Кога се точни само датумот и времето на објавување

02172015-Press24-BombataGrc-crop-resize

(Рецензија: СДСМ и Заев се херои во Грција: И покажале на ЕУ дека Македонија не ги исполнува критериумите за членство)

Вистинитоста на оваа медиумска содржина е проблематична зашто ако изворно ги прочитате новинарските извештаи на кои се повикува авторот на оваа медиумска содржина (се споменува дописник на еден друг медиум), се откриваат малку поинакви факти.

Како извори на информации за оваа медиумска конструккција се наведуваат неколку грчки медиуми, од кои прв е грчкото издание на порталот „Еуроактив“, иако, чудно, се наведува само насловот на извештајот за втората прес-конференција на лидерот на СДСМ и – толку.

02172015-Press24-BombataGrcЛинк до оригиналниот напис: СДСМ и Заев се херои во Грција: И покажале на ЕУ дека Македонија не ги исполнува критериумите за членство

Датум и време на објавување: 17.02.2015 – 10:54

Датум на рецензирање: 17.02.2015

Рецензент: Зоран Бојаровски

Претпоставуваме дека и немале што да извлечат повеќе од тој извештај зашто се работи за вест на угледната агенција „Ројтерс“, која, според сите професионални новинарски стандарди, објави информација за таа, втора, објава на „бомбата“.

„Ројтерс“ ја објави веста со наслов  „Macedonian opposition releases new material against government“, а речиси идентичен е и насловот во грчката верзија на „Еуроактив“: „Neα ενοχοποιητικά στοιχεία για την κυβέρνηση της ΠΓΔΜ“.

Во медиумската содржина што ја рецензираме, се пренесува цитат од грчкиот портал „Вериа“. Таков цитат, каков што е пренесен во текстот на порталот што го рецензираме, во оригиналниот текст, не постои. Еве што пренесува овој портал како цитат од „Вориа“:

„После многу години се чини дека социјал-демократската опозиција во Скопје реши да направи едно динамично појавување, спротиставувајќи му се на недостатокот на демократија во земјата поради што таа заостанува во сите области, а тоа е нешто што Европската Унија одбива да го прифати, тврдејќи дека земјата ги исполнува критериумите.“

Со најдобра намера да го идентификуваме овој цитат во грчкиот изворник, порталот „Вериа“, тоа, не ни успеа. Бидејќи медиумот што го објави текстот што го рецензираме не наведува линкови до оригиналните текстови на кои се повикува, направивме едно мало пребарување и еве до што дојдовме.

Најблиску до она што го наведува медиумот чиј текст го анализираме е овој дел во текстот под наслов „πΓΔΜ: Νέες αποκαλύψεις για το σκάνδαλο με τηλεφωνικές υποκλοπές“ („Македонија: Нови откритија во скандалот прислушување“) на грчкиот портал „Вериа“ е овој дел:

„Η ευάλωτη σε πολιτικές πιέσεις λειτουργία του δικαστικού συστήματος της πΓΔΜ και του κράτους δικαίου έχουν επισημανθεί επανειλημμένως στις εκθέσεις προόδου της Ευρωπαϊκής Επιτροπής για τη χώρα.“

Или во превод:

„Ранливиот правосуден систем, поради операциите на полититички притисок во Македонија и владеењето на правото, постојано се повторува и нагласува од страна на Европската комисија во годишните извештаи за напредокот на земјата.“

Најблиску, ама воопшто не е исто како во цитатот на нашиот медиум, кој вели дека го пренесува од грчкиот медиум „Вериа“.

Со другите наведени грчки медиуми не се занимававме во оваа рецензија зашто дури и од она што е цитирано, не може да се изведе таква конструкција каква што имаме пред нас.

Пристрасноста што преовладува во рецензираниот текст, преовладува од насловот до последниот пасус, кој заклучува во форма на коментар:

„Начинот на кој што бомбите на Заев се пласираат и употребуваат кај јужниот сосед, фрла дополнително светло врз тезата дека една од целите на соработката на СДСМ со странската служба била уривање на македонскиот углед во меѓународните организации каде што Грција не блокира, во обидот да го легитимираат нелегалното противење за нашето членство и да се ослободат од меѓународниот притисок за ова прашање.“

Оттаму е и насловот, од дел од текстот кој нема врска со сето наведено како содржина од грчките медиуми. Во насловот е, всушност, сублимиран, целиот проблем, односно конструкција на оваа содржина. На крајот некако, само по себе се заклучува дека ние самите си ги уриваме евроспките стандарди. Тоа што некој со прст покажува на тоа, дали опозицијата или Европската комисија, овде се зема како поголем грев, отколку уривањето на тие стандарди од страна на тој што треба да ги усовршува, да ги одржува и да ги аплицира.

Штета. Излегува дека единствено нешто точно во оваа медиумска конструкција се датумот и времето на објавување.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција