Каракамишева против Каракамишева – две различни изјави за мандатот за влада

Првофесорката по уставно право Каракамишева - Јовановска се побива самата себе Фото: Принтскрин

Професорката по уставно право и политички систем Тања Каракамишева – Јовановска, еднаш вели дека „надвор од Уставот е давањето на мандатот да се врзува со други услови“, а една недела подоцна, кажува дека е целосно Уставна  одлуката Иванов да не му го даде мандатот на Заев, иако тој има 67 потписи! 

 

Универзитетската професорка Тања Каракамишева – Јовановска, во изјава која ја пренесоа повеќе  медиуми,  вели дека одлуката на претседателот Иванов да не го даде мандатот на Заев е целосно во согласност и во рамките на Уставот на РМ.

Претседателот на Републиката е должен својата функција да ја извршува согласно сите одредби од Уставот, а не само согласно одредбите кои се однесуваат на неговата функција. Тоа што овие неколку денови го читаме и го слушаме од експертите блиски до СДСМ дека претседателот нема право да не го даде мандатот за Влада на Заев, и дека се работи за формално дејствие кое мора да се заврши со формално доделување на мандатот е тесно експертско сфаќање кое не е во корелација со целосната уставна должност на претседателот на Републиката да го почитува уставниот поредок на државата, да го почитува Уставот од првиот до последниот член, и да ги брани темелните вредности врз кои истиот е заснован. Впрочем, претседателот на Републиката има дадено свечена изјава кога ја презеде функцијата дека истата  ќе ја врши совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите на земјата. Оваа изјава претседателот ја нема дадено само за почитување на членовите од Уставот кои се однесуваат на неговите надлежности, туку дека неговата работа мора да биде во согласност со целиот Устав, вели Каракамишева- Јовановска.

[Извор: Пресс 24 , датум 01.03.2017 ]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Тања Каракамишева – Јовановска, според која претседателот Ѓорѓе Ивано постапил исправно кога одбил да му го даде мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и донел одлука која е целосно во согласност со Уставот, е неконзистентна.

Еве зошто.

Професорката Каракамишева- Јовановска во гостувањето на ТВ Нова 22.02.2017 година,  кажа дека Иванов не може да го условува давањето на мандатот доколку оној што го бара има обезбедно  мнозинство во парламентот – 61 пратеник, бидејќи тоа е спротивно на Уставот:

…Вели  (Иванов н.з.) тој што ќе ми даде 61 потпис ќе го добие мандат, но го врзува мандатот со уште два услова. Извинете, но и тоа е исто така надвор од Уставот, зошто определувањето мандатар не се врзува со претходни услови и да барате исполнување од политичките партии…

Овој нејзин став е спротивен на тоа што таа го изјави коментирајќи ја одлуката на Иванов да не му го даде мандатот на Заев.

Така што, нејзината изјава ја сметаме за недоследна, бидејќи таа фактички се побива самата себе. Еднаш вели дека „надвор од Уставот е давањето на мандатот да се врзува со други услови“, а една недела подоцна, кажува дека е целосно Уставна  одлуката Иванов да не му го даде мандатот на Заев! Иако тој има 67 потписи, но Иванов проценил дека Заев  не исполнува други услови „во својата програма има платформа за рушење на државотворноста и унитарноста на државата“ (?!)

 

ИЗВОРИ:

 

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција