Излез од кризата: Предвидување на (не)можното

Лажна моќ: само тетовирано копче, не копче со кое некого можете да го !вклучите“ и да го претворите во послушник. Тату: Џејмс, Anchorage Tattoo Studio, Енкориџ, Аљаска, САД. Фото: GeekyTatoos.com

 

Лажна моќ: само тетовирано копче, не копче со кое некого можете да го !вклучите“ и да го претворите во послушник. Тату: Џејмс, Anchorage Tattoo Studio, Енкориџ, Аљаска, САД. Фото:  GeekyTatoos.com
Лажна моќ: само тетовирано копче, не копче со кое некого можете да го „вклучите“ и да го претворите во послушник. Тату: Џејмс, Anchorage Tattoo Studio, Енкориџ, Аљаска, САД. Фото: GeekyTattoos.com

 

Политиката е умешност (или уметност) да се предвиди можното. Но, оваа сентенца важи за некое политички средено, нормално општество, каде што се игра на политички начин, а не на подземен, приземен и подмолно криминален начин. Притоа, не амнестирајќи ниедна од политичките гарнитури кои владееле со нас во последниве веќе дваесет и пет години.

 

Анализа на: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Да беше Македонија нормална земја, после објавувањето на скандалозните сознанија од прислушувањата, Владата ќе си поднесеше оставка, парламентот ќе се самораспуштеше, претседателот на Републиката ќе си заминеше, во обвинителството и судсвото ќе се заведеа привремени мерки, ќе се формираа ад-хок тела, кои ќе бајпасираа до следните (брзи) избори. Но, овде, во Македонија, остануваме да се прпеламе во валканиците кои ни ги направи оваа власт и оваа влада!

Или една друга, лајт варијанта. Да бевме нормална демократска држава со доблесни луѓе, овој текст ќе беше вака напишан: владата, заплеткана во криминал мора да отстапи или барем добра половина од министрите, што ќе дадеше простор за формирање друга влада, со или без ВМРО, се разбира, доколку и самата партија како институција не е тотално вовлечена во сите валкани игри, фалсификати и криминали – од локалните советници до врвот. И таа влада ќе подготвеше нови избори со измени на изборното законодавството, со стварни изборни списоци, а со претходен попис на населението. Ако бевме демократска држава со здраво судство, тоа ќе продолжеше да функционира за да си ја заврши (започне) работата со оние кои заглибиле во нечисти работи. Обвинителството ќе покренеше обвиненија и во еден разумен рок ќе се излезеше на избори. Секако, со комплетно кадровско чистење и промена на практиката на јавниот сервис. Притоа, прашањето за автентичноста и потеклото на снимените материјали ќе беше сосема глупаво. Освен за овие криминалци кои од претерана нааканост (или страв) опстојуваат на неодржливите тези. Но, ние не сме таква држава.

 

СЕ Е ВИДЕНО

Сегашнава политичка криза, која тлее подолго време, само го изнесе на виделина она што го чувствувавме, но не знаевме точно што е. Скандалот со прислушувањето или поточно, со самоприслушкувањето, доаѓа како климакс на политичката дегенерација. Да се разбереме, вакви полициско-политички упади имало скоро за цело време на македонската политичка транзиција, но за тие скандали никој не е осуден, а никој не е невин. Разликата е во тоа што овие последниве, заради својата нааканост, вообразувајќи дека се над сè, се обидоа да создадат еден монструозен систем на контрола на нашите животи. Дури и на нивните. Тоа ги зезна!

Политиката е умешност (или уметност) да се предвиди можното. Но, оваа сентенца важи за некое политички средено, нормално општество, каде што се игра на политички начин, а не на подземен, приземен и подмолно криминален начин. Притоа, не амнестирајќи ниедна од политичките гарнитури, кои владееле со нас во последниве веќе дваесет и пет години.

