Колку и за која намена се исплаќани средства од сметката на Општина Битола

Пред камери: Владимир Талевски, градоначалник на Битола. Фото: Општина Битола

Кој би можела да биде „предистражна постапка и за други коруптивни активности“, покрај „Транспортер“, против градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, за која тој сè уште не е помилуван, а која ја спомна обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи.

 

 

Кој би можела да биде „предистражна постапка и за други коруптивни активности“, покрај „Транспортер“, против градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, за која тој сè уште не е помилуван, а која ја спомна обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи.

 

Пишува: Стојанче Манев

 

При отворањето на случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Општина Битола, на 14.04.2016 година, специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, соопшти дека врз основа на содржината на неовластено прислушкуваните разговори против градоначалникот на Битола, Владимир Талевски се води и предистражна постапка, која не е опфатена со одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов, притоа не соопштувајќи повеќе детали за коруптивните дејства кои се истражуваат надвор од овој случај.

Сепак имајќи ја предвид содржината на неовластено прислушкуваните разговори и широкиот опсег на коруптивни дејствија кои се посочуваат во истите, ве известувам дека против градоначалникот на Општината се води предистражна постапка и за други коруптивни активности, за кои сè уште претседателот не го ослободил од кривично гонење – рече Фетаи.

Како што појасни таа, одлуката на претседателот Иванов го заштити Талевски од спроведувањето на истражна постапка во рамките на „Транспортер“, но истата не ја опфаќа имотната корист од кривичното дело, ниту штетата која е должен да ја надомести, па поради што од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) побарано е изрекување мерка против имотот на градоначалникот.

Имајќи ја предвид содржината на јавно објавените прислушувани разговори сомнежи или индиции за спроведени кривични дејства од страна на битолскиот градоначалник, а кои би можеле да бидат премет на предистражна постапка од страна на СЈО не можат да бидат пронајдени во истите. Можноста Талевски да биде предмет на дополнителни истражни постапаки, а за кои одлуката за помилување не е правна пречка, постои во врска со наводите изнесени во крвичната пријава која СДСМ ја поднесе против битолскиот градоначалник на 07.04.2015 година за незаконски исплати на средства од општинскиот буџетот, без донесување на годишен план и програми за исплата на надоместоци.

 

КОЛКУ СЕ ПАРИТЕ?

Оваа кривичната пријава е заснована на наодите во конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Општина Битола за 2011 година, а не на содржината на јавно објавените „бомби“.

При контролата, државниот ревизор утврдил низа неправилности и незаконско постапување на пријавените. Со противзаконското трошење парични средства од Буџетот на Општина Битола, направена е вкупна штета по сите точки од кривичната пријава од 15,3 милиони денари – рече претседателот на О.О. СДСМ Битола и пратеник, Васко Ковачевски при образложението на пријавата.

Со оваа кривична пријава Талевски се терети за злоупотреба на службената положба и овластување. Пријавата се состои од пет точки, од кои во последната петта точка се изнесени наводи кои се поврзани со злоупотребите на транспортот на ученици, што е предмет на истражување во рамките на случајот „Транспортер“.

Според првата точка од пријавата Владимир Талески се сомничи дека како градоначалник на Битола во 2011 ги пречекорил своите овластувања и дозволил да се исплатат од Буџетот 9,2 милиони денари за спортски клубови и социјална помош на граѓаните без да бидат донесени соодветни програми за таквата исплата. Според овој дел од пријавата, и покрај тоа што Општина Битола немала донесено Програма за социјална заштита, обврска која произлегува од член 11 од Законот за социјална заштита, 3,97 милиони денари се исплатени по основ на социјална заштита. Непостоењето на програма за развој на спортот не било пречка за исплата и на 5,225 милиони денари и на спортски клубови.

Советот на Општина Битола нема донесено програми за развој на спортот што не е во согласност со член 22-а од Законот за спорт. Трансферите се врз основа на Одлука на совет, односно решени од градоначалникот. Ова ја намалува транспарентноста во планирањето на буџетските средства, што не е во согласност со буџетското начело на транспарентност – член 3 од Законот за буџети – стои во првата точка од пријавата.

Според наводите изнесени во втората точка на пријавата, во 2011 година на вработените во општината им бил исплатен надомест за годишен одмор во износ од 1,194 милиони денари, иако во Законот за државни службеници не била пропишана исплата на таков надомест.

Исплатата на овој вид надомест не е во согласност со одредбите од чл. 52 ст.2 од Законот за државни службеници. Исплатите на надоместоци на вработените кои немаат законски основ придонесуваат за незаконско трошење на буџетските средства на Општината – стои во втората точка од пријавата.

Истата година од Буџетот на Битола биле исплатени и 3,196 милиони денари на здруженија на граѓани, иако и за ова ставка Општината немала донесено годишен план и програма за распределба на пари за здруженија на граѓани.

За овие средства на Општина Битола нема донесено годишен план и програма за распределба на средства до друштва, здруженија на граѓани и фондации што е спротивно на член 49 став 3 од Законот за здруеежнија и фондации – стои во третата точка од пријавата.

 

КОЈ МОЖЕ, А КОЈ НЕ МОЖЕ ДА ИМА СВОЈА СМЕТКА?

Во четвртата точка од пријавата се изнесуваат наводи дека на шест лица вработени во Општинскиот одбор на месни заедници од Битола им биле исплатени 1,713 милиони денари, иако одборот функционирал со сопствена сметка, што било спротивно на законот за локална самоуправа.

Општинскиот одбор на месни заедници функционира со сопствена сметка во Стопанска банкa АД – Битола, што не е во согласност со Законот за локална самоуправа – стои во четвртата точка од пријавата.

Наводите изнесени во петтата точка се поврзуваат со транспортот на ученици, што е предмет на интерес на СЈО во рамките на случајот „Транспортер“.

Извршениот попис на обврските спрема добавувачите за 2011 година, не е извршен во согласност со член 31-1 и 31-б од Правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници поради тоа што не е наведена правната основа и старосната структура на истите. Дел од обврските спрема добавувачите во земјата се искажани во 2012 година, наместо во 2011 година. Пописната комисија не извршила проверка и потврдување на реалноста на искажаните износи на обврските, не потврдила дека преземените обврски се уредно, хронолошки, целосно и правилно евидентирани во сметководствената евиденција и не ги потврдила причините за неизмирените обврски спрема добавувачите. Обрвските на добавувачите во сметководството и Билансот на состојбата за 2011 година се искажани во помал износ од 1.067.000 денари поради неевидентирана документација. Ваквата состојна не е во согласност со член 19 од Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници и член 18 од правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисни и придонесува за нереално искажување на состојбата со добабувачите – гласи петтата точка.

Во пријавата се тврди дека битолскиот градоначалник, само во 2011 година на Буџетот на Општина Битола нанел штета во вредност од 15,299 милиони денари и се бара негова кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластување, а вработени во Општината дека сториле кривични дела фалсификување или уништување на деловни книги.

Со  вака превземените дејствија првопријавениот, на Буџетот на Општина Битола му нанесе штета од значителна вредност во вкупен износ по сите точки од кривичната пријава од 15.299.000 денари и сторил кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.4 вв со ст3 од КЗ, а второпријавениот Н.Н. сторил кривично дело од точка 5 од кривичната пријава-фалсификување или уништување на деловни книги од член 280 од КЗ – стои во пријавата.

Во Кривичниот законик во членот 353 ст.3 и ст.4 за кое дело е поднесена кривичната пријава стои:

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.

(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност.

 

КАДЕ Е ПРЕДМЕТОТ?

Од СЈО побаравме официјални информации во врска со овој предмет, односно дали истиот е преземен од нивната страна, и доколку е преземен, дали со одлуката за помилување на претседателот Иванов е опфатен. До моментот на завршувањето на текстот одговор не добивме.

Според сознанијата на „Вистиномер“ оваа крвична пријава не е преземена од страна на СЈО и истата се наоѓа на постапување во Основното јавно обвинителство-Битола.

Сепак непреземањето на предметот нужно не значи дека наводите и сомненијата изнесени во пријавата не можат веќе да бидат дел на предистражна постапка или предистражни постапки за коруптивни дејства, за кои зборуваше обвинителката Фатиме Фетаи.

На почетокот на годинава СЈО го испитуваше работењето на општина Битола, и тоа не само за наводите од „бомбите“.  На 22 јануари 2016 година извори од Обвинителството во Битола за „Мета“ потврдуваат дека во рацете на Катица Јанева не е само „бомбата“ на опозицијата со бесплатниот школски превоз, туку сè што било ставено под знак прашалник во работата на локалната власт. Дополнителна потврда дека СЈО истражува индиции за крвични дела, кои не се опфатени со случајот „Транспортер“ и дека се водат повеќе предистражни постапки за работењето на битолскиот градоначалник од „Мета“ добиваат на 25 јануари 2015. „Точно е дека членови на тимот на специјалната јавна обвинителка биле во посета на Битола и ваквата посета е поради потребите за предистражни постапки што се водат пред ова јавно обвинителство“, стои во одговорот од Специјалното јавно обвинителство на прашањето на „Мета“: „Дали е точно дека специјалната обвинителка, Катица Јанева, е во посета на Битола и доколку е таков случајот, зошто и дали е тоа во врска со истрагата што ја води СЈО против градоначалникот Владимир Талески?“.

Независно од тоа што кривичната пријава сè уште е во Основното јавно обвинителство-Битола, а со оглед на тоа дека работењето на Општина Битола беше предмет на повеќе истражни дејства на СЈО, наводите изнесени во истата може да бидат и предмет на работа и на СЈО доколку за истите постојат индиции и во прислушуваните разговори кои не се досега јавно објавени.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција