Измените во законите и амнестијата, сепак, влијаат врз процесите што ги води СЈО

Зоран Заев и Драган Тевдовски. Фото: Влада на РМ

Премиерот Зоран Заев одговараше на новинарско прашање поврзано со неговотo мислење околу обезбедување на владеењето на правото во РМ и амнестиите што беа донесени не само за 27 април, туку и со менување на член на КЗ, кој ќе овозможи намалување на казните или застареност на некои дела што ги води СЈО

 

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција даде изјава која не соодветствува на вистината:

Изјава: …Во другиот дел на законските решнија што се донесени и тоа како немаме некое решение што значи застарување на казни или слично. Од тој аспект дефинитивно треба и ќе следува подобрување на законската регулатива во РМ. Затоа што мерките на Михајло Маневски создаваат сериозен проблем. Ниту едно од законските решенија кои што досега се донeсени, ниту, пак, што ќе бидaт донесени, нема да влијаат на процесите на СЈО. Дури и оној обид во Парламентот што се случи со замената на некаква корист со имотна корист, не влијае во Специјалното јавно обвинителство или во Државното јавно обвинителство… правиме внимателно поставување на процесите за да нема мешање во правосудниот систем на РМ, а, сепак, политиката да ги носи своите одлуки.

[Извор: Влада/прес/youtube (od 30-36 минута) – датум: 03.01.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Зоран Заев одговараше на новинарско прашање поврзано со неговотo мислење околу обезбедување на владеењето на правото во РМ и амнестиите што беа донесени не само за 27 април, туку и со менување на член на КЗ, кој ќе овозможи намалување на казните или застареност на некои дела што ги води СЈО.

Зоран Заев, притоа, во својот одговор потенцираше две нешта. Првото е, дека менувањето на членот од Кривичниот законик немало да овозможи на ниту каков начин застарување на казни, се мисли на делото или нема на друг начин да се вмеша во работата на СЈО, а втората е дека законските решенија што ги носат се внимателно донесени за да нема мешање во делот на правосудството.

Вистиномер ќе се послужи со правни мислења да ги оцени изјавите на Зоран Заев. За првото тврдење дека менувањето на членот на КЗ 275-в и воведувањето на нов член 279-а нема да доведат до никави последици по предметите што ги води СЈО, адвокат Натали Петровска, директорка на невладината организација Коалицијата сите за правично судење, го мисли сосема спротивното.

Во анализата што ја направи за Вистиномер, таа, зборувајќи за влијанието врз најмалку два предмета на СЈО, „Труст“ и „Тотал“, вели:

Со интервенцијата на законодавецот и промена на член 275-в став 3 од КЗ, а во поглед на казнувањето, односно намалување на предвидената казна за ова дел од „минимум 5“ во „минимум 4“ години, директно се влијае на можноста за побрзо застарување на кривичното дело…  Пред да се изврши промената на Кривичниот законик, апсолутната застареност на делата предвидени во овој конкретен случај требаше да биде за 20 години, но по интервенцијата во истиот, овој рок за застареност се намалува и тоа на 10 години. Што значи, делата на С. Кочан и В. Авировиќ нема да застарат во 2031 година, туку во 2021 година. Согласно динамиката на водење на овој предмет, првото рочиште беше одржано на 07.11.2017 година, а пресудата изречена на 20.07.2018 година и овој предмет е сѐ уште во жалбена постапка. Mожеме слободно да констатираме дека со минимум едно до две укинувања од страна на Апелациониот суд и враќање на предметот на првостепениот суд на повторно одлучување, тој има реални изгледи да застари до стекнување на клаузулата за правосилност.

Втриот дел од тврдењето на премиерот Заев, дека законските решенија што се носат, се носат внимателно за да нема мешање во правосудството, е демантирано од речиси сите инволвирани во правосудството.

Најпрво, обвинителката за организиран криминал и корупција и главен обвинител во предметот за настаните од 27 април, Вилма Рускоска, уште пред да биде донесен Законот за амнестија за лицата инволвирани во настаните од „К рвавиот четврток“, изрази незадоволство од носењето ваков закон, зашто, како што рече, многу труд и напор се вложило во откривањето на сите аспекти на делото и подигањето на обвинението.

Како обвинител кој вложи многу труд во овој предмет не сум задоволна од законот за амнестијаизјави Рускоска.

Тоа пред неколку дена директно го потврди и нејзиниот шеф, државниот обвинител Љубомир Јовески:

Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа, ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но, морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам, тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот.

Дека законот за амнестија е, всушност, мешање на правосудството, тврдат и повеќе правни експерти што гостуваа во дебатните емисии на крајот од 2018 година, но тоа го потврди и Специјалната обвинителка Катица Јанева:

На Основното јавно обвинителство и на судовите оваа амнестија сигурно ќе влијае, но не би сакал да коментирам нешто што не е во мој домен.

Оттука, цениме дека изјавата на премиерот Заев во врска со влијанието на новите законски решенија во КЗ и Законот за амнестија, е невистината, т.е. тие законски решенија влијаат и ќе влијаат врз предметите на кои работи СЈО, но и ЈО.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција