Кога и како има казниви дејствија кај бојкотирањето на референдумот?

Визуелизација на омразата, спакувана за пропагандните потреби на референдумските бојкотирачи. Фото: Фајсбук/Твитер

Академик Владо Камбовски ја  отвори оваа тема и за неа има многу различни мислења. Во меѓувреме, работите отидоа многу подалеку – до укажувања за директен притисок за негласање со заложништво на лични документи и многу изливи на омраза на социјалните мрежи

Академик Владо Камбовски ја  отвори оваа тема и за неа има многу различни мислења. Во меѓувреме, работите отидоа многу подалеку – до укажувања за директен притисок за негласање со заложништво на лични документи и многу изливи на омраза на социјалните мрежи

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Никој не смее да ги организира граѓаните да не се спроведе референдумот на 30 септември, зашто тоа ќе се смета за кривично дело – организирање на отпор за извршување на донесена законска одлука, рече неодамна академик Владо Камбовски. Против користењето на терминот „казна“ се изјаснија многу експерти и тоа од двата спротивставени табори.

„Вистиномер“ контактираше двајца релевантни соговорници од правната сфера – адвокатот Филип Медарски и поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, но пренесуваме и други ставови.

Камбовски даде две изјави и со втората ја уточни мислата за тоа што сакал да каже со онаа прва изјава со која предизвика бранувања. Тој вториот пат, во подолго експозе, рече дека одлуката за референдумското изјаснување за членство во НАТО и ЕУ со признавање на Договорот со Грција ја донесе Собранието, таа е значи законита, што значи мора да се спроведе. Според академик Камбовски, секој може јавно да го каже своето мислење дали е „за“ или „против“ поставеното референдумско прашање или е за бојкот на референдумот, но никако не смее да ги организира граѓаните да не излезат да гласаат – смета Цаца Николовска.

 

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ?

Инаку, Кривичниот законик е прецизен и во членот 387: „Организирање на отпор“, стои:

(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

Адвокатот Филип Медарски беше изричит во оценката дека ниту организирањето на бојкот не треба да биде казниво. Тој не сака да се релативизира отпорот кон референдумското прашање, бидејќи е тоа дел од либералните погледи на демократијата.

Не постои и не треба да постои забрана во нашиот правен систем, ниту за повикување, ниту за организирање на бојкот на референдумот. Кривичното дело, кое се толкуваше во јавноста како основ за забрана на организирање на бојкот на референдумот, според мене има друга смисла, друго правно битие, односно забранува друго однесување, вели во интервју за МИА и министерката за правда Рената Дескоска.

Но, како што академската расправа се потсмири, дојде изјавата на Ване Цветанов, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ дека во мигот оваа партија ги тера своите симпатизери и членови кај неа да ги „заложат“ своите документи за идентификација (лични карти и пасоши) како форма на сигурен бојкот и неможност од промена на мислењето. Ова значи дека постои притисок врз членството на најбројната партија и дека не се овозможува евентуално премислување. Дали ова ќе ги натера надлежните, сепак, да преземат акција за проверка на ова тврдење?

 

ШИРЕЊЕ ОМРАЗА

На социјалните мрежи просто се множат страниците и профилите на кои, пред сѐ, заради посетата на германската канцеларка Ангела Меркел кај нас, заради нејзината јасна поддршка на оние кои ќе гласаат „за“, како и за потезите на актуелната Влада со јасната опомена за демохристијанскиот партнер Мицковски да се определи за решение кое води во НАТО и ЕУ, им даде тон на пропагандистите кои се изолација на земјава. Така, се јавија графичка монтажа која Меркел ја споредува со нацизмот, без било каква основа (само што е Германка, практично), а потоа се прават „надградби“ дека сите оние кои се за одговорот „за“ на референдумот, односно не се за бојкот, се фашисти, а народот (оние другите) станува жртва каква што биле Евреите пред и за време на Втората светска војна. Графичката монтажа со која се шири омраза кон канцеларката Меркел овде свесно и намерно не ја пренесуваме за да не овозможуваме нејзино понатамошно споделување, но дел од ваквите фотошопирани продукти полни со омраза наменети за социјалните мрежи можат да се видат, на пример, на линковите овде, овде, овде и овде.

Инаку, и адвокатот Медарски се согласува дека ако некој ве нарече „предавник“ кога би гласале на референдумот, тој врши недозволен притисок. Тоа е доста присутно во комуникацијата на улица, на собири, посебно преку социјалните мрежи…

Во неделата, на 23 септември, министерот Спасовски, говорејќи во Радовиш истакна, меѓу другото, дека „Македонија е слободна демократска земја со европски манири. Секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран согласно законите. Ова важи и за активностите на интернет. Секој обид за попречување на остварувањето на правото на глас ќе биде санкциониран“, наведе Спасовски

Оваа изјава веројатно ќе ги засили сите форми на полемики, кои и онака постојат во врска со можноста контра референдумот закажан за 30 септември, да се исполуваат одредени форми на притисок, ширење на омраза, закани и ментално насилство врз оние кои ќе сакаат да го остварат своето право на изјаснување за референдумското прашање.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција