Конфискација – услов за успешна борба против криминалот

Фото: pxhere.com

 

Тргнувајќи од фактот дека како основен или главен мотив за извршување на бројни кривични дела е стекнувањето на имотна корист, било непосредно или посредно (како што се впрочем кривичните дела против имотот, кривичните дела против службената должност, јавните финансии, платниот промет, царинските кривични дела и други кривични дела, а посебно оние кои имаат атрибути на кривични дела од организиран криминал), како соодветен одговор против сторителите на ваквите кривични дела и демотивирање во извршување на истите, е изрекување на мерката конфискација на имотот и имотната корист на ефикасен начин.

 

Пишува: Дрилон Салиу

 

Со тоа секако ќе се создаде чувство дека криминалот е неисплатлива работа, затоа што имотната корист како мотив за извршување кривично дело стекната како резултат на криминална активност, се одзема. Така што, оваа мерка има превентивно делување и ги брани вредностите на системот за неправото да не може да стане право.

 

 

КОНФИСКАЦИЈА НА НЕЗАКОНСО СТЕКНАТИОТ ИМОТ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

Особено актуелно во македонското општество е прашањето дали ќе конфискува незаконски стекнатиот имот на политичарите за кои ќе се констатираат кривични дела врз основа на кои стекнале имотна корист на нелегален начин. Или пак, истите иако би се казнувале за извршени кривични дела, сепак, нема да им се одземе незаконски стекнатиот имот, со што после извршување на казната ќе можат да го користат незаконски стекнатиот имот и на некој начин повторно да ја уживаат нивната моќ.  Како првична мерка ова да не се случи би било оценување на можноста за замрзнување на имотот, додека трае судскиот процес како превентива на бегање на осомничените. За потоа да се случи и постапка за конфискација на незаконско стекнатиот имот на политичарите, доколку се утврди нивно криминално делување и злоупотреба на власта со цел стекнување на незаконски имот.

Во врска со ова, претседателката на „Транспаренси интернешенл – Македонија”, Слаѓана Тасева смета дека е важно да се одвојат парите од криминалот, а со тоа нема да можат да ги прошируваат криминалните активности и да се служат со корупција. Според Тасева, преку корупција криминалците си обезбедуваат заштита и вршат контрола над целиот систем, па дури и над владите.

Во таа смисла, Тасева изјави дека конфискацијата на имотот би влијаела за демотивација и намалување на можностите за криминал и корупција:

Конфискацијата како мерка е многу важна, како за демотивирање и за намалување на можностите за криминал и корупција, така и за корекција на однесувањето на поединци кои ќе знаат дека одлежаните неколку години затвор ќе ги остават во сиромаштија. Сега тие и да одлежат, можат потоа непречено да го користат она што го „заработиле“.

И ексдиректорot на Агенцијата за спречување на перење на пари и претседател на здружението „Зелена лупа“,  Ване Цветанов смета дека конфискацијата би билa важен елемент за намалување на степенот на корупција:

Ајде да погледнеме од од оваа перспектива: Кој е мотивот за одреден политичар да се одлучи на криминогени активности поврзани со корупција? Па се разбира, стекнување на огромен имот и капитал, кој од плата не би успеал да го заработи ни за 100 години. Но, кој е главниот мотив за голем број на политичари да размислуваат на тој начин? Нискиот степен на конфискуван имот од политичари…

Доколку се започне со лоцирање на незаконски стекнатиот капитал во самите кривични постапки и дојдеме до конфискации на сериозни суми на капитал (ако говоревме за криминали од милијарди евра, да дојдеме до ситуација на конфискувани барем една милијарда евра вкупно), тогаш ќе дојдеме до моментот на постигнување на двоен ефект. Прво, страв кај политичарите да размислуваат на криминал во иднина. Второ, ваќање на довербата во владеењето на правото и на правосудниот систем во Македонија.

Цветанов смета дека сега засега нема реален прогрес во овој сегмент, според него, проблемот е во недостатокот на изграден систем на утврдување на одговорноста кај судиите и неказнивоста кај самите судии:

Од 50 поднесени иницијативи за одговорност на судии, поднесени од страна на Здружението „Зелена лупа“, минатиот Совет за утврдување на факти, прифати 28 и истите ги испрати до Судски совет. Бевме заробена држава, согласно меѓународните извештаи, но за жал и нема некое големо поместување.

УЛОГАТА НА МЕДИУМИТЕ И НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР ВО КОНФИСКАЦИЈАТА НА ИМОТОТ

Според  Цветанов, засега улогата на медиумите во овој процес е многу мала. Тој смета дека и натаму нема некое видно поместување за подобрување на позицијата на медиумите во овој сегмент, бидејќи  според него, и донаторите на медиумите бегаат од вакви жешки теми:

 

Јас не познавам донатор кој би финансирал некој ваков проект. Затоа, ќе си продолжиме да си констатираме и да си се надеваме, дека некогаш ќе дојдат судии со совест и со свест. Ова не се однесува на сите судии. Ова се однесува на 10% од судиите, но заради нивното однесување, степенот на доверба кај сите судии сеуште е на многу ниско ниво…

Имајќи ги предвид досегашните судски постапки, како и тоа дека правосудниот систем е нефункционален во овој сегмент, посебно во поглед на конфискацијата на имотот и имотната корист стекната од носителите на политичките функции, а и пошироко на носителите на јавни и одговорни функции, медиумите и невладините организации треба да ги зајакнат капацитетите за перцепција и идентификација на сторителите на ваквите кривични дела, особено оние од организиран криминал и корупција. Ова пред сè, за да се поттикнат сите субјекти во системот (тргнувајќи од органите за откривање, јавното обвинителство, судот), да ги вршат нивните професионални активности непречено, соодветно и на време.

За  медиумите да ја извршат нивната функција нужно е да имаат смелост за објективно информирање и запознавање на јавноста за состојбите со криминалот, вршејќи на  тој начин јавен притисок кон надлежните органи за ефикасно сузбивање на криминалот и одземање на незаконски стекнатиот имот по пат на кривични дела. Ова е значајно пред сè  за  криминалот да не биде профитабилна категорија и да не ја потхранува политичката моќ и влијанието во општетството, туку да наиде на жестока осуда од јавноста.   Затоа преку сите елементи на делување, конфискацијата на имотот како поим во круговите на правосудниот систем, но и пошироко кога се во прашање политичарите, треба да не остане само теорија, туку реална пракса.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.