Изградена е филтер-станицата во виничко Трсино

Од пуштањето во употреба на филтер-станицата Фото: веб-страница на Општина Виница

 

Изградба на филтер-станица во Трсино

 [Извор: Изборна програма на Ивица Димитров за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Виница за сите“ (стр:11 и 30) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот  на Општина Виница, Ивица Димитров дека ќе биде изградена филтер-станица во Трсино, дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), е исполнето. Проектот е дел од неговата предизборна програма „Живот во Виница за сите“ , дадено најпрво на стр.11 во општиот дел каде се говори за проектите на новиот градоначалник, а потоа и на стр.30 во делот „Месни  проекти“.

Филтер-станицата во Трсино е изградена  и пуштена во употреба кон крајот на март ова година (2019), со што се решени проблемите за снабдување со чиста и здрава вода за пиење.

Инсталираната опрема набавена од Израел е со капацитет од 10 литри во секунда и комплетно ќе ги задоволува потребите за квалитетно филтрирана питка вода за жителите на село Трсино, маалата Максимци, Софинци, Саисци. Како што информираше, претседателот на Месната заедница во Трсино, Зоран Ристовски на официјалното пуштање во употреба:

Вкупната инвестиција во овој проект е над седум милиони денари, од кои една четвртина е учество на Општина Виница, а останатите средства се од Светска банка. По долгогодишните проблеми со неисправност во водоснабдувањето на домаќинствата, конечно преку 700 жители на нашето село добиваат здрава и чиста вода за пиење. Бенефитот ќе го почувствуваме веднаш

Информација и фотографии  за изградбата на овој објект беа објавени на веб-страницата на Општината и  во дел од медиумите.

Филтер-станицата во Трсино се споменува и  во Отчетот за едногодишното работење на градоначалникот на Виница Ивица Димитров, каде, меѓу другото, е наведено дека е решен проблемот со бактериолошки неисправната вода за пиење во ова село.

Инаку, изградбата на оваа филтер станица започна во јули минатата година (2018), откако анализите на водата што ја пиеја жителите на Трсино во континуитет покажуваа бактериолошка неисправност. Очекувањата се дека со нејзината изградба и реконструкцијата на главната водоводна линија  ќе се избегнат и  загубите на вода од изворот, а Општината ќе ги намали и трошоците за поправки и одржување.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека изборното ветување на Димитров  за изградба на филтер-станица во Трсино, е исполнето

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.