Кирацовски: Административците ќе бидат казнувани, а може и избркани од работа

 

Власта на Груевски, според овој закон ( Законoт за административни службеници) ќе подготвува казни за вас кои сте во последните 5% од ранг листата на оценување, без разлика дали сте оценети со оценка 1, 2, 3, или 4, на скала од 1 до 5. За апсурдот да биде поголем, според донесениот закон, ќе бидат казнети и вработени со оценка 4,4 што е на граница помеѓу многу добра и одлична работа, само затоа што се нашле во фамозните 5 проценти кои мора да примаат помала плата, половина година! Дел од административните службеници поради тој закон се соочени и со најстрогата казна – престанок на работниот однос, иако е тоа нивно прво оценување. Знаете ли кој ги оценува административните службеници? Главно нивниот шеф. Тој учествува со најголем процент во формирањето на оценката односно 65%. Во останатиот дел од оценката учествуваат други четири соработници, како и двајца оценувачи вон институцијата, кои под политичко влијание, лесно можат да донесат субјективна оценка

[Извор:Плусинфо Датум: 16.12.2015]

 

Образложение:

Дополнителниот заменик – министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски,  ја даде оваа изјава на неговата прва прес-конференција, од која на државните службеници им порача, дека „најостро се спротивставува на казните со кои треба да се соочат поради грубиот и политички мотивиран Закон за административни службеници, кој го има донесено Владата на Никола Груевски“.

Во членот 65, став 3  од Законот за административни службеници, кој е на сила од 13.02.2015 година е предвидено:

 (3) Оценувачот со оценка “1”, “2”, “3”, “4” или “5” ја оценува работата на административниот службеник во однос на квалитетот, ефективноста и ефикасноста на работењето, почитувањето на роковите и нивото на исполнување на утврдените работни цели и задачи, нивото на вклученост и посветеност на работата, придонесот во реализацијата на стратешкиот план на институцијата, реализацијата на индивидуалниот план за стручно усовршување и однесувањето на административниот службеник, а го зема предвид и извештајот од полугодишното интервју.

Во однос на казните за кои Кирацовски вели дека вработените можат да останат без работа во член 68, став 2 од Законот  е наведено:

(2) На последните 5% административни службеници од ранг-листата од членот 65 став (17) од овој закон ќе им:

  • – престане работниот однос доколку се оценети со оцена „не задоволува“,

  • – биде намалена платата во износ од 20% во период од шест месеци доколку се оценети со оцена „делумно задоволува“ и

  • – биде намалена платата во износ од 10% во период од шест месеци доколку спаѓаат во последните 5% од ранг-листата, а не се оценети со оцена „не задоволува“ или „делумно задоволува“.

За начинот на оценување во член 65, ставовите 5,6 и 7, се вели:

(5) Годишната оцена на административниот службеник се добива врз основа наоценката на оценувачот која учествува со 65%, како и од просечната оценка од четири други административни службеници со кои административниот службеник непосредно соработувал и тоа двајца на пониско и двајца на исто ниво, како и двајца оценувачи кои не се вработени во институцијата, а со кои административниот службеник има непосредна соработка (во натамошниот текст: други оценувачи), која учествува со 35%.

(6) Во институциите во кои нема административни службеници кои ги исполнуваат условите од ставот (5) на овој член, други оценувачи ќе бидат административни службеници од кое било ниво.

(7) Другите оценувачи ги бира административниот службеник во договор со неговиот оценувач и истите со оценки “1”, “2”, “3”, “4” или “5” ги оценуваат општите работни компетенции на административниот службеник и предлагаат начини на подобрување на работата на административниот службеник.

Потврда за овие тези има и во Правилникот за начинот на оценување на државните службеници. [Пристапено на 17.12.2015]

Поради сето ова може да се заклучи дека изјавата на дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски,  е вистинита.

 

Линкови:

 

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција