Караџоски остана доследен во недоследноста

Зоран Караџоски. Фото: скриншот

Зоран Караџоски, кој е прв човек на Судскиот совет и кој би требало да е најзаинтересиран за работењето на ова тело, кое е од суштинско значење за судството и за реформите во него, дава изјава која како да се однесува на некои бенигни констатации за неисчистената улица пред Судскиот совет или во неговото маало: „Не сум го прочитал извештајот; Се надевам ќе го најдеме; Тоа што го слушнав по медиуми укажува на несериозно однесување на СЈО“…

 

Зоран Караџоски, кој е прв човек на Судскиот совет и кој би требало да е најзаинтересиран за работењето на ова тело, кое е од суштинско значење за судството и за реформите во него, дава изјава која како да се однесува на некои бенигни констатации за неисчистената улица пред Судскиот совет или во неговото маало: „Не сум го прочитал извештајот; Се надевам ќе го најдеме; Тоа што го слушнав по медиуми укажува на несериозно однесување на СЈО“…

 

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски, даде изјава за медиумите која е во најамла рака недоследна:

Јас ќе го разгледам, секако и сите членови ќе го разгледаме, се надевам ќе го најдеме (извештајот). Значи, тоа што го слушнав по медиуми, по портали, нѝ укажува на несериозно однесување од страна на една странка во постапката, фактички СЈО, начинот на пристап. Меѓутоа, сепак, со резерва тоа што го слушам по медиуми. Повеќе би коментирал доколку ги имам сите факти пред мене.

[Извор:1TВ/Јутјуб канал, датум: 17.09.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Судскиот совет на РМ, Зоран Караџоски, повторно даде изјава со која јавноста е ставена во дилема дали може да се очекува некогаш воопшто напредок во областа судство во земјата. Караџоски како прв човек на најважното тело во судството треба да знае и да се обиде да биде информиран за сè што се случува во оваа област како еден од четирите столба на демократските општества.

Но, наместо такво однесување, Караџоски покажува неизаинтересираност за Посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство, кое го информира Собранието на РМ, согласно законските надлежности поврзани со неговата позиција и работа.

А, главната работа на СЈО е да ги расветли сите детали околу создавањето на нелегално прислушуваните разговори, но и да реагира на индициите и доказите за криминал што се наоѓаат во тие аудио-материјали и СМС пораки.

 

ШТО ПРОНАШЛЕ ВО СЈО?

И бидејќи една од мерките (и должностите) што му стојат на располагање на СЈО е посебен извештај, тие тоа и го сторија – сочинија посебен извештај за сознанијата до кои дошле преку прислушуваните материјали за однесувањето на одреден број претставници на судската власт, од кои некои се членови и на самиот Судски совет. Еве што вели СЈО во воведот на својот Посебен извештај за тоа што пронашол во аудио и СМС материјалите со кои располагаат:

Нелигитимното договарање меѓу носители на високи функции на извршната и судската власт при изборот на судии кој се вршел надвор од законските процедури, повреда на одредбите за инкомпатибилност на судската функција со вршење на друга јавна функција, работа или дејност, директното мешање во вршењето на судиската функција, запознавање на неповикани лица со информации до кои судиите доаѓале при вршење на судиската функција, се само дел од начините со кои се вршело поткопување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија за владеење на правото и за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Понатаму, СЈО со резиме од прислушуваните материјали посебно се осврнува врз неколку судии. Прва во Посбениот извештај е спомената Александра Зафировска, претседател на Судскиот совет од 2011-до 2013 година, период за кој од СЈО се најдени сведоштва во прислушуваните разговори за сторени повреди на законите од страна на Зафировска:

Од доказите со кои располага ова Јавно обвинителство, особено телефонските разговори на Александра Зафировска, во периодот од 2011 година до 2013 година, а од кои дел беа и јавно објавени, произлегува дека истата додека ја вршела функцијата претседател на Судски совет на Република Македонија, била во постојана координација со извршната власт. Содржината на аудио материјалите несомнено упатува на заклучок дека тогашниот премиер на Владата на Република Македонија не само што бил известуван и консултиран при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет, туку истиот имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници.

Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд на РМ е второспоменатиот во Посебниот извештај на СЈО:

Сознанијата до кои дојде ова Јавното обвинителство при своето тековно работење, на кои секако се надоврзува јавно објавениот разговор меѓу Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд на Република Македонија и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори остварени од страна на Јово Вангеловски во 2011 и 2012 година покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, на начин што истиот во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето.

Споменати се уште две судијки – Софија Лалиќиќ и Светлана Костова. СЈО недвосмислено тврди дека поседува докази во материјалите, кои укажуваат на кршење на законите и Уставот на РМ и за двете судијки. Од незаконскиот избор на првата, преку контакти на двете со тогашниот прв човек на Управата за безбедност и разузнавање, Сашо Мијалков, до неспоивост на извршување судска функција со која било друга, а Костова тоа го правела со месеци – била судија, а истовремено сè уште ѝ течел стажот по основ на работно место во УБК при МВР!

 

ПРЕПОРАКИ ДО СОБРАНИЕТО

Покрај погоре наведените сосзнанија, СЈО се обраќа, практично го моли Собранието на РМ како тело со највисока власт во земјата, да интервенира и да помогне Македонија да ги исполни и препораките на експертската комисија на Прибе, препораките на Венецијанската комисија и препораките од извештаите на ГРЕКО – телото на Советот на Европа на земји кои се борат против корупцијата и организираниот криминал, во кое членува и Република Македонија.

Една од препораките се однесува и на преразгледување на улогата и законската поставеност во која работи Судскиот совет:

Собранието на Република Македонија е единствениот државен орган кој може да ги елиминира сите можни влијанија во судството, а со тоа и да ја зголеми неговата независност и самостојност. Оттука сметам дека законодавниот дом треба да се откаже од својата уставна надлежност да избира членови на Судскиот совет, а воедно и да се одземе уставното право на Претседателот на Републиката да предлага членови на Судскиот совет. На ваков начин ќе се спречи секое евентуално мешање на извршната и законодавната власт во независноста на судството. Воедно, како најприфатливо решение би требало да се разгледа можноста сите членови на Судскиот совет да ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тајно гласање.

СЈО, кое констатира дека, според сегашното законско решение за Судскиот совет, неговите сознанија за овие судии не можат да се претвоорат во санкции, зашто рокот за поведување постапка е три години од извршување на делото, му предлага на Собранието да ја смени таа законска одредба со две препораки:

итна интервенција во Законот за Судски совет на Република Македонија во однос на рокот за поведување на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд на начин што истиот да биде еквивалентен на мандатот на вршителот на судиската функција;

измени во поглед на санкционирањето, на начин што ќе се воведе разновидност на санкциите и построго санкционирање кое, пред сѐ, ќе оневозможи несоодветен напредок во кариерата.

И, што имаме на крај? Собранието не е во заседание поради референдумот на 30-ти септември. Зоран Караџоски, кој е прв човек на Судскиот совет и кој би требало да е најзаинтересиран за работењето на ова тело, кое е од суштинско значење за судството и за реформите во него, дава изјава која како да се однесува на некои бенигни констатации за неисчистената улица пред Судскиот совет или во неговото маало: „Не сум го прочитал извештајот; Се надевам ќе го најдеме; Тоа што го слушнав по медиуми укажува на несериозно однесување на СЈО“;….

Поради погоре изнесените факти/детали од извештајот на СЈО, може да се оцени дека изјавата на Караџоски во најмала рака е недоследна во однос на уставната и законската поставеност на СЈО во општеството и со сите негови изјави дека тој бил определен за независно судство и за реформи на судскиот систем!

Но оваа негова изјава е сосема доследна кога станува збор за Караџоски. Тој и во 2016 година, кога гостуваше по телевизии, не најде ништо страшно околу излезените телефонски разговори кои покажуваат дека судството е партизирано. Истото се случи и на почетокот на оваа 2018 година, кога истиот Караџоски не виде ништо страшно во Извештајот на Министерството за правда за местенките што се случувале со функционирањето и заобиколувањето на АКМИС-от. Па, оттука, недоследноста на Караџоски во врска со неговото место и улога во судскиот систем во РМ и неопходните реформи, всушност, е многу доследна!

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.