Карпошани ја добија картичката за попусти „Мој Карпош-моја картичка“

Фото: karpos.gov.mk

ВЕТУВАЊЕ: Картичка „Мој Карпош“ – Со оваа картичка сите граѓани со место на живеење во Општина Карпош ќе имаат можност да користат бенефиции во угостителските објекти, театрите, кината, библиотеките и спортските објекти. Рок: 2018 година

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.24) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборието за локалните избори (октомври 2017 г.) градоначалникот на Општина Карпош,  Стефан Богоев   вети воведување на картичката „Мој Карпош“, со која жителите на Општината ќе имаат можност да користат бенефиции во угостителските објекти, театрите, кината, библиотеките и спортските објекти. Ова ветување е  дел од предизборната програма на Богоев насловена како „Живот во Карпош! За сите!“ (стр. 24) и тоа е исполнето.

Проектот  „Мој Карпош-моја картичка“ стартуваше на 05 март (2019), а на промоцијата беше соопштено дека со оваа картичка  жителите на Карпош имаат можност да користат одредени попусти при користење на услугите во над 250 фирми и компании што работат на територијата на локалната самоуправа: ресторани, кафулиња, спортски објекти,ординации, книжарници, но и кај производители на ИТ опрема, дизајн студија, сервиси.

Тогаш беше кажано и дека за картичката можат да аплицираат сите жители на Карпош над 13 години, и тоа или директно во Општината, или преку веб-платформата www.mojkarpos.mk.

Градоначалникот Богоев промовирајќи ја картичката рече:

 Примарната цел на картичката не е да ја загрози конкуренцијата или да нѐ направи „локал патриоти“. Напротив! Бизнисите нудат попусти и бенефиции во деловите од денот кога можеби немаат голем промет и потрошувачка, а на овој начин ќе се поттикнат потрошувачите да ги посетат токму во тој период. Всушност, се постигнува двојна цел. Задоволни бизниси кои имаат поголема фреквенција и добивка, како и граѓани кои купуваат по пониски цени во одредени периоди од денот

На 15 март од Општината информираа дека 2.000 граѓани аплицирале за картичката „Мој Карпош“. Деновиве  (6 мај), пак, Општина Карпош соопштија дека започнале со брендирање на сите локали и објекти на повеќе  различни бизниси кои се приклучиле кон проектот „Мој Карпош – Моја Картичка“.

Секој објект ќе добие налепница која ќе биде поставена на видно место на влезот на локалот или објектот, со цел граѓаните да бидат информирани за угостителските  и други објекти во кои можат да купуваат и да добиваат услуги по пониски цени или да добијат друг вид на бенефиција, соопштија од Општината

 Имајќи го предвид сето ова,  може да се каже дека ветувањето на градоначалникот Богоев, дека ќе воведе картичка „Мој Карпош“, со која жителите на Општината ќе имаат попусти во одредени трговски, угостителски и културни објекти,  е исполнето.

**** Забелешка

„Вистиномер“ минатата година го проверуваше ова изборно ветување на Богоев  и тогаш оценката беше „во тек“, со оглед на тоа што Општината имаше почнато активности за спроведување на проектот „Мој Карпош-моја картичка“.

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.