Постојаното поставување на претпоставките за разрешницата, политичка или правна, е само залажување за силината на скандалот. Овој скандал мора да има политичка разрешница, а задолжително и правна. Зашто кај нас ниедна државна афера никогаш не добила правна разрешница. Конечно ќе мора да видиме кој е виновникот, или просто – кој ги дрпнал парите? И секако, за првпат, некому да му се одземе она што криминално го стекнал. Но, токму од тоа се плашам! Се редеа обвинувања за Црвенковски и неговите матни зделки во приватизацијата, на огромните профити на Љубчо од периодот на фингираната војна 2001. Бранко се врати на власт, а Љубчо во лице ни се смееше и ни кажуваше колку тој бил успешен бизнисмен и како се збогатил вложувајќи во добри инвестиции. Сѐ тоа направено со четиригодишната плата од нецели илјада евра. Се плашам дека и оваа афера може да заврши така.

 

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН КЛИНЧ

Оваа власт до тој степен ги избербати сите институции на државата што се создава своевиден клинч, неразрешлива пат позиција за разврзување на јазолот. Нивни кадри, главно некадарни, се инсталираа во сите институции, ги зазедоа сите места и ги инструментализираа до крајност. Промени треба да се направат на сите нивоа на државата, зашто повторно нема да имаме вистинска слика за односот на силите и повторно ќе имаме суспектни избори.

Предвремени и изнудени избори подразбираат брзање и неисполнување на претпоставките за чесни(!?) избори. Затоа сметам дека за нови вистински избори, кај да е, ќе се дочека и редовниот термин до 2018. Но, што дотогаш!?

Да имаше трунка доблест претседателот Иванов, ќе требаше веќе да биде заминат. И не само заради претходното однесување, туку заради сегашното (и претходното) флагрантно неснаоѓање со состојбите. Но, неговото исчезнување од политичката сцена нема да биде ништо трагично, зашто неговото досегашно присуство и онака не се забележуваше. Штета е само што тој не ја искористи шансата да се наметне, да се покаже како можен актер во помагањето на разрешницата.

Иако политиката не трпи претпоставки од типот „што ќе беше ако беше“, овој пат не можам да се оттргнам од впечатокот дека Иванов можеше (да беше тоа што не е) да се постави како медијатор помеѓу конфронтираното општество, со власта од една страна и како посредник во сѐ поизгледната интервенција од европските и (секако) американските помагачи, кои набргу ќе станат решавачки фактор за разрешницата.

Како и досега, во слични ситуации, странците првично се јавуваат како „помагачи“, а не како советници или медијатори. Срамежливо и „од околу“. Како ќе се заострува конфликтот во Македонија (зашто што нема шанси да се смири, а може да се радикализира), улогата на посредниците ќе се менува. Сетете се на посредувањето во конфликтот од 2001-та кога „добронамерни“ советници ги именуваа упадите во Танушевци како „терористички“ за кусо време потоа да станат „бунтовнички“, за на крајот да им се признае статусот на борци за човечки права. Тогаш дојдоа специјалци во вид на егзекутори, како Пердју и Леотар. И сега, како што ќе се заострува кризата, посредниците ќе се заменуваат со други личности и со поинакви инструкции и мандат.

 

А ИНВЕСТИЦИИТЕ?

Западните фактори секако нема да пропуштат овој конфликт да го искористат и како начин да се наметнат на овие простори, особено после драстичното менување на надворешно-политичката ориентација на владата во однос на Западот, а во прилог на Русија. Зашто за мошне кусо време Македонија од позападна стана претежно антиевропска и делумно проруска. Но, тоа е предмет на посебна анализа.

Не треба да се заметне дека една од најважните работи кои треба да се направат во текот на санирањето на штетите од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е враќањето на Македонија на евроатлантскиот пат. Зашто, за овие години на силеџиското идентитетско прекројување на македонското општество, ние ја изгубивме таа ориентација.

Се јавуваат „стравувања“ дека заради состојбата во земјата ќе (под)запрат странските инвестиции. Тие и онака, покрај сите силни родшоуа и порпагандни коснтрукции, не се покажаа како круцијални за развојот. Освен како манифестација на распродажбата на тоталната беда. Пристапот и онака ќе мора да се менува.

 

ВРАЌАЊЕ НА ИЗГОНЕТИТЕ

Во подигањето на свеста за нашата ориентација главен би требало да биде сега изгонетиот невладин сектор, кој во овие години од власта доживува тотална деградација и игнорирање. Иако маргинализиран, но сѐ уште жив, овој сектор покажува извонредна виталност и треба најактивно да се вклучува во процесите кои следуваат. Монструозните хипотеки, кои ги наметна власта врз овој сегмент на граѓанската свест, не смеат да генерираат никакви резерви во однос на невладиниот сектор.

Во тој контекст многу потешка задача ќе имаат медиумите. Тешко е да се даваат рецепти од типот „треба вака или онака“, но основно ќе биде за обновата на земјата да се роди, да се создаде клима во која медиумите ќе бидат прочистувачи на совеста на граѓаните. Тука најголема улога може да одигра МРТ која би ја добила улогата на модератор на општественото расположение. Тоа е и тешкиот, но и лесниот дел на работата. Ако се изнајде независно раководство, со луѓе со докажан професионален и граѓански интегритет, а на кои ќе им се гарантира независност во креирањето на политиката и програмата – тоа лесно ќе се оствари. Потешко ќе биде со оние инструментлизирани валканици, како „Сител“ или „Канал 5“, кои, спасувајќи ја својата кожа или ќе се радикализираат или ќе се приклонат кон реалноста.

И на крајот, (намерно ставено за на крајот) Собранието мора да доживее видоизменета позиција и улога. Ако знаеме дека Собранието од декември 2012 не функционира, дека парламентарниот живот е сведен на фарса и е тотално компромитиран (каков што не бил ниту во комунизмот), а тоа, сепак, мора да функционира, неговата улога ќе биде тешко да се заживее. Но и за тоа има лек. По паѓањето на Владата пратениците од владејачката партија треба да се ослободат од задолжниците и оставките кои ги потпишале под присила, опозицијата да се врати во парламентот и да се воспостави какво –такво парламентарно живеење. Зашто, треба да се дочекаат изборите, треба да се донесат низа закони и прописи, да се постават привремени раководни органи или тела во судовите и обвинителството…

 

ТРАНЗИЦИЈА ОД ТРАНЗИЦИЈАТА

На првите повеќепартиски избори во 1990 година интервјуирав еден американски (професионален) посматрач на изборите. Го запрашав кога ќе имаме вистински демократски, слободни, чисти, фер, или просто О.К избори. Тој ми кажа дека изборите за три, четири турнуси ќе треба да бидат такви (О.К), но што се донесува до чесноста, ми рече тој, такви не видел, иако 25 години е посматрач на избори насекаде низ светот. Тој ми рече дека изборите можат да бидат помалку или повеќе чесни, помалку или повеќе демократски, но никогаш сосема такви. Тогаш ова објаснување ме вознемири, но до ден денес остана и горчината на сознанието дека ниедно од овие предвидувања кај нас не се остварува. Од циклус до циклус изборите беа сè помалку регуларни, сè до денес кога станаа само нерегуларни, со многу лажирања, до сериозно фалсификувани. Токму тоа ги прави тешко предвидливи очекувањата за разврската на сегашнава политичка криза. Впечатокот е дека ова општество направи многу полесна транзиција од комунизмот во плуралниот систем отколку што сега ќе се извлече од калта на тоталитаристичките тенденции, државниот криминал и личните болни амбиции.

 

ЗАБЕЛЕШКА: Но сè ова се само претпоставки. Зашто авторот на текстов останува на мислењето дека овие од власт не си одат! И дека сè ќе направат да ја задржат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција