Кога СДСМ предлага поголема минимална плата тоа е популизам, кога ветува ВМРО-ДПМНЕ не е!

Само Груевски може да ветува покачување на минималната плата! Фото: Принтскрин

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 21.11.2016 година промовирајќи ја новата партиска програма „Реално“, меѓу другото, најави и зголемување на минималната плата:

Од постоечката која изнесува 10 080 денари, ќе порасне на 12.000 денари во 2017, 12.500 денари во 2018, 13.200 денари во 2019, на 14.000 денари во 2020 година. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата која сега изнесува 9.000 денари, ќе порасне на 10.500 денари во 2017, 11.500 денари во 2018, 12.500 денари во 2019, на 13.500 денари во 2020 година. Ова покачување е реално и балансирано, и тоа ќе обезбеди зголемување на платата без ризик за отпуштања на вработени или пак проблеми кај работодавците

[Изворвеб-страница на ВМРО-ДПМНЕ , Датум 21.11.2016]

 

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во која тој во наредениот четиригодишен период (2017 – 2020) вети покачување на минималната плата  на 14.000 денари,  односно, на 13.500 денари во текстилната и во кожарската индустрија, ја сметаме за недоследна, бидејќи кога уште пред една година опозицијата предложи зголемување на минималната плата неговата партија тоа го одби.  Исто така,  во септември оваа година (2016) ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше  СДСМ, кога оттаму најавија  дека ако победат на изборите на 11 декември, ќе ја зголемат минималната плата на 12.000 денари до април 2017 година, а до 2020 година таа ќе достигне 16.000 денари.

Да потсетиме дека на 13 септември 2015 година пратеничката група на СДСМ поднесе до Собранието предлог за измени на закон со коишто минимална плата би се зголемила на 11.000 денари и овој износ да важи за сите гранки.

Бараме тој износ веднаш да важи за вработените во текстилната, кожарската индустрија и во индустријата за производство на облека  (изјави тогаш пратеникот од  СДСМ, Јован Митрески)

Истиот ден (13.09.2015) ВМРО-ДПМНЕ во писмена реакција оцени дека „усвојување на предлогот на СДСМ ќе значи бркање од работа на 30.000 работници заради зголемени трошоци на фирмите“

Очигледно,  тоа за СДСМ не е значајно бидејќи тие во својата историја имаат донесено одлуки со кои 200.000 луѓе останаа без својата егзистенција. На овој начин, како што предлага СДСМ, наместо да им се помогне, ќе им се наштети на најмалку 30.000 семејства и тоа на оние кои имаат најниски примања. (соопштение на ВМРО-ДПМНЕ)

Во октомври 2015 година  Собранието, по дводневна дебата,  не го изгласа Предлог-законот на опозицијата за зголемување на минамалната плата на 11.000 денари (09.10.2015). Тогаш владејачкото мнозинство предлогот за менување на законот за минимална плата го оцени како неиздржан и популистички. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на собраниската дебата го повторија ставот  дека, доколку предлог-законот се прифати тоа ќе значи затворање на голем број приватни компании, како и дека без работа ќе останат околу 30 илјади работници. Бидејќи, според владејачката партија:

ако се зголеми минималната плата на 11.000 денари, работодавците ќе имаат поголеми трошоци по работник. За ВМРО-ДПМНЕ е подобро да се создаваат услови за отворање на нови работни места и да се понудат соодветни субвенции за сите категории на граѓани, отколку, да се продава демагогија.

На 11 септември 2016 година  СДСМ вети доколку го добие мандатот од граѓаните да формира влада, до април 2017 година ќе ја зголеми минималната плата на 12.000 денари. Драган Тевдовски, претседател на Комисија за економија и член на ИО на СДСМ  на прес-конференција соопшти дека нивна цел е минималната плата, која сега е 10.080 денари да изнесува 16.000 денари во 2020 година.

Затоа, веднаш после промената, до април 2017 година ќе ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари. Оваа минимална плата ќе важи и за вработените во индустријата за текстил, облека и кожа, кои со години се законски обесправени и земаат пониска минимална плата од останатите, рече Тевдовски

Оваа минимална плата, како што рече на прес-конференција Тевдовски, ќе важи и за вработените во индустријата за текстил, облека и за кожа, кои со години се законски обесправени и земаат пониска минимална плата од другите сектори.

Минималната нето-плата изнесува 10.080 денари. Работниците во индустријата за текстил, облека и за кожа земаат дури помалку. А, ова се работниците со најниски плати во Македонија и на нив најмногу им треба минималната плата. Со зголемувањето и со порамнувањето што ќе ги направиме, на 12.000 денари, ќе ја исправиме оваа социјалната неправда! За да нема отуштања на вработени, фирмите ќе бидат поддржани од државата. Во првата година, државата на работодавците ќе им надомести по 1.900 денари за исплатена минимална бруто-плата во индустријата за текстил, облека и за кожа, рече Тевдовски.

На ваквата најава од СДСМ реагираа од владејачката партија од каде излегоа со обвинувања  дека СДСМ „одамна го изгубила кредибилитетот да говори за минималната плата и за работничките права“.

СДСМ затвори 684 фабрики и остави на улица повеќе од 200.000 работници. Лагите на СДСМ и лицемерната грижа за работниците веќе не поминуваат. СДСМ е партијата која ја кажа најголемата лага ветувајќи дека ќе вработат по еден член од секое семејство. Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја намали невработеноста на рекордни 24 отсто, воведе минимална плата и благодарение на економските мерки, речиси двојно ја зголеми просечната плата. Затоа СДСМ ќе биде катастрофално поразен на 11 декември, стои во реакцијата на владејачката партија.

 

Па, имајќи предвид дека владејачката партија во изминатиот период го критикува предлогот за зголемување на минималната плата кога тој е инициран од СДСМ, а пред една година во Собранието гласаше и „против“ донесувањето на вакви законски измени, изјавата на Груевски во која тој најави зголемување на минималната плата, ја сметаме за недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција