Кој е одговорен за кршење на правото на слобода на изразување со донесување на Законот за заштита на приватноста?

Црни силуети - се чини тие се одговорни за недемократскиот закон. Фото: 123freevectors

Заклучоците и препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста се повод да го покренеме прашањето за одговорноста за прекршување на правото на слобода на изразување со самото донесување на овој закон

 

 

Заклучоците и препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста се повод да го покренеме прашањето за одговорноста за прекршување на правото на слобода на изразување со самото донесување на овој закон

 

Пишува: м-р Жарко Трајаноски

 

Како прво, Венецијанската комисија заклучува дека Законот за заштита на приватноста воспоставува „многу ригидно правило, кое ги забранува сите објавувања на пресретнатите материјали“ (параграф 58) и препорачува дека треба да се овозможи публикување на материјали кои допираат прашања од јавен интерес, со мали исклучоци, во врска со обелоденувањето на информации што ги засегаат интимните аспекти на приватниот и семеен живот.

Од читањето на анализата може да се согледа дека најоспоруван е членот 4 од Законот за заштита на приватноста, особено ставот 2. Во повеќе наврати, Венецијанската комисија сугерира дека ригидниот чл. 4 од овој закон го прекршува правото на слобода на изразување. На пример, експлицитно е кажано дека „…политичкиот договор не би требало да им го одрекува на луѓето правото да дознаат значајни информации од јавен интерес.“ (параграф 30). Образложението е дека ако државата си го присвои ексклузивното право на информации, тогаш печатот ќе биде спречен да ја одигра својата витална улога како „јавен пес чувар“.

 

АНАЛИЗАТА НА ЕКСПЕРТИТЕ УКАЖУВА НА СЕРИОЗНИ ПОВРЕДИ НА НОВИНАРСКИТЕ СЛОБОДИ

Многу јасно е образложено зошто не смеат да се спречуваат новинар(к)ите да известуваат за информации од јавен интерес: „постоењето на Специјалниот обвинител не може да се смета за оправдување за апсолутната забрана на јавното обелоденување на информации од јавен интерес, која ја воведува чл. 4 ст. 2 од законот“ (параграф 31).

Венецијанската комисија воопшто не ја поддржува идејата да се казнуваат новинари за објавување материјали кои имаат сомнително потекло и потенцира дека новинарите се тие чија задача е да оценат дали некој материјал содржи работи од јавен интерес, дали заслужува да биде објавен и дали со неговото објавување може да ѝ се причини штета на приватноста. Многу битно е да се наспомне дека кога зборува за новинари Венецијанската комисија користи широка дефиниција на новинарство која не ги опфаќа само професионалните репортери и аналитичари, туку и блогерите, како и другите кои сами објавуваат во печат или на интернет.

Кога го оценува законот, Венецијанската комисија констатира дека законот не е донесен за борба против малициозното или несовесно однесување на новинарите, туку дека се занимава со публикување на вистинити материјали кои можат да загрозат нечија приватност:

Објавувањето на такви аудио-снимки е слично како публикување на една вистинска фотографија. Таквите аудио-снимки, ако се публикуваат, можат да уништат углед, да причинат морално страдање, да ги вознемират семејните односи итн., но не поради тоа што се невистинити.

Интересно е прашањето дали тие што го донеле законот, практично со тоа ја утврдиле и веродостојноста на материјалите на кои се однесува („материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година“).  Но, уште поинтересно е тоа што Венецијанската комисија го прифаќа мислењето на Врховниот суд на САД, дека „акцијата на државата за казнување на објавување на вистинити информации ретко може да ги задоволи уставните стандарди“. Заклучокот на експертите е  дека објавувањето на автентични материјали не треба да биде забрането само затоа што може да му наштети на нечиј углед.

Едно од клучните прашања што ги поставува експертската анализа е дали со кривични санкции  треба да се адресира проблемот на обелоденување на приватни информации. Експертскиот заклучок е дека „кривичните санкции за повреди на приватност од страна на новинари треба да се избегнуваат во најголема можна мерка“. За експертите е особено загрижувачко тоа што истата кривична санкција (која е оценета како непропорционална) може да се примени за „приватно обелоденување“ (по чл. 4 ст. 1) односно, во ситуации каде штетата по приватноста е минимална. Според експертите од Венецијанската комисија, кривичните санкции, а особено казната затвор, треба да се применуваат само во екстремни случаи.

 

КОЈ Е ОДГОВОРЕН ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ?

Наша должност, како борци за слободата на изразувањето, е да ги посочиме лицата кои се најодговорни за нејзиното загрозување. Токму затоа, треба да ги покренеме прашањата за одговорноста пред „граѓанскиот суд“ на јавноста:

1) Одговорноста на предлагачите на законот – пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Горан Сугарески и Имер Алиу, затоа што на 09.11.2015 предложиле закон за „забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семеен живот и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки“ – забрани со кои се загрозува правото на слобода на изразување на граѓаните и новинарските слободи.

2) Одговорноста на 98 пратеници, кои истиот ден гласале законот да се донесе по скратена постапка во 15.37 часот со што го загрозиле правото на слобода на изразување на граѓаните и новинарските слободи, како и правото да земат активно учество во консултативен процес во нормална постапка. Никој не гласал против.

3) Одговорноста на собраниските комисии кои само формално го поминале законот, без суштинска расправа.

4) Одговорноста на пратениците кои јавно го бранеле законот што се носел на седница истиот ден, иако граѓаните ниту биле запознаени со законот, ниту, пак, имале можност да се изјаснат за истиот и да дадат свои предлози или амандмани преку своите претставници (на пример, Талат Џафери: „…се направи фама со тоа што се дебатираше дека наводно претендираме да им ги затвориме устите на медиумите“).

5) Одговорноста на Претседателот на Собранието кој дозволил законот да биде изгласан во крајно недемократска процедура.

6) Одговорноста на 106 пратеници кои на 09.11.2015 во 23,47 гласале „ЗА“ законот со кој се загрозува слободата на изразувањето, знаејќи дека граѓаните немале можност за активно учество во консултативен процес во нормална постапка.

Единствен пратеник кој гласал ПРОТИВ законот е пратеникот Павле Трајанов, кој на главниот претрес за законот укажал:

Овде мислам дека овој Закон е така лошо конструиран, конфузен нејасен, неспроведлив, така да, мислам дека тоа е само една закана или се загрозува јавното изразување или правото на слобода на говорот во Република Македонија и ќе биде предмет на голем број на критики, мислам дека е апсурден и непотребен во овој момент.

7) Одговорноста на Претседателот Ѓорге Иванов, кој на истиот ден, за само десетина минути по гласањето на 09.11.2015 во 23.47 часот, успеал своерачно да го потпише Указот за прогласување на Законот за заштита на приватноста, знаејќи дека:

а) истиот е донесен на сосема недемократски начин;

б) дека граѓаните немале можност за активно учество во консултативен процес во нормална постапка;

в) дека имало укажување од народни претставници во Собранието оти законот е закана и оти со истиот се загрозува јавното изразување или правото на слобода на говорот во Република Македонија.

Ако не ги покренеме горенаведените прашања за одговорноста на сите активни учесници во загрозувањето на слободата на изразувањето и новинарските слободи, и самите ќе станеме соучесници со непостапување.

 

ПРЕПОРАЧАНИ НАПИСИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција