Контраспин: „А, у ваше време како беше?“

Ваше време, наше време - правда во ниедно време. Фото: скриншот

Извртување на вистината со бегање од одговор на прашањата од реалноста и споредување на времињата од пред 10 и повеќе години, имаат две генерални слабости: a) времињата минати не се враќаат и тие се трајно свршени, додека идните доправ доааѓат, и затоа јавноста сака да знае се за „денес“, а не за „завчера“ б) спинот со споредби во времнска разлика од 10 години сам по себе е безвреден, зашто се споредуваат различни категории и величини или „баби и жаби“

 

 

Извртување на вистината со бегање од одговор на прашањата од реалноста и споредување на времињата од пред 10 и повеќе години, имаат две генерални слабости: a) времињата минати не се враќаат и тие се трајно свршени, додека идните доправ доааѓат, и затоа јавноста сака да знае се за „денес“, а не за „завчера“ б) спинот со споредби во времнска разлика од 10 години сам по себе е безвреден, зашто се споредуваат различни категории и величини или „баби и жаби“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Со прашањето „А, у ваше време како беше?“, многу често сме сведоци на изместување на реалноста и спинување со крајно дефинирана цел – бегање од реалноста. Еден таков, зачинет со доза на мелодраматика  спин, јавноста имаше прилика да види неодамна во емисијата „Јади бурек“ (од 57 – 61 минута)

Спин: Оваа власт 10 години била криминална. Се утепала од крадење, најмногу украл Грујо, после украле тие до него, после украле сите градоначалници и сите краделе. Значи се здробиле од крадење 10 години. И многу украле…Скопје 2014 не чинело 80, чинело 200 милиона, не чинело 200, чинело 400, чинело 600, еве нека кажат они која сакаат цена…еве милијарда коштало Скопје 2014…Ама го видовме ние, ене го живо е…Значи собрале милијарда, потрошиле милијарда, украле не знам што, ама постои Скопје 2014… Е, у ваше време (на СДСМ-н.з.) кај се парите? Тоа е основното прашање, у ваше време, овие сега украдениве пари кај се? Значи бидејќи и вие сте владееле 10 години и овие (ВМРО ДПМНЕ-н.з.) владееле 10 години, претпоставуваме дека оваа држава со тој капацитет, горе-доле, создава иста пара. Е у ваше време, парава кај е?

Контраспин:  Станува збор за еден од најчесто употребуваните извртувања на вистината со помош на трик контра прашање, кое не е нелегитимно, ама, сепак, има основна задача да го дефокусира јавното мислење од основниот проблем. А, основниот проблем е отчетноста на власта која моментално владее во некоја земја и одговорност за трошењето на јавните пари, т.е. парите кои во буџетот се собираат врз основа на данокот што го плаќаат граѓаните и врз основа на парите што се собираат со задолжување кај домашните или кај странските позајмувачи од најразличен тип (банки, компании, фондови, итн.).

 

ПАРИТЕ – ВО НАШЕ ВРЕМЕ, ВО ВАШЕ ВРЕМЕ

Овој спин оди дотаму, што се тврди дури дека не е важно колку пари се потрошени без претходно добро спроведена јавна расправа за една толку голема инвестиција (настрана што референдум е услов без кој не е замисливо во ниту една демократска земја да се наметне проект и да се менува лицето на цел еден град, па уште и главен), значи можело да бидат потрошени и милијарда евра, потоа дека не било важно ни дали градбите биле „од стиропор“, нека се и од „стиропор“, ама, ете, градбите биле тука и „Скопје 2014 било живо“…

Kontraspin - foto Vistinomer

Патем, ова извртување на вистината не потекнува од примерот што го наведовме во спинот. Станува збор за една од основните пропагандни тактики на партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Кое било соопштение да се земе од партијата, кога таа одговара на некој напад за нејзините политики како извршна власт, одговорот е : „А у ваше време како беше?“ Тоа е очигледно, без оглед дали станува збор за образование, здравство, земјоделие, слобода на медиумите, итн.

13435954_10209743073797264_1524725173_n-LINE

Така што, оригиналноста на примерот со „Скопје 2014“ во поглед на извртувањето на вистината не припаѓа на персоната која ги изговара зборовите наведени во примерот за спин, туку за тактика и пракса на партијата на власт.

 

КРАДЕЊЕТО – ВО НАШЕ ВРЕМЕ, ВО ВАШЕ ВРЕМЕ

Но, ваквото извртување на вистината има голем проблем со здравата логика. Прво, јавноста, т.е. граѓаните и медиумите, секогаш е најприродно да бидат заинтересирани за тоа што се случува со нивните животи и во нивната држава во даден момент на стварноста. Затоа што, само врз основа на тие информации, под услов да се објективни и навремени, тие можат да донесат правилен суд како гласачи, на првите следни избори. Оттука, секое вакво извртување на вистината е неефикасно или може да даде краткоречен ефект кај дел од јавноста која е помалку информирана или е клиентелистички зависна. Спиновите од ваков тип едноставно не можат да одговорат на едноставниот контрааргумент – дека граѓаните што мислеле за сегашната опозиција го кажале пред 10 години, но сега станува збор за политиките на сегашната владејачка гарнитура и како и на кој начин тие ги трошат јавните пари, колку се губат преку крадење (корупција), и конечно, зошто и по 10 години, стандардот на живот не се сменил, повеќе или помалку, на поарно.

Вториот проблем со ваквите спинови е што се споредуваат „баби и жаби“, т.е. неспоредливи нешта. Имено, големината на јавниот колач што се трошел пред 10 години и сега не е ист. Сегашниот буџет изнесува 3, 3 милијарди евра, буџетите од 2002 до 2006 не надминуваа 1,6 милијарди евра. Дали тоа било поради неефикасна даночна политика или во прашање се и други фактори, не е толку важно. Важни се две работи: парите што се трошат и кои се предмет на потенцијално коруптивно и неодговорно однесување се повеќе од двојно поголеми; животниот стандард на населението едвај да е мрднат од место, без оглед на сите „успеси“ во носењето странски инвестиции, „отворањето нови работни места“, „подобрувањата  на условите за водење бизнис“ и сите реформски успеси на власта.

И згора на се, најнакрај, доволно е да се види долгот. Кога пред 10 години оваа владејачка гарнитура дојде на власт, се пофали со тоа што веќе во правата година, со враќање на над стотина милиони евра, во две – три транши, го намалила степенот на задолжувањето на земјата кон странство. Нешто слично беше преземено и во 2015 година.  По 10 години власт, задолжувањето не само што е повисоко од состојбата пред враќањето на тие пари, туку е многу високо и земјата со над 44 отсто јавен долг  од својот бруто домашен производ се наоѓа на самата граница од црвената линија на задолжувања. Бруто надворешниот долг на крајот од 2006 била 2,5, а на крајот од 2015 година 6,3 милијарди евра!

А, стандардот ист, сиромаштијата зголемена, без оглед на порастот на вработувања…

А у ваше време како беше?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција