Штип, односно тие повеќе не ќе мора да одат преку Радовиш за да стасаат до Штип. Исто така, со асфалтирањето на патот, езерото Мантово ќе стане многу полесно достапно за штипјани.

Две години после претходната статија доаѓаме до нова вест за патот до Мантово – дека се добиени пари од Владата и дека таа година (2012) патот ќе се тампонира, а во годината потоа ќе почнат со работа асфалтните бази и ќе се врши асфалтирање.

Сепак, стартот на проектот  се случи во мандатот на Захариев, односно на самиот негов почеток. На 19 април 2013 година, Захариев излегува на терен за да се информира за состојбата и вели дека до 1 јуни (2013), патот ќе биде во функција.

Но, патот е пуштен во употреба  на 17 ноември 2013 година. Притоа, од веста дознаваме дека за овој пат биле потрошени 23,6 милиони денари, односно речиси 384.000 евра за 4,5 километри, односно 85.000 евра за километар, а благодарение на новиот пат жителите на општина Конче ќе имаат 25 километри помалку да изминат за да стасаат до Штип.

Интересно е што на 7-та страница од отчетот на Илчо Захариев за периодот 2013-2015 година, каде што овој проект е наведен како прв од реализираните проекти, се наведува дека изградбата чинела речиси 500.000 евра, односно 111.111 евра по километар.

АСФАЛТИРАН ПАТОТ  ДО БРАНАТА „МАНТОВО“
Со овој проект е обезбеден пристап и брз излез на сите возила на вештачката акумулација Мантово.
Општината Штип изгради 4,5 километри од патот што се во надлежност на општината. Проектот е вреден околу 500.000 евра, а средствата беа обезбедени преку ЈП за државни патишта.

Според утврденото, ветувањето „ Реконструкција и изградба на локален пат од М-6 до вештачка акумулација „Мантово“ “,   е исполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски