Како (не) треба да се известува за самоубиство: Воздржете се од сензационализам!

Контроверзниот третман на самоубиството од страна на МВР како криминал некритички се пресликува во известувањата кои се објавуваат главно во рубриката „Црна хроника“.

 

Кампања на американските вооружени сили за спречување самоубиства
Кампања на американските вооружени сили

 

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

 

Македонските медиуми известуваат за самоубиства секојдневно. Само во последниов месец пребарувачот Тајм.мк регистрира над 300 медиумски написи во кои се пишува за самоубиства во и вон Македонија, од кои повеќето ги содржат зборовите „самоубиство“ и „самоуби(л)“ во насловот. Во голем дел од овие написи се известува на сензационалистички начин, а не се почитуваат ни другите конкретни упатства за известување за самоубиство.

 

Медиумите – „copycat“ на МВР

Иако самоубиството е проблем на јавното здравство, најголем дел од медиумските известувања за самоубиства во Македонија се засноваат исклучиво на полициски извори. Контроверзниот третман на самоубиството од страна на МВР како криминал некритички се пресликува во известувањата кои се објавуваат главно во рубриката „Црна хроника“.

Но, наместо потпирање првенствено на полициски извори и статистики, етичка обврска на новинар(к)ите е да известуваат за самоубиството како здравствен проблем, доведувајќи ги под прашање официјалните податоци на МВР. На пример, според кои прописи токму Министерството за внатрешни работи е надлежно да води статистика за мотивот за извршување на самоубиство, а не Министерството за здравство, кое има пропишано и конкретни упатства за практикување на медицина на докази?

За поодговорно известување во врска со самоубиствата новинарите треба да се свртат кон релевантни извори. Во оние случаи каде одредено самоубиство покренува прашање од јавен интерес, известувачите не треба да се потпираат на „традиционалните“ извори (МВР, членови на семејството кои се во шок, чаршијата…), туку на релевантни извори кои се упатени во оваа здравствена проблематика. На пример, во известувањата за самоубиства генерално многу ретко се користат како извори здравствени експерти за судска медицина или податоци од официјални здравствени институции надлежни за оваа проблематика, како што се, на пример, Клиниката за психијатрија, Институтот за судска медицина, Институтот за јавно здравје, итн.

Новинар(к)ите треба да знаат дека и Светската здравствена организација (СЗО) има објавено посебна брошура за превенција на самоубиство за медиумски професионалци. Секогаш кога пишуваат за самоубиство, новинар(к)ите најдобро е да го консултираат сајтот на СЗО, каде што има објавено општи информации за темите самоубиство и превенција на самоубиства, како и табели и статистички податоци за одделни земји, вклучително и за Македонија (за перидот од 1991-2003).

 

Има надеж - порака за спречување самоубиства - Golden Gate мостот во Сан Франциско
Има надеж – порака на Golden Gate мостот во Сан Франциско

 

Медиумите не објавуваат прецизна статистика

Официјалните статистички податоци дополнително ја маргинализираат темата самоубиство како здравствен проблем. Статистичките податоци се сместени во областа „население“, во рамки на соопштенијата за „Умрени лица од насилна смрт“, помеѓу категориите „несреќни случаи“ и „убиства“. Податоците на Државниот завод за статистика за 2012 година укажуваат дека имало 5 пати повеќе самоубиства (172) отколку убиства (34), а односот помеѓу половите – машки (120) и женски (52) – укажува на сериозен родов јаз.

Малкуте медиуми кои известуваа за ова статистичко соопштение воопшто не ја објавија официјалната бројка на самоубиства, ниту, пак, укажаа на родовиот јаз. Претходно, некои медиуми сензационалистички известуваа, објавувајќи некомплетни статистички податоци за 2012, без да ги проверат податоците кои јавно ги изнесол министерот за здравство за претходните години. На пример, медиумите известија дека стапката на самоубиства во 2010 (7,4 случаи на 100.000 жители) била поголема отколку во 2011 (6,9 случаи на 100.000), иако Заводот за статистика бележи помал број самоубиства во 2010 (87 машки + 35 женски = 122), отколку во 2011 (96 машки + 32 женски = 128). Кај новинар(к)ите отсуствува интерес и за објавување на поспецифични статистички податоци, како што е стапката на самоубиства по возрасни групи (видете Одржлив развој, 2012, стр. 178).

Неретко, медиумите објавуваат непоткрепени сензационалистички статистики. Насловот „Македонија со најниска стапка на самоубиства во Европа“ воопшто не кореспондира со содржината „…е меѓу земјите со ниска стапка на самоубиства, односно една од најниските во Европа“. Сензационалистичкиот наслов „Македонија е земја со најмалку самоубиства во светот“ нема никаква статистичка поткрепа.

Ако новинар(к)ите не трагаат по официјални статистички податоци и не ги компарираат, нема да бидат во состојба да извлекуваат релевантни заклучоци и да ја алармираат јавноста за прашања од јавен интерес – како заклучокот дека бројот на самоубиства во 2012 се зголемил за 48 (односно за 37.5%), во однос на 2011.

СОС-линија за кризни состојби на Клиниката за психијатрија (24/7): (02) 3136 400.

 

Етичкото известување е неспоиво со сензационализмот

Во многу земји постојат конкретни стандарди (упатства, насоки или препораки) во врска со медиумско известување за самоубиства. Во Македонија постојат „Упатства за известување за самоубиство“ во Прирачник за етиката во новинарството на ЗНМ. Во упатствата е јасно нагласено дека

„- Согласно членовите 7 и 8 од етичкиот Кодекс, новинарите се должни да ја зачуваат приватноста на личноста и да не известуваат со сензационализам во случаи на самоубиство, бидејќи станува збор за семејна трагедија“.

– Фотографии или снимки на починатиот треба да бидат избегнати, како и евентуално оставени писма и пораки.

– Наведување на социјалните причини, како што е невработеноста, проблеми со училиштето или крај на романтична врска, може да биде разбрано како порака до сите кои имаат слични проблеми дека самоубиството е едно од можните решенија.

– Колоритни фрази, позитивен став кон чинот или сензационалистички пристап, особено доколку станува збор за популарна личност која е идол на младите, може да поттикнат на самоубиство.“

Во голем дел од секојдневните медиумски известувања за самоубиство воопшто не се почитуваат овие упатства. Советот на честа на ЗНМ досега има реагирано само во случај на одделни тешки повреди на кодексот. На пример, во соопштението „Сензационализам на сметка на човечка трагедија“ Советот на честа остро реагираше на „објавувањето на фотографиите на кои се гледа безживотното тело на човек како виси на дрво во паркот наспроти зградата на Нова Македонија во Скопје…“ и на објавувањето на идентитетот на жртвата.

Советот на честа укажа дека „Нема никаков јавен интерес во објавувањето такви фотографии“, ги повика новинарите на совесно и одговорно однесување и им порача „Сензацијата да не биде пред човековата трагедија и болка“.

Продолжува: Како (не) треба да се известува за самоубиство: Препораки и примери

 

СОС-линија за кризни состојби на Клиниката за психијатрија (24/7):
(02) 3136 400

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција