Јанева точно знае што е легитимитет на власт, а што е држава

Државата, тоа сме само ние!? Фото: Архива на ВМРО-ДПМНЕ

 

Изјава на пратеникот Илија Димовски:

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја осудува вчерашната изјава на Катица Јанева. Според нејзиниот говор, таа практично кажа дека Македонија не постои

[Извор: A1on  – Датум: 23.03.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за невистинита изјава на пратеникот Илија Димовски, шеф на парламентарната група на ВМРО ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

Изјавата на Димовски е дадена како реакција на изјавата на Специјалната обвинителка Катица Јанева ден претходно, на една меѓународна конференција посветена на работата на обвинителствата во справувањето со организираниот криминал и корупција.

На конференцијата, во присуство на романската обвинителка за борба со организираниот криминал и корупција Лаура Ковеси и на Јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски, Јанева го рече следното:

Со самите истраги за овие лица кои се или биле на високи функции во РМ и со доказите со кои располагаме кои во 80 проценти го докажуваат обвнинението со кое имаме намера да настапиме сметаме дека самиот избор и на претседателот и на Уставен судија и на пратеници е доведен во прашање. Сите овие се нелегитимни институции и треба да го почитуваат Специјалното јавно обвинителство за да ја утврдиле вистината 

Изјавата на Димовски дека пратеничката група ја осудува изјавата на Јанева, е во ред. Пратеничката група има право да осуди кого било и чија било изјава, бидејќи пратеничката група е составена од претставници на политичка партија. Дури и проблематизирање на изјавата на Јанева од аспект на нејзиниот легитимитет би била само донекаде прифатлива, зашто таа беше избрана на функцијата со Закон изгласан од преку 100 пратеници, а со истиот Закон беше етаблирано и телото Специјално јавно обвинителство.

Но, да се каже дека со изјавата на Јанева во врска легитимитетот на Собранието, на Претседателот на РМ, на Уставниот суд, е практично кажано дека Република Македонија не постои, не е ништо друго туку извртување на вистината, односно спинување.

Да потсетиме како воопшто се дојде до формирање на СЈО, а потоа и до изброт на Јанева. Патот беше преку Договорот од Пржино – политички договор постигнат помеѓу четирите најголеми политички партии во земјата, претставувани од нивните лидери, а со помош и гаранција од Европската унија и од САД. До договорот дојде поради политичката криза настаната со поседот и објавувањето на прислушкуваните разговори од страна на опозициската партија СДСМ. Во тие разговори пак, во огромен дел се слушаа гласови на раководни лица на ВМРО ДПМНЕ и на други партии, кои во дадени момент зборуваат за трикови, измами и крадење на изборите и изборните резултати на парламентарни и локални избори. Целта пак, на Договорот од Пржино беше излез од политичката криза и расчистување на сите детали околу незаконски прислушкуваните разговори, а една од мерките беше токму формирањето на СЈО.

Ова тело во изминатите неколку месеци поведе истрага за 30 случаи во кои се инволвирани 80 осомничени лица од што огромен дел за дела поврзани со изборите.

Оттука, кога Јанева ќе каже дека Собранието, Претседателот, Уставниот суд, итн се нелегитимни и тие треба да го слушаат СЈО со цел да се расчистат работите, Јанева во никој случај не кажала дека РМ не постои. Прво, затоа што го употреби зборот легитимитет, а не легалитет. Дефинициите за легитимитет и легитимност кои се употребуваат најчесто во правните и политичките науки, генерално велат дека легитимитет значи „вредност при што нешто или некој е признаен и прифатен како право и правилно”.

Оттука, можеби Собранието и Претседателот да биле избрани согласно законите за избор на парламентот и на претседателот, но тоа не значи дека се признаени како такви вредности од страна на сите, што значи дека во добар дел им е оспорен нивниот легитимитет.

Зборот легитимитет во македонскиот јазик потекнува од англискиот legitimacy кој пак потекнува од зборот legitimate, кој значи меѓу другото, во согласност со законите или „во согласност со воспоставените правила, принципи или стандарди“.

Секако, едно големо, и засновано на аудио-документи, сомневање, дека на изборите биле вршени измами, заплашувања, кражби на гласови преку фалсификување или непребројување, итн – не е во согласност ниту со  законоите, ниту со воспоставени правила, принципи и стандарди на добро и отчетно владеење и проверка на истото во демократските општества преку општи избори .

Оттука, изјавата на Димовски дека Јанева практично кажа дека Македонија не постои е невистина

 

Обновено:

Дека изјавата на Димовски е неиздржана говори  и појаснувањето на  Јанева, кое стаса откако ја објавивме оваа анализа.

 

 

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски