Компаниите дел од данокот на добивка можат да го вложат во спортски клубови и спортисти

Фото: ams.gov.mk

 

ВЕТУВАЊЕ:

Финансиските поволности за спортските клубови ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од претпријатијата. Претпријатијата ќе можат дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата да ја вложат во спортски клуб или спортист.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 257; датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ за тоа дека претпријатијата ќе можат дел од данокот на добивка да го вложат во спортските клубови и спортистите, е дадено во нивната изборна  програма (2016) „План за живот во Македонија“, во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ , во поглавјето „Спорт“ стр. 257. Владата ова ветување на СДСМ го оствари преку измени на законите за данок на добивка и за спорт .

Имено, во ноември лани (2018) Министерството за финансии во рамки на измените на Законот за данок на добивка внесе и одредби со кои компаниите, кои донирале пари на спортски клубови или спортисти, можат да добијат намалување на данокот на добивка за износот на донацијата која не би изнесувала повеќе од 50 отсто од пресметаниот данок, врз основа на ваучер издаден од Агенцијата за млади и спорт. Овие измени на Законот Собранието ги донесе по скратена постапка на 28 декември минатата година.

Прашањето е регулирано во членот 30-а од Законот за данок на добивка кој гласи:

На обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјекти, кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок.
(2) Спортски субјекти од ставот (1) на овој член претставуваат националните спортски федерации, спортските клубови, други правни лица кои имаат решение за вршење дејност спорт, како и активни спортисти кои се натпреваруваат во индивидуални спортови кои таквиот статус го стекнале според услови и критериуми пропишани во Законот за спортот.
(3) Правото од ставот (1) на овој член обврзникот го остварува врз основа на ваучер издаден од Агенцијата за млади и спорт, согласно со Законот за спортот.
(4) За користење на правото од ставот (1) на овој член даночниот обврзник доставува до Управата за јавни приходи барање за даночно ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти.
(5) Управата за јавни приходи во рок од 15 дена го потврдува или одбива барањето од став (4) на овој член.
(6) Даночниот обврзник, во рок од 15 дена по потврденото барање од став (5) на овој член, до Управата за јавни приходи доставува известување за извршена донација.
(7) По доставување на известувањето од став (6) на овој член, даночниот обврзник може да го користи правото од ставот (1) на овој член.
(8) Користењето на правото за намалување на пресметаниот данок на добивка согласно одредбите на овој член, го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.
(9) Доколку на даночниот обврзник или на лице поврзано со него, му бидат вратени донираните финансиски средства од страна на спортските субјекти од став (2) на овој член, директно или преку набавка на стоки и услуги, обврзникот го должи данокот кој би го платил доколку не го користел ослободувањето од овој член.
10) Даночниот обврзник кој го користи даночното ослободување пропишано во став (1) на овој член може да донира во еден спортски субјект од секој вид спорт.
(11) Начинот на спроведување на даночното ослободување од ставот (1) на овој член го пропишува министерот за финансии.
(12) Износот на вредноста на издадените ваучери врз основа на кои обврзниците го остваруваат правото на даночно ослободување од ставот (1) на овој член изнесува 6 милиони евра годишно.

Дополнително на предлог на Агенцијата за млади и спорт, Министерството за правда направи измени на Законот за спорт , со кој се воведува „даночно поттикнување за спортските субјекти со воведување ваучерски систем“. Собранието овие измени ги донесе во мај годинава.

Корисници на средствата од даночното ослободување по Законот за данокот на добивка може да бидат: национални спортски федерации, спортски клубови, активни спортисти кои се натпреваруваат во индивидуални спортови и други правни лица кои имаат решение за вршење на дејност спорт, се вели во членот 1 од Законот за изменување на Законот за спортот.

Во него детално се утврдуваат и другите критериуми за добивање на парите.

Агенцијата за млади и спорт објави и листа на спортски федерации и поединечни спортови кои влегуваат во ваучерскиот систем.

Агенцијата на крајот на мај (28 мај) соопшти дека ги додели ваучерите за Националните спортски федерации. Советникот за спорт во Владата, Даниел Димевски на доделувањето појасни дека мерката за поттикнување во спортот од сегашните 6 милиони, има тенденција да прерасне во 10 милиони евра.

Така на пример, Ракометната федерација доби ваучер од 15.291.540 денари,  Кошаркарска федерација доби ваучер од 12.511.000 денари,  а Одбојкарска федерација 10.426.000 денари.

Имајќи ја предвид горенаведената аргументација може да се каже дека  ветувањето на СДСМ дека спортските клубови и спортисти ќе ги помогне преку  пренасочување на дел од данокот на добивка од компаниите, е исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција