Кој му плати на Никола Груевски да оди во Брисел?

Никла Груевски. Фото: European People's Party, 2012
Никoла Груевски на самит на Европската народна партија. Фото: European People’s Party, 2012
Скопје, 25 март, 2015 (META) 

Речиси сите медиуми објавија неточна информација дека премиерот Никола Груевски на 19 и на 20 март бил во Брисел. Па и „Мета“. Фотографиите од престојот беа објавени и преземани од веб-страницата на Владата на Македонија.

Сепак, во Брисел не беше премиерот Никола Груевски, туку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Пет дена портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев, не ни одговара на прашањето во кое својство Никола Груевски беше во Брисел минатата недела, ниту, пак, од чиj буџет се платeни патот и сместувањето на самитот на Европската народна партија (ЕПП) во Брисел. На ова не одговараат ниту претставници од владејачката патија кои ги прашавме кој ги платил престојот и патот – дали од државниот или, пак, од буџетот на ВМРО-ДПМНЕ.

Владиниот портпарол го баравме уште во петокот, а вчера му испративме и неколку СМС-пораки, но одговор на прашањето „Во кое својство беше Груевски во Брисел и дали Владата или, пак, матичната партија ВМРО-ДПМНЕ, ги платила трошоците?“, не добивме.

Ако бил во својство на премиер, тогаш авионот, хотелот и дневниците би требало да се на сметка на Владата, односно на државна сметка. Ако, пак, таму бил во својство на лидер на партија, тогаш сето тоа би требало да оди на партиската сметка.

За сите плаќања сигурно постојат и банкарски трансакции за уплати и за исплати.

Македонските новинари кои се интересираа за евентуалната средба на Груевски со Меркел во Брисел и се јавија во германската амбасада, добија лекција по „одвоеност на државата од партијата“, па беа препраќани за средбите на Меркел како шеф на партија да се јават во нејзината партија – ЦДУ.

Тогаш за „Вест“ Беате Пројшов, портпарол на ЦДУ од берлинската централа на демохристијаните, истакна дека „Меркел, како претседател на германските демохристијани, го почитува правилото да не ги меша активностите што ѝ ги наметнуваат функциите лидер на ЦДУ и канцелар и шеф на сојузната Германска влада“.

Европските народни партии моментно имаат 11 претставници од вкупно 28 члена на Европскиот совет. Во европските народни партии полноправно членство имаат 53, додека четири партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, се придружни членки, а 20 имаат статус на набљудувачи.

Груевски во Брисел разговараше со првиот човек на најголемата Европска народна партија, Жозеф Дол, кому му ја објаснил важноста од продолжување на реформскиот процес во Македонија. Дол на состанокот изразил волја и лично да се ангажира за поддршка и за помош на Република Македонија во напредување во нејзините европски интеграции.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција