Контраспин: Далеку е ВМРО-ДПМНЕ од Барселона

Барселона и Аликанте, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ - шпански фудбалски метафори за македонски политички кризи. Фото: скриншот

Главните причини поради кои опозицијата не излегува на изборите се неисполнетите услови, а не рејтингот кој е променлива категорија и кој зависи и од тоа кој го мери тој рејтинг. Ако се тврди ова второто, тоа е спинување, односно извртување на виистината

 

Главните причини поради кои опозицијата не излегува на изборите се неисполнетите услови, а не рејтингот кој е променлива категорија и кој зависи и од тоа кој го мери тој рејтинг. Ако се тврди ова второто, тоа е спинување, односно извртување на вистината

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Веќе подолго време низ медиумите што ги нарекуваат провладини, од уредници, водители, новинари, од „експерти“ и експерти, но и во нецелосни и непрофесионални анкети направени на улица со ТВ