Јанева бара клучни законски измени за побрза правда

Од пратениците бара искреност во борбата против криминалот. Фото: скриншот

Трите законски измени кои ги бара Јанева од Собранието се клучни за побрза и поефиканса правда и казнување на криминалот и корупцијата во Македонија. Оттука и отпорот, барем од овој состав на Собранието, кој ја тривијализира расправата во парламентот со прашања од типот за „капацитетот на Јанева“

 

Трите законски измени кои ги бара Јанева од Собранието се клучни за побрза и поефиканса правда и казнување на криминалот и корупцијата во Македонија. Оттука и отпорот, барем од овој состав на Собранието, кој ја тривијализира расправата во парламентот со прашања од типот за „капацитетот на Јанева“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Собранието на РМ веќе неколку дена одговора на прашњата на пратениците, божем во врска со наводите во својот последен шестмесечен извештај, но суштината на нејзиното присуство таму се законските измени што ги бара од Собранието, а за кои нема волја кај владејачкото мнозинство.

Станува збор за три измени што Јанева ги побара уште на прес конференцијата на 15.09.2016, кога ги обзнани и првите два обвинителни акти на ова обвинителство: укинување на рокот за истраги и подигнување обвиненија, Измена на Законот за заштита на сведоци и усвојување на Препораките на Венецијанската комисија околу Законот за заштита на приватноста и за заштита на свиркачи.

Всушност, сè што бара Јанева во име на СЈО е веќе цврсто договорено меѓу лидерите на четирите политички партии не само на почетокот на Договорот од Пржино, туку и на неговиот трет продолжеток, на т.н. Договор од јули (годинава):

Други прашања:

Ќе биде поддржан Специјалниот обвинител

а. Во случај Уставниот суд да донесе одлука дека законот за СО или дел од него не се уставни, четирите партии се обврзуваат да го прилагодат законодавството со одлуката на Судот и повторно да го основаат СО според одлуката, во рок од пет дена. Ефективноста, опсегот и целите на СО ќе останат како досега.
б. Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да донесе одлука за законот за СО што е можно поскоро, на следната можна седница.

 

Реформи
Инклузивноста на процесот на реформи и неговото спроведување ќе бидат раководени од работна група во парламентот, која ќе го вклучува и граѓанското општество и експерти.

а. Приоритет на усвојувањето на Приоритетите за итни реформи и Препораките на Прибе.
б. Измени на законот за свиркачи во согласност со Венециската комисија во рок од шест месеци.
в. Охридскиот рамковен договор.
г. Евро-атлантски интеграции.

 

Подвлечените одредби се, всушност, договорената поддршка за Јанева и СЈО, од која сега се отстапува.

 

УКИНУВАЊЕ НА РОКОВИТЕ ЗА ИСТРАГИ

Уште во првите денови од изгласувањето на Законот за СЈО, многу експерти го забележаа проблемот што се крие во членот 22 од Законот, а тоа е ограничувањето на рок од 18 месеци за завршување на целокупните кривични постапки – од предистраги и истраги до поднесени обвинителни акти. Не е познато како овој член од законот се нашол таму, но едногласноста на експертите е недвојбена. Впрочем, станува збор за сложени предистражни постапки (на пример, преслушување на над 500 илјади аудио записи и читање на над 100 илјади стенограми од СМС комуникации или од разговори) или за истражни постапки (замолници за обезбедување докази од странски држави, банки, набљудувања, пребарувања…), за да се обезбедат квалитетни докази за обивнителeн акт.

Оттука, барањето на Јанева за целосно бришење на овој ограничувачки рок во законот воопшто не е занемарливо прашање или прашање кое треба да му се остави на новиот состав на Собранието по изборите, бидејќи, да повториме, согласност за формирање на СЈО и на истражување на феноменот со масовното прислушкување и кривичните дела кои се индицирани во тие материјали, е дадена од главните политички актери уште со Договорот од Пржино.

 

АВТОНОМИЈА ВО ЗАШТИТАТА НА СВЕДОЦИ

Она што е, исто така, суштинско за работењето на СЈО е нивна автономија, која треба да подразбере и автономија за заштита на сведоците што сакаат да соработуваат со СЈО. Обвинителката уште на почетокот на април годинава поднесе иницијатива до Собранието за Измени и дополнувања на Законот за заштита на сведоци, но по седум дена Парламентот се распушти, а по неговото повторно свикување иницијативата ја снема. Сега Јанева повторно ја враќа во игра, иако повторно до распуштањето на Собранието остануваат малку недели.

Суштината на Измените што ги бара Јанева е едноставна:

  • СЈО да предлага вклучување лица во Програмата за заштита на сведоците.
  • СЈО бара писмена согласност од лицето за кое се решава дали ќе влезе во Програмата.
  • СЈО бара автономија да одлучува дали е потребно да се продолжат мерките од Програмата, дури по исклучок и кога таа ќе заврши, ако се констатираат опасности по сведокот.
  • СЈО бара овие измени, но и мерките за заштита – тајност на идентитет, физичка заштита и промена на живеалиште, да се применуваат како итни.

Имено, досегашните решенија од Законот, донесен уште во 2005 година, предвидуваат барање на активирање на Програмата да може да поднесе јавен обвинител, полиција или судија. Сега, согласно воспоставувањето на СЈО, Јанева бара и ова обвинителство рамноправно и самостојно да поднесе барање, преку дополнување на членот 15 од Законот.

Неопходноста од вакви измени на законот е повеќе од очигледна, а особено се актуелизираше по сè уште неразјаснетото загинување на Коста Крпач, за кого СЈО веќе потврди дека бил сведок на Обвинителството.

Патем, измените што ги бара СЈО, како што стои и во образложението, се наоѓаат и во потребата на постојано унапредување на законските можности на оваа мерка како една од клучните во борбата против криминалот, а што е обврска на РМ, која произлегува и од меѓународните документи:

…Покрај операционализација на обврските од Конвенцијата за сузбивање на транснационалниот криминал на ООН и Препораката на Комитетот на Министри на Советот на Европа овој Закон треба да претставува регулатива за едно од најмоќните средства за борба против организираниот криминал; со него треба да бидат постигнати меѓународните стандарди за користење, размена и употреба на докази; да се постигне поголема ефикасност на судските постапки…– се наведува во образложението на СЈО.

 

ЗАКОНОТ ЗА ПРИВАТНОСТ КЛУЧЕН ЗА ПРИФАЌАЊЕТО НА СНИМКИТЕ

Јанева во Собранието побара и прифаќање на забелешките од Венецијанската комисија кои се однесуваат на Законот за приватност и Законот за заштита на укажувачите (свиркачите).

Суштината на ова барање на Јанева, всушност, е во помошта што ја очекува од променетиот закон како што сугерира Венецијанската комисија, пред сè, во првиот закон, за заштита на приватноста, со што ќе се овозможи „јавноста да може да биде запозната со дел од снимките кои досега не се објавени, а кои се од јавен интерес“.

Да потсетиме, овој закон беше донесен кон крајот на минатата година од страна на Собранието по иницијатива на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ (ДУИ беше предлагачот), со формално образложение да се заштити приватноста на јавните личности, функционерите, од бројните истекувања на тајно снимените телефонски разговори, но со суштинска – да им се забрани на медиумите да ги реемитуваат веќе објавените „бомби“ од страна на опозицијата. За среќа, поради огромен притисок на јавноста, и домашна и меѓународна, овој вториот предлог не помина, иако законот беше донесен и со него се забранува секакво приватно и јавно емитување на тајно снимени телефонски материјали.

Што препорача Венецијанската комисија, а на што се согласија лидерите на четирите партии:

Венецијската комисија заклучува дека е потребна детална ревизија на Законот за приватност. Првенствено, треба да се разјасни опсегот на примена на Законот за приватност и неговата поврзаност со другите закони. Главната цел на Законот – заштита на приватноста на говорителите и учесниците е легитимна. Сепак, тој предвидува премногу строго правило, забрана на секакво објавување на прислушуваните материјали. Со оглед на контекстот во кој е изведено прислушувањето и во кој ќе се применува овој закон, Член 4 – во случаи на приватно и јавно објавување (став 1 и 2, соодветно) треба да дозволи објавување на материјали во кои има информации од јавен интерес

Во деталната анализа и препораките на Венецијанската комисија се укажува на правилата кои се веќе стандард во европските земји, а кои се наметнати од конвенцијата за човекови права, од правата на граѓаните да бидат информирани, од толкувањето на значењето на поимот јавна личност, па сè до нивна поголема подложност на интерес на јавноста.

Што се однесува до СЈО и до Јанева, важна препорака од заклучокот е „неговата поврзаност со другите закони“, а се однесува на следната (Точка 12 од Анализата на Законот) препорака на Венецијанската комисија:

Се повикуваат надлежните повторно да ја прегледаат формулата која се користи во законот за приватност за дефинирање на материјалната цел на неговово применување, со цел појасно да се објасни и да се усогласи со законот за Специјалниот обвинител. 

Всушност, станува збор за толкување да се дефинира кои материјали ги опфаќа овој закон, дали сите тие ќе се третираат како незаконски прибавени, а со тоа и да не можат да се користат во судска постапка. Венецијанската комисија, поаѓајќи од целта и духот на овој Закон и гледајќи го во целина како реализација на Договорот од  Пржино, повикува на разјаснување на овој дел од законот, со што снимките кои ги поседува Јанева би можеле да бидат составен и клучен дел од некои обвинителни акти, заедно со други прибавени докази.

Впрочем, малку кој обрати внимание на последниот прес на Јанева, кога таа отворено им укажа, пред сè, на судиите:

Со донесување на законот за СЈО снимките од неовластеното прислушкување и содржината на истите добија законска форма. Претставуваат доказен материјал и како такви станаа дел од правниот систем на РМ. Односно, законот го имплементира светскиот стандард дека јавниот интерес е пред интересот на поединецот, особено пред интересот на оние кои практикуваат власт.

Прифаќањето на измените на Законот за приватност во насока во која сугерира Венецијанската комисија, уште повеќе ќе и го олесни патот на Јанева и на СЈО во доказната постапка. А поради потсетување, повторуваме – политичките партии со потпис од нивните лидери, се согласија на прифаќање на измените што ги предлага Венецијанската комисија и усогласување на двата закони и за заштита на приватноста и за заштита на укажувачите/свиркачите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција