Контраспин: А кој ни го бара и кому му треба нашиот идентитет?!

Иванов со спинерски пораки на говорот на Илинден

Нас не ни се „оспорува правото на просперитет, поради  нашиот македонски идентитет, како што спинува во својот илинденски говор претседателот Ѓорѓе Иванов, туку останавме во „балканската чекалница“ поради неодговорното владеење на доскорешната владејачка гарнитура на повеќе нивоа. Токму за таквото поведение на доскорешната власт јавноста слушна изворно од прислушуваните разговори, кои ги објави опозицијата во 2015 година, а кои беа основа за отворање на предистражни и истражни постапки на Специјалното јавно обвинителство. СЈО поднесе вкупно 20 обвиненија против 94 физички и 7 правни лица за серија кривични дела откриени во прислушуваните разговори, а поранешниот премиер, Никола Груевски, кој беше десет години на таа функција, е првообвинет во три предмети

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Претсседателот на државата, Ѓорге Иванов, на 02.08 2017 година во обраќањето по повод одбележувањето на државниот празник Илинден, пред споменикот на Методија Андонов – Ченто во Скопје, повеќепати ја изврте вистината, креирајќи спинувана слика дека тоа што како држава тапкаме во место е исклучиво по вина на нашите соседи и на меѓународниот фактор. Во својот настап, Иванов меѓу другото, рече:

Спин: Се доведовме во состојба како држава да бидеме уценувани. А цената е висока, премногу висока.

Поради нашиот македонски идентитет, нам ни се оспорува правото на просперитет.

И во такви услови, две прашања ја тревожат јавноста. Прво е прашањето за името со Грција. Второ е прашањето за Договорот за добрососедство со Бугарија…

За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската унија и НАТО. Токму членството досега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава, сме уценети. А, цената е висока, премногу висока.

Нам, во сиве години на независност, ни се скратува правото на просперитет.

Иако ги исполнувавме критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговори со Унијата, кон нас беше направена неправда. Ниту една земја членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и на самоидентификација.

Членството во Европската Унија и НАТО неминово бара жртва. Но, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот...

[Изворвеб- страница на претседателот на РМ: Поради македонскиот идентитет ни се оспорува правото на просперитет- обраќање на претседателот Иванов по повод Илинден Датум: 02.08.2017]

 

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

 

Контраспин: Ваквиот настап на шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, имплицира дека ние како држава сме фактички жртва, дека сите (меѓународниот фактор, соседите) се против нас и поради таквиот однос ние не можеме да направиме исчекор и да одиме напред. Значи, не поради нас самите, туку само поради тоа што некој друг не попречува!

А, што направи Македонија во последните десетина години за својот просперитет? Какво е нивото на демократијата, функционирањето на правната држава, гонењето на криминалот? До каде се реформите во правосудниот систем, што е со независното судство, сузбивањето на корупцијата и со одговорноста на оние кои ја злоупотребиле моќта и се огрешиле пред законот? Што е со човековите права, слободата на говорот и на кое дереџе ни се медиумите?

Извештајот за напредокот на Македонија во европските интегративни процеси за 2016 година покажува дека земјата назадувала во клучните области:  судство, слобода на изразување и човекови права, функционална пазарана економија.

„Вистинимер“  беќе пишуваше за критичките оценки на Европската комисија, а во оваа прилика само ќе потсетиме на забелешките за судството и за човековите права:

Состојбата (во судството н.з.) е уназадена од 2014 година и постигнувањата во реформскиот процес во претходната декада се поткопани од повторното политичко мешање во судството. Властите не успејаа да ја покажат неопходната политичка волја за да се справат со прашањата што беа дефинирани во Итните реформски приоритети. Попречувањата со кои се соочува новото Специјално јавно обвинителство покажаа дека е потребно ефективно справување со недостигот од независност во судството и со селективната правда.

Во практиката се потребни повеќе напори за да се обезбеди почитувањето на човековите права на ранливите групи, вклучувајќи ги и бегалците и мигрантите. Воедно, недостасува политичка волја и соодветни ресурси за да им се овозможи на надзорните и регулаторните тела целосно, независно и ефективно да го исполнат својот мандат. Најмаргинализираните категории на населението сè уште не се под целосна заштита.

Според последниот Извештај на „Транспаренси Интернешнл“ од јануари годинава (2017), корупцијата во јавниот сектор во Македонија во последните години ескалира. „Транспаернси“ забележа пад од 24 места на ранг–листата на Индексот на перцепција на корупција за 2016-та, па сега земјата се наоѓа на 90-тото место во споредба со 66-тата позиција во 2015-та. Истражувањето на „Транспаренси“ покажува дека Македонија е на дното во Балканот и дека зад нас е само Косово.

Во овогодишниот Извештај на Репортери без граници за слободата на медиумите во светот објавен во април (2017),  Македонија е најниско рангирана од сите земји во регионот  – на 111 место. Во извештајот за Македонија, кој е насловенЛошото момче на Балканот“, се вели:

Слободата на медиумите е намалена во целиот регион, но ерозијата на владеењето на правото е највидлива во Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ.

Така што, нас не ни се „оспорува правото на просперитет, поради  нашиот македонски идентитет, како што спинува во говорот Иванов, туку останавме во „балканската чекалница“ поради неодговорното владеење на доскорешната владејачка гарнитура на повеќе нивоа. Токму за таквото поведение на доскорешната власт јавноста слушна изворно од прислушуваните разговори, кои ги објави опозицијата во 2015 година, а кои беа основа за отворање на предистражни и истражни постапки на Специјалното јавно обвинителство. СЈО поднесе вкупно 20 обвиненија против 94 физички и 7 правни лица за серија кривични дела откриени во прислушуваните разговори, а  поранешниот премиер, Никола Груевски, кој беше десет години на таа функција, е првообвинет во три предмети.

Да потсетиме и дека Иванов се обиде да ги амнестира високите политички личности, кои се споменуваат во „бомбите“ и да го прости криминалот, кога на 12.04.2016 објави  дека донел Одлука со која ќе бидат прекинати сите кривични постапки против политичари од власта и опозицијата, а кои се поврзани со политичката криза и прислушувањето. Но, по бројните и жестоки реакции дома и од странство, на 27 мај 2016 година Иванов одлучи да ја повлече амнестијата .

Во однос на Договорот, кој на 01.08.2017 година го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, кај Иванов се забележува доза на воздржаност. Тој рече дека заеднички треба да се празнуваат денот на признавањето на Македонија од Бугарија, како и денот на Европа, но не го спомена Илинден. Исто така, напомена дека тој инсистирал договорот да биде симетричен.

Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка.

Меѓутоа, Иванов, сепак, можеше и требаше ова јавно да го каже уште пред да се потпише Договорот, а не тоа да го прави отпосле. И, особено не на свеченоста на Илинден, бидејќи остава впечаток дека кажаното е во функција собирање политички поени.

Иванов, кој самиот е на највисоката државна функција и во извршната власт цели осум години, на крајот од излагањето ќе заклучи:

Членството во Европската унија и НАТО неминово бара жртва. Но, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот...

Но, кој од нас бара да го жртвуваме идентитетот и кому вооопшто му е потребен нашиот идентитет! Светот од нас очекува да покажеме дека сме цивилизирана, организирана и правна држава, дека се почитуваат слободата на говорот и човековите права. Народот, пак, очекува правичност, односно делење на правдата според исти аршини за сите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција