Контраспин: „Aнтички вредности“ како недопирливи

 

Проектот старо-нов амфитеатар во Скупи на екс-премиерот Никола Груевски ниту е евтин, ниту најпотребен проект во време на зголемена задолженост на земјата, како и во ситуација кога постои итна потреба од пренасочување на парите од страна на новата Влада кон покривање на елементарни потреби на граѓаните. Што се крие зад грижата за „трудот на археолозите“?

 

Пишува : Љубомир Костовски

 

Претседателката на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, неодамна го искоментира Предлог-ребалансот на буџетот на новата Влада и побара изоставување на делот со кој се кусат средствата посветени на изградбата на објекти во ареалот на античкиот град Скупи.

Спин: Алаѓозовски (Роберт, министер за култура – н.з.) и Социјалдемократскиот сојуз со стопирањето на изградбата на проектот Антички театар Скупи, за жал, ја потценија и навредија маката на илјадници работници, и тоа археолошки работници кои неколку години работеа на тој локалитет. Со ребалансот на буџетот предвиден за изградба на Античкиот театар Скупи, сите средства кои беа наменети за проектот се укинати, и тоа некаде над 80 отсто. Ова потврдува дека на СДС воопшто немаат гајле што илјадници археолошки работници го вложија својот труд сиве овие години наназад –  изјави Валентина Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, со ребалансот на буџетот во културата, проектиран од Социјалдемократскиот сојуз и Алаѓозовски, тие го кратат буџетот, но го кратат буџетот за сите археолошки истражувања со некаде над 70 отсто.

Ова е доста лицемерно и срамно од Социјалдемократскиот сојуз. Проектот за Античкиот театар Скупи, кој требаше да се реализира, е еден од најголемите и најзначајни на Балканот, но и воопшто во севкупната археолошка историја и цивилизација, од римско време, кој со својата конзервација и реставрација ќе се возобновеше и повторно ќе можеше да прими некаде од 8 до 10.000 гледачи.  Дополнително, кратењето на буџетот за археолошки истражувања на локалитетите низ државата со некаде над 70% ја отсликува негрижата на СДС за културното наследство во земјава“, вели Божиновска.

Стопирањето на проектите кои се од огромно значење за граѓаните не носат корист никому, додаде таа, повикувајќи да не се стопира реализацијата на проектот за Антички театар Скупи, како и стопирањето на археолошките истражувања на локалитетите низ земјава.

(Извор: Макфакс, Датум: 16.07.2017)

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Оваа изјава ја извртува вистината, бидејќи проектот кој лично го промовираше експремиерот Никола Груевски во Скупи нема врска со археологијата, туку претставува еден вид на капитална инвестиција – изградба на нов објект, кој е само имитација на некогашниот антички театар и е целосно грандоманска визија базирана на имитација на минатото, а не негово откривање. Промоцијата беше дел од предизборните проекти на ВМРО-ДПМНЕ (октомври 2016 година). Оттаму и ставовите на една одговорна влада кон такви проекти мора да се гледаат низ визурата на приоритетите и неопходностите.

Што, всушност, вети Груевски?

Како што кажува и насловот на овој прилог од порталот „Курир“, се работи за капитално вложување, а не за реставраторски потфат.

Целта на проектот кој ќе се реализира е целосна реконструкција врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку аналогија со театри кои се блиски до амфитеатарот во Скупи, со што би се овозможила ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9.000 места. Министерството за култура веќе изработи проект, а возобновувањето на отворениот амфитеатар ќе започне во првата половина на месец април, откако претходно треба успешно да завршат сите тендерски процедури за избор на изведувач на градежните работи – истакна Груевски.

Јасно е дека и творецот на проектот не е сосема прецизен околу целта на проектот. Но, од друга страна, барем не води на чисто – не му е целта да вади на светлината на денот објекти што сè уште се затрупани со земја, за што би била неопходна, нели, археолошка работа (за која говори Божиновска), туку да гради практично сосема нов објект. Со него Груевски би ја мерел својата големина со регионот, а богами и со подалечни земји и владетели. Како и претходно, кога станува збор за целиот оној резултат на антиквизацијата и оваа „визија“ за неимарска компетиција на народот ќе му донесе „огнена сметка“.

Груевски во својата изјава посочи дека ќе бидат инвестирани околу 8,5 милиони евра и ова е објект наменет за младите каде што ќе се одржуваат концерти, претстави и други културни настани и ќе биде единствен во целиот регион.

Во истиот прилог на „Курир“ може да се види големината на проектот на она што треба да се гради (некаков стадион за 10 илјади гледачи, во простор без соодветни комуникации, кои би чинеле дополнително, а кои треба да завршат се протоисториски (во смисла – содржи само минимални назнаки на оригиналот), а не историски објект!

Впрочем, според изјавата на в.д. директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев, во земјава и нема доволно археолози за изведување на позначајни археолошки зафати! Според Санев во изминативе години, на пример, кога почнале големите археолошки зафати, Владата ги финансираше многубројните потфати (се работи за 2008 година) а на терен  работеле голем број археолози.

Тоа биле или дипломирани или магистрирани, невработени, но беа сите ангажирани. Имаше најави, ако добро се сеќавам, во 2010-2011 дека ќе се вработуваат околу 190 археолози, но од тоа ништо не се случи.

Сето тоа резултираше со губење на кадар, бидејќи тие луѓе се иселија во странство или се занимаваат со друга професија која нема допирна точка со археологијата за која се образувале и надградувале. (Горан Санев)

Ова, секако, покажува дека изјавата на Божиновска не кореспондира со вистинските состојби и во археологијата.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *