Ќахил: Владата на Груевски со години ветува изградба на Турскиот театар, но ништо од тоа

Лидерот на Партијата за движење на Турците во Македонија, Аднан Ќахил во разговор за 24 Вести, во врска со исвиркувањето на премиерот, Никола Груевски во салата „Борис Трајковски“, на прославата на националниот ден на Турција, изјави дека поради повеќе причини премиерот воопшто не требало да се појавува. Според Ќахил,

Владата на Груевски веќе со години ветува изградба на Турскиот театар, но и понатаму тоа останува само на ветување, па затоа и не треба да чудат  ваквите реакции.

  [Извор: 24 Вести  Датум: 22.12.2015]

Образложение:

Владејачката ВМРО ДПМНЕ во своите предизборни програми со години ветува изградба на Турскиот театар, но тој сè уште не е изграден.

Од предизборната програма на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ во 2011 година, на страна 294 може да се забележи следното ветување:

Турски театар: Со изградбата на овој капитален објект за првпат турската заедница во нашата земја ќе добие свој театар. Турскиот театар е носител на врвни домашни и меѓународни репрезентативни награди, а со изградбата на овој објект конечно ќе се добијат современи услови за работа на оваа национална установа, која долги години просторот го делеше со Албанскиот театар. За изградбата на Турскиот театар се очекува и донација од Република Турција. Носител: НУ Турски театар. Рок, 2015 година[Пристапено на 23.12. 2015]

Во предизборната програма на истата партија од минатогодишните (2014 г.) избори, на страница 322 може да се најде слично ветување:

Реализацијата на овој капитален објект е веќе започната. Со изградбата на овој објект, конечно ќе се добијат со- времени услови за работа на оваа национална установа, која долги години го делеше просторот со Албанскиот театар. Во новиот театар ќе се создаваат претстави во истите услови како и на големите театарски центри што ќе придонесе за реализација на многу заеднички, копродукциски проекти и презентација на потенцијалите на турските актери. Носител: НУ Турски театар. Рок 2018 година. [Пристапено на 23.12. 2015]

На 18 јануари 2014 година (три месеци пред вонредните парламентарни избори) беше поставен камен-темелник на новиот бјект на Турскиот театар. Како што беше тогаш најавено, карабината на објектот требаше да биде изградена за 14 месеци. [Пристапено на 23.12. 2015]

Во јули 2015 година беше поставена првата темелна плоча на новиот објект на Турскиот театар. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, тогаш изјави дека до крајот на годината се очекува да има завршена карабина, па потоа согласно со потпишаниот меморандум со Република Турција, ќе се пристапи кон другите фази за целосна изградба на објектот.

Во изминатиот период се работеше на ископот на градежната јама, каде што имаше мал застој поради тоа што се појавија подземни води, па мораше да се врши испумпување и да се направи хидроизолација. По завршување на овој процес, се пристапи кон понатамошните градежни активности и денеска, на огромно задоволство, се поставува првата темелна плоча. Кога тоа ќе заврши, ќе се продолжи со карабината  [Пристапено на 23.12. 2015]

Минатиот месец (ноември 2015) по повод јубилејот од 65 години од постоењето на Турскиот театар, министерката за култура Канческа-Милевска изјави дека новиот објект на турскиот театар се гради и ќе претставува современ објект кој е сон на бројни генерации актери и на публиката.

Јубилејот од 65 години постоење на Турскиот театар не обврзува да продолжиме постојано да вложуваме во растежот на овој еминентен ансамбл, во унапредувањето на условите во кој дејствува и во таа смисла новиот современ објект во кој ќе делува овој театар, ќе биде материјализација на сонот на бројните актери од сите генерации кои го градеа кредибилитетот на оваа национална установа. [Пристапено на 23.12. 2015]

Имајќи го предвид сето ова, може да се констатира дека изјавата на Ќахил е полувистина, а дека владејачката партија само делумно го исполнила ветувањето.

Линкови:

 

Оценето од: Тео Блажевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *