Кисела Вода доби нов Дом на културата

Темелно реконструиран објектот изграден во 1959 година Фото: Веб-страница на Општина Кисела Вода

ПРОЕКТ: РЕКОНСТРУКЦИЈА, САНАЦИЈА, АДАПТАЦИЈА И ДОГРАДБА НА ДОМОТ НА КУЛТУРАТА ВО ОПШТИНАТА КИСЕЛА ВОДА

Со заедничката реализација на овој проект, Министерството за култура и општината Кисела Вода ќе го реконструираат Домот на културата кој во моментов е во нефункционална состојба. Со тоа ќе се обезбедат услови за многубројни културни активности на територијата на општината Кисела Вода. (Носители: Министерство за култура и општина Кисела Вода Рок: 2018 ГОДИНА)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Новиот Дом на културата „Кисела Вода Кино“ (КВК) е пуштен во употреба  на крајот на јуни оваа година (2016). Ова е исполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ дадено во изборната програма  „Проверено“ (2014-2018) во делот „Поквалитетен живот за сите“ (Култура и уметност  стр.329),  со рок на реализација 2018 година.  Изградба на нов културен центар во Кисела Вода вети и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ,  во Изборната програмата (2013-2017) Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода!“ (Култура, стр. 47), со тоа што тука предвидениот рок за изведба на проектот е 2016 година.

Изградбата на новиот Дом на културата почна во 2014 година. Темелна реконструкција  на старото кино во населбата Кисела Вода и негова пренамена во мултифункционален објект,  најавија  градоначалничката  Беличанец-Алексиќ и министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска, во феврураи 2014 година  на прес – конференција одржана во дотраениот објект.

Тогаш беше соопштено дека, граѓаните ќе добијат Дом на културата кој ќе се користи и како театар:

Просторот ќе има и библиотека, уметнички клуб, кафетерија со галерија, административни канцеларии, како и простории за месната заедница со посебен влез.

Реконструкцијата ќе се реализира со средства од државниот и Буџетот на локалната самоуправа.

Предвидено е новиот Дом на културата да биде енергетски ефикасен објект со модерна надворешност. Фасадата ќе биде од композитни алуминиумски панели во три бои, црвена, темно и светло сива. Надворешниот простор ќе биде холтикултурно уреден, а за посетителите ќе бидат обезбедени и паркинг-места.

Во октомври 2014 година министерката за култура соопшти дека реконструкцијата на киното „Кисела Вода“, односно Домот на културата, каде што порано беше сместено ова кино, ќе биде готова до крајот на 2015 година кога скопската општина треба да прослави 60 години од постоењето.

Сакам да изразам огромно задоволство околу почитување на динамиката во однос на изградбата. Направено е и повеќе од она што е планирано досега. Завршени се првата и втората фаза, сега следува бетонирање и поставување челична конструкција. Овој објект ќе биде од огромно значење за сите граѓани во Кисела Вода. Со изградбата на овој мултимедијален објект ќе има најразлични содржини и побогата културна понуда во Кисела Вода. Проектот се наоѓа во програмата и на Владата и на Министерството за култура и во соработка и заедничко инвестирање со Општината Кисела Вода планираме објектот до крајот на 2015 година да биде целосно завршен, токму кога се одбележува голмиот јубилеј од постоењето на општината. Финансиите се обезбедени и оваа година во буџетот на Министерството за култураизјави Канческа-Милевска, која искажа голема благодарност до Беличанец-Алексиќ за огромното залагање за изградбата на овој објект, како и до целиот тим.

Шест месеци подоцна од терминот што го најави министерката,  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-­Милевска и со градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-­Алексиќ,  официјално го пуштија во употреба ( јуни 2016 година) новиот Дом на културата во Кисела Вода „Кисела Вода Кино“ (КВК).

Станува збор за целосно, темелно реконстуиран објект изграден во 1959 година, руиниран и надвор од употреба од 1990 година за чијашто обнова се инвестирани 42 милиони денари од Министерството за култура и девет милиони денари од локалната самоуправа. ­

Новиот Дом на култура во Кисела Вода е на површина од околу 900 квадратни метри. Во приземјето се сместени мултимедијална сала со 169 седишта, музичко­-уметнички клуб, библиотека, канцеларија на Месната заедница, гардероба, билетарница, пацио. Просторот е збогатен и со дополнителни содржини како кафетерија, додека во подрумскиот дел е сместен делот за релаксација во кој граѓаните на општината Кисела Вода ќе може да го поминуваат своето слободно време. Во подрумот има и мала сала во која ќе може да се подготвуваат театарските претстави. Во дел од контролната кула, пак, е сместена контролна соба и остава

Информација за тоа дека „Општина Кисела Вода доби целосно нов Дом на културата“, може да се прочита и  на веб-страницата на Општина Кисела Вода.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција