ЈАВИ СЕ ЈУЖНА: Зошто Македонија му вели „ДА“ на „селекторот“ Нимиц

Метју Нимиц со новинарите во Атина. Фото: GreeceMFA, 2014
Метју Нимиц со новинарите во Атина. Фото: GreeceMFA, 2014

 

За еден надворешен набљудувач тоа сигурно е под голем знак прашалник ако се има предвид изјавата на Нимиц (в. Тера) дека тој секоја година нè прашува и нас и Јужниот сосед дали сакаме тој да продолжи со својата мисија на посредување. Ако е тоа точно, тоа значи дека Македонија упорно, секоја година вика – ДА! Ама ако Јужниот сосед свесно го развлекува разрешувањето на спорот, а тие викаат „да“ за Нимиц, тогаш зошто ние се согласуваме со тоа? Значи ли тоа дека и Македонија сака развлекување на спорот? Нема логика!

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера/ополномоштен министер

 

Политичките уредници вообичаено гледаат со прикриено потценување на спортските новинари. Но, можеби некогаш може да се научи нешто од нив! Спортските натпревари во себе носат висока мерливост и квантификација по редица основи. Меѓутоа, надвор од секакви објаснувања, толкувања и приказни од различен карактер се крајните резултати – точно знаеме кој е прв, а кој последен. Веројатно оттука и „слободата“ на спортските новинари да побараат оставка од селекторот или некој спортист да биде изоставен од селекцијата…

Наспроти тоа, навистина е многу различно во политиката, каде нема „крајни резултати“ нема бодови нема поени… Сепак, веќе и најбеневолентните набљудувачи се категорични дека медијацијата на Метју Нимиц е целосен неуспех. На другата страна, неговите критичари веќе ги симнаа и дипломатските ракавици, па, како што обемно се пренесе изјавата на Робин О’Нил (на пример: Либертас на 18.11) веќе и не се избегнува отворено поистоветување на неговата медијација со – неуспех.

Сите оние што подготвено ќе помислат дека основни виновници се самите држави учеснички во медијацијата, да ги потсетиме на нешто што веројатно сите фудбалските фанови го знаат. Со појавата на селектори од типот на Жозе Мурињо, во фудбалот влезе и флоскулата: „кога победуваме – заслужни се играчите; кога ќе изгубиме – виновен сум јас, селекторот“. Едноставно, спротската практика покажа и докажа дека еден спортски колектив, па дури и во индивидуалните спортски дисциплини, нема врвни резултати без успешен селектор, тренер… Ако е така, тогаш зошто нашите надворешно-политички уредници не се угледаат на нивните спортски колеги и гласно, упорно, аргументирано и конструктивно не побараат промена на „неуспешниот селектор“ Нимиц?

Дали се работи за упорното повторување од редица претставници на меѓународната заедница дека треба да се поддржи посредништвото на ОН? На таа иста линија е и изјавата на германскиот амбасадор Ајф (Нова ТВ, 21.11). Но, ако се погледне таа изјава малку повнимателно, дали ќе најдеме дека Ајф инсистира на – Нимиц? Еве како изгледа тој дел од изјавата:

Преговорите за договор за спорот за името меѓу Македонија и Грција се одвиваат со години под раководство на меѓународен посредник. Отсуството на резултат во преговорите решавачки ја попречува интеграцијата на Македонија во евро-атлантските организации. Овде би била неопходна силна политичка поддршка од високо ниво за посредникот од ОН од страна на ЕУ и НАТО членките, во однос на двете страни. Доколку германската влада, усогласена со другите, дејствува во таа смисла, тоа би можело да помогне.

„Меѓународниот посредник“ се трансформира во „посредникот на ОН“. Можеби се работи за стилска фигура, но, како што колегијално не се споменува дека неуспешниот медијатор е Нимиц, исто толку е оставена енигмата дали тој посредник што би соработувал со германската влада (усогласена со другите) баш мора да е Нимиц. И, навистина, зар една таква моќна и сеопфатна дипломатија како што е американската не може да најде ниту еден друг дипломат што би се зафатил за медијација во спорот на нашиот Јужен сосед со нас во врска со името? Да види човек па да не поверува!

Да ја погледнеме и линијата на оние што веруваат дека не е во прашање селекторот, ниту нашиот тим, туку – Првата страна или Јужниот сосед. Ако се апстрахираме од величењето на Нимиц (в. Прес24, или Сител) како „разобличувач“ на „соросовите медиуми“, бидејќи тоа ги надминува капацитетите на логичката анализа, преостанува дека вака или онака за сè е виновна страната на Јужниот сосед. И тоа, најчесто завршува со високо логички заклучок дека било супер лесно да се заврши работата во 1993 година, а денес тоа е практично Сизифова задача. Јас, пак, сосема наивно, верувам дека во тоа време (во 1993 година) Јужниот сосед е столб на западната демократија на Балканот, перцепиран како повеќевековен заштитувач на нивните интереси (уште од времето на монархиите од 19-тиот век), додека денес тоа е држава со сериозни проблеми, проблеми што дури го загрозуваат економскиот поредок на ЕУ, па поради тоа е под постојан надзор и диктат на ЕУ механизмите.

Како и да е, дали е точен заклучокот на нашата власт дека основниот виновник е Јужниот сосед? За еден надворешен набљудувач тоа сигурно е под голем знак прашалник ако се има предвид изјавата на Нимиц (в. Тера) дека тој секоја година нè прашува и нас и Јужниот сосед дали сакаме тој да продолжи со својата мисија на посредување. Ако е тоа точно, тоа значи дека Македонија упорно, секоја година вика – ДА! Ама ако Јужниот сосед свесно го развлекува разрешувањето на спорот, а тие викаат „да“ за Нимиц, тогаш зошто ние се согласуваме со тоа? Значи ли тоа дека и Македонија сака развлекување на спорот? Нема логика! Значи, надворешниот набљудувач со леснотија ќе заклучи дека и Македонија, не само Јужниот сосед сака развлекување!

Ако се има предвид дека дури и некои тврдокорни гласноговорници на „тврдата линија“ на Јужниот сосед како што е ЕЛИАМЕП почнаа да праќаат омекнати пораки (в. Локално.Мк), се наметнува прашањето дали не е време да побараме да се „ЈАВИ ЈУЖНА“, односно да се јават надворешно-политичките уредници? И наместо во првата седмица на посетата на Нимиц да има 188 јавувања за прашањата околу спорот, а веќе наредната само 24, да биде токму обратниот сооднос, а Нимиц да замине во историските анали!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција