Извештајот на Прибе тежи од аргументи

Претседателот на Републичкиот судски совет, Караџовски смета дека извештајот на Прибе е политички мотивиран Фото: Принтскрин

 

 

Претседателот на Републичкиот судски совет, Зоран Караџовски во изјава за телевизијата „Телма“  упати критика на содржината на најновиот извештај на експертската група на Рајнхард Прибе за 2017 година, во кој голем дел е посветен токму на забелешките на сметка на функционирањето на судскиот систем во Република Македонија и на Републичкиот судски совет како една од клучните правосудни институции во земјата.

Сметам дека тоа е со политички речник кажано,  политичка интерпретација заради јавноста. Нема факти, нема аргументи тука. Се знае во оваа држава. И некакви изјави во последно време за некаква одговорност. Значи, никој не може да избега од одговорноста и да сака. Си има релевантни институции, за прекршочна, за кривична одговорност. Судиите не се амнестирани од кривична одговорност, да се разбереме. Друго е прашањето за судскиот имунитет при работата и одлучувањето….

….Законите за сите луѓе во оваа држава важат, така јас сметам….

[ Извор: Телма; датум: 20.09.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на претседателот на Републичкиот Судски совет, Зоран Караџовски во која тој го критикува најновиот извештај на Прибе ја сметаме за невистинита, бидејќи не се темели врз конкретни аргументи и содржи неточни тврдења. Дополнително, некои изнесени ставови прозвучуваат сосема неуверливо во ситуација кога бројни злоупотреби на извршната и судската власт во изминатиот период беа општопознати во јавноста и пред тие да бидат детектирани од страна на експертската група на Европската комисија.

Вториот извештај на Рајнхард Прибе, изготвуван во текот на летото и објавен пред десетина дена, всушност, се надоврзува на првиот извештај од 2015 година. По објавувањето на прислушуваните разговори од страна на тогаш опозицискиот СДСМ, кое обелодени голем број на нелегални следења на комуникациите, а со тоа ги осветли и постојните системски проблеми во државата, Европската комисија (ЕК) формираше група на независни и искусни правни експерти од областите на спроведување на правото, следењето на коминикациите, обвинителството и судството, човековите права и транзциските реформи, за да изработат анализа за ситуацијата и да дадат препорака за надминување на проблемите. Експертската група беше предводена од пензионираниот директор на ЕК, Рајнхард Прибе, па оттаму овој извештај и се нарекува „извештајот на Прибе“. Овој извештај ги детектираше слабостите во функционирањето на повеќе аспекти на правната држава и општествениот систем во Македонија и даде насоки и препораки за нивно надминување.

За изготвувањето на извештајот претставници на работната група оствариле работни средби со сите релевантни претставници на највисоките државни и правосудни институции, како и со релевантни меѓународни претставници, невладиниот граѓански сектор, новинари и експерти.  По промената на власта во Република Македонија се наметна потребата да се изврши скенирање и оценка на дотогаш сработеното од страна на претходната власт и на поставувањето на основите за промени кои треба да ги реализира новата.

Дека нивните ставови и заклучоци се релевантни и издржани потврди и Владата на Република Македонија, најавувајќи дека извештајот на Прибе ќе го искористи како насока за надградување и подобрување на Планот 3-6-9, како и за определување на приоритетните мерки за наредниот период.

Владата смета дека извештајот на Рајнхард Прибе за системски прашања од областа на владеењето на правото објавен денеска дава реална слика за системските и долгогодишни предизвици кои ги наследила по преземањето на власта во јуни 2017 година, затекнувајќи „заробена држава“.

И критиката содржана во новиот извештај на Прибе, дека од 2015 година досега многу малку е сработено од она што требаше да биде направено за да се надминат бројните проблеми, според Владата, е на место:

Владата се согласува со констатацијата дека во периодот 2015-2017 година многу малку работи се подобрени во областите од извештајот и дека тоа значи многу изгубено време за Македонија.

Извештајот на Прибе големо внимание им посветува на состојбите во македонското правосудство, детално расчленувајќи ги сите поединечни детектирани слабости на овој систем и споредувајќи го она што беше препорачано да се поправи со она што е сработено досега. Во него се констатира дека само една од 12-те препораки дадени во извештајот од 2015 година е применета и дека

Контролата и злоупотребата на судскиот систем од мала група судии на моќни позиции кои им служат и промовираат политички интереси не се намалија на било каков значителен начин. Овие судии продолжуваат да вршат притисок врз нивните помлади колеги преку контролата врз системот на назначување, евалуација, промоција, дисциплина и отпуштање кој се користи за наградување на послушниците или казнување на оние кои се спротивставуваат.

Сепак, во извештајот на Прибе се нагласува дека

не е проблемот  во лошите закони или правните структури, туку во однесувањето на судиите, иако на малцинството од нив.

Треба да се нагласи дека за експертската група се неприфатливи најавите на новата влада за генерална чистка во судството. Сметаат дека треба да се преземат мерки против оние кои ја злоупотребиле својата позиција, но

 не се препорачува генерален реизбор на судиите затоа што злоупотребите на судството не се универзални.

За експертите е неприфатливо една заробена држава да се замени со друга, иста таква:

Опасноста е некои во новата влада да дојдат во искушение, под изговор за казнување на престапниците, да ги заменат таквите судии со други кои би биле расположени да делуваат на сличен неприфатлив начин. 

Од анализата на извештајот на Прибе никако не може да произлезе заклучокот дека тој „нема факти ниту аргументи“ и дека неговата содржина била со политички речник односно дека е „политичка интерпретација заради јавноста“, како што изјави Караџовски.

Неговиот став можеби е поттикнат од фактот дека во извештајот на Прибе, во делот кој се однесува на судството се препорачува целосен преглед на работата на Судскиот совет, на чие чело е токму Караџовски и негова деполитизација.

Сепак, не е лошо да потсетиме дека злоупотребите, мешањето на извршната власт и поедините центри  на моќта во Република Македонија вршеле долгогодишно изместување на судскиот систем од неговото законско лежиште, нешто што мошне директно на јавноста и го обелоденија снимките кои ги објавуваше опозицијата во пролетта 2015 година. Од тие снимки, јавноста имаше можност да слушне како се местат судски пресуди по барање на министри и партиски моќници, како судиите послушно соработуваат со власта, која за возврат ги наградуваше со избори, реизбори, привилегии.

Оттаму,  најблаго речено, мошне неуверливо прозвучува исказот на Караџовски дека правдата во Македонија е еднаква за сите:

Се знае во оваа држава. И некакви изјави во последно време за некаква одговорност. Значи, никој не може да избега од одговорноста и да сака…

….Законите за сите луѓе во оваа држава важат, така јас сметам….

Бидејќи јавноста и без, но особено со посредство на објавените снимки, можеше да се увери дека предолго време во Република Македонија многумина кои работеле спротивно на законите и моралниот кодекс и тоа како избегнувале одговорност за своите постапки. Така што, имајќи го предвид сето ова, изјавата на Караџовски можеме да ја оцениме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција