Јакимовски да одлучи – треба или не треба да се водат преговори за името

Стевче Јакимовски. Да има или да нема преговори за името? Фото: Ванчо Џамбаски/flickr, 2012

Изјавата на лидерот на ГРОМ ја оценуваме како недоследна, имајќи ги предвид неговите ставови од минатото по однос на ова прашање. Кога Јакимовски беше дел од СДСМ во 2010 година, тврдеше дека тогашниот премиер, Никола Груевски, морал да најде решение на спорот околу името со цел на Македонија да ѝ се отворат вратите кон ЕУ и НАТО

 

 

Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во дебатната емисија Отворено студио на Телевизија „Нова“, зборувајќи за спорот околу името со Грција и преговорите кои ги води сегашната власт за надминување на овој спор, изјави:

Мислам дека по ова прашање ние Македонците не треба да прифатиме било каков разговор.

[Извор: Јутјуб (40:43), Датум: 29.12.2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Осврнувајќи се на преговорите за името, Јакимовски истакна дека било некоректно од Албанците што им сугерирале на Македонците да го променат името. Притоа, како што пренесе порталот Курир на 02.01.2018 година, Јакимовски рекол и дека „никој Македонец не треба да прифати да се разговара за промена на името на Република Македонија“.

Ваквата изјава на лидерот на ГРОМ ја оценуваме како недоследна, имајќи ги предвид неговите ставови од минатото по однос на ова прашање. Имено, кога Јакимовски беше дел од СДСМ во 2010 година, тврдеше дека тогашниот премиер, Никола Груевски, морал да најде решение на спорот околу името со цел на Македонија да ѝ се отворат вратите кон ЕУ и НАТО.

Сметаме дека Груевски е на власт, тој е премиер, во историјата на Македонија имал највисок рејтинг и тој највисок рејтинг треба да го искористи за решавање на крупни политички прашања во државата, а едно од нив е прашањето за спорот со името со Грција, што практично треба да ни ги отвори перспективите во НАТО и ЕУ, изјави градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, во Неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, јави Нетпрес.

Ваквата негова изјава, на 26.09.2010 година, ја пренесе и Вечер.

Значи, Јакимовски во 2010 година, како член на СДСМ, партијата која сега е на власт и која ја критикува, сметал дека решение за спорот со името мора да се најде со цел евроатланска интеграција на земјата. Денес, од позиција на опозиционер, како лидер на ГРОМ, тврди дека ниту еден Македонец не требал да прифатат било каков разговор околу името.

Имајќи ги предвид неговите ставови од минатото, може да се заклучи дека неговата изјава за неприфаќање на било какви разговори е недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.