Јавниот превоз во Тетово не може да се „жртвува“ заради таксистите

Премиерот Зоран Заев во Тетово (10.05.2018) Фото: Влада на РМ

 

На 11.05.2018 година при посетата на Тетово,  премиерот Зоран Заев прашан што е со неисполнетите ветувања на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, меѓу кои и она за јавниот превоз во Тетово,  ја даде следната изјава:

Јавен превоз велите нема Тетово, но нема и во најголем дел од градовите до Тетово. Јас мислам дека не е соодветно време за воведување на јавен превоз. Знаете зошто, заради тоа што во Тетово има сигурно повеќе од 500 семејства што живеат од такси. Ако воведеме јавен превоз, ќе се вработат 5 во една смена, 5 во друга, нема повеќе од 5 автобуси да го шпартаат Тетово. Што ќе правиме со тие 500 таксисти? Кога ќе најдеме соодветни прилики, можности и алтернативи за нивно вработување, би препорачувал да влезете со јавен превоз. Сè уште Македонија не нуди доволно работни места за сите граѓани да ги гледат нивните семејства со чесно заработени пари.

[Извор: Фејсбук профил на Арианит Џафери, Еко Гуерила(од 2,06 до 3,02 минута од  видеото), датум: 11.05.2018]

 

ОВРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на премиерот Зоран Заев,  дадена на трибината Културниот центар во Тетово (11.05.2018 г.), во која, меѓу другото, вели дека „не е соодветно време за воведување на јавен превоз“, бидејќи  „во Тетово има повеќе од 500 семејства што живеат од такси“ја сметаме за недоследна.

Како прво, во програмата на градоначалничката Теута Арифи за локалните избори 2017 година, за кои доби целосна поддршка  од премиерот Зоран Заев, едно од најважните ветувања е „воведување на јавен превоз во Тетово“. Тогаш  кога  Арифи ја бараше довербата од граѓаните и ветуваше поддршка од централната власт, премиерот Заев не излезе со ваква теза за „решавање” на невработеноста со одложување на воведување на јавнен превоз во Тетово!

Од друга страна,  во Општина Тетово веќе е формирано јавно претпријатие  за јавен превоз. А според  тоа што го кажува Заев во изјавата: „не е соодветно време за јавен превоз“, излегува дека ова претпријатие треба да стои „замрзнато“, сè додека не се реши проблемот со невработувањето во  Македонија ?! Дотогаш, пак, едно од најважните  ветувања за граѓаните на Тетово,  дадено во изборната програма на Арифи со која таа ги бараше гласовите на тетовчани за нов градоначалнички мандат,  треба да се одложи на непоределено време.

Истовремено, проблематичен е и  делот од изјавата во кој премиерот Заев вели: Ако воведеме јавен превоз, ќе се вработат 5 во една смена, 5 во друга, нема повеќе од 5 автобуси да го шпартаат Тетово.  Што ќе правиме со тие 500 таксисти?“ Воведување на јавниот превоз не значи и затворање на такси компаниите, а ниту пак, ќе значи губење работа на сите 500 таксисти. Исто така, има разлика во квалитетот и во ефикасноста на услугите на јавниот превоз и на такси компаниите, а се разбира и во цената. Така што, воведувањето на јавен превоз не значи и целосно блокирање на такси бизнисот. Тоа на пример, не се случи во Скопје, Битола,  Прилеп… А во регионот  има и многу  градови со големина на Тетово, каде иако има јавен превоз работат и такси компании и индивидуални таксисти.

Да напоменеме и дека илјадници, работници, студенти и граѓани на Тетово, секојдневно се соочуваат со потешкотии со превозот и немаат друг избор освен користење на приватни возила ( тие што имаат), или плаќање на скапи услуги при користење на такси.

Имајќи го сето ова предвид, изјавата на премиерот Заев  дека не е соодветно време за воведување на јавен превоз“бидејќи  „во Тетово има повеќе од 500 семејства што живеат од такси“, ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.