Како се извршуваат кривичните пресуди во Република Македонија

Фото: pixabay.com

Изречените санкции, казна затвор, парична казна – глоба или друг вид на алтернативни мерки изречени од надлежен суд за направени кривични дела, се извршуваат кога одлуката со која е изречена казната ќе стане правосилна и кога не постојат законски пречки за нејзино извршување поради поднесување на какви било правни лекови (жалби). Постапката е итна и ја спроведува судија за извршување на санкции.

 

Пишува: Саше Димовски 

 

Според одредбите на македонските закони за кривична постапка и за извршување на санкциите, пресудите и решенијата стануваат правосилни кога не може повеќе да се побиваат со редовен правен лек – жалба или кога не е дозволена жалба. Ако не е поднесена жалба или странките се откажале од жалбата, одлуката станува извршна со истекување на рокот за жалба.

Надлежен суд за извршување на санкциите е судот според местото на живеалиштето/ престојувалиштето на осуденото лице. Според Законот за извршување на санкциите, првостепениот суд е должен ова да го стори веднаш, а најдоцна во рок од три дена откако одлуката ќе стане извршна. Постапката за упатување на осудените лица во затвор е итна.

Судијата за извршување на санкциите е должен да ги преземе потребните дејствија заради извршување на казната затвор веднаш по приемот на извршната одлука, а најдоцна во рок од осум дена по нејзиниот прием.

Постапката за извршување на пресудите во делот на казните ја води судијата за санкции, кој мора да го има во секој основен суд. Тој, меѓу другото одлучува за:

• упатување на издржување на казната затвор;

• одлагање на издржување на казната затвор;

• прекин на издржување на казната и ставање вон сила на прекинот на издржување на казната затвор;

• настапување на застареност на извршување на казната или запирање на извршување на казната поради смрт на осуденото лице, го известува надлежниот суд заради донесување на соодветна одлука;

Судијата за извршување на санкциите е должен да пристапи кон извршување на санкцијата веднаш по приемот на одлуката. Судијата, во случај ако осуденикот не се јави на извршување на казната затвор во определениот ден, веднаш ќе издаде наредба до Министерството за внатрешни работи за приведување на осуденото лице со која, исто така ќе побара, доколку осуденото лице се крие или се наоѓа во бегство, органот да издаде и потерница за пронаоѓање и спроведување на осуденото лице во установата за извршување на казната затвор

 

УПАТЕН АКТ

На осуденото лице лично му се доставува упатен акт во кој е означен денот кога треба да се јави во определена затворска установа. Со упатниот акт осуденото лице се предупредува дека доколку не се јави во определениот ден во затвор ќе биде присилно спроведен.

Осуденото лице од добивање на упатниот акт за одење во затвор до датумот означен во актот за почеток на издржување на казната мора има најмалку осум, а најмногу 13 дена. Судијата за извршување на санкциите со доставувањето на упатниот акт на осуденото лице истовремено го известува и затворот за денот во кој осуденото лице треба да се јави. Ако осуденото лице, согласно упатниот акт, не се јави во определениот ден на звршување на казната затвор, затворот за за тоа без одлагање ќе го извести судијата за извршување на санкции

 

БАРАЊЕ ЗА ОДЛАГАЊЕ НА ИЗВРШУВАЊЕ НА КАЗНАТА

Осуденото лице кое се наоѓа на слобода може по негова молба да му се одложи почетокот на извршувањето на казната затвор, ако:

1. Се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности;

2. Се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице;

3. Одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила;

4. Осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета;

5. Одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало;

6. Заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството;

7. Е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца и

8. Е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.

Против решението донесено по молбата за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор, осуденото лице и надлежниот јавен обвинител имаат право на жалба до кривичниот совет на судот надлежен за извршување на санкцијата во рокод три дена од денот на приемот на првостепеното решение

Жалбата го одлага извршувањето на казната. Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалбата во рок од три дена по приемот на жалбата. Одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор може да одреди и надлежниот суд за решавање по барање за повторување на кривичната постапка (Основниот суд), поднесено во корист на осуденото лице, по барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда (Врховниот суд) и по барање за замена на казната затвор со парична казна, под условите предвидени со закон.

 

ИЗВРШУВАЊЕТО НА КАЗНАТА ЗАТВОР МОЖЕ ДА СЕ ОДЛОЖИ:

 

  • Додека трае болеста, односно лекувањето, ако одлагањето се бара затоа што осуденото лице се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности

Поради специфичноста на причината (хоспитализација поради потешка акутна болест или зависности) Законот дозволува молба за одлагање на почетокот на извршувањето на казната да може да поднесе и неговиот брачен другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител. Осуденото лице на кое му е одложено издржувањето на казната по овој основ е должно на секои 30 дена да достави веродостоен доказ за неговата здравствена состојба.

  • Најдолго за три месеца, ако одлагањето се бара поради смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице; ако одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила; ако одлагањето се бара од причина што осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета; и ако е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.
  • До завршување на училишната година ако одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или
  • Шест месеци ако одлагањето на осуденото лице му е потребно за полагање на испит за кој се подготвувало;

 

 

Извори:


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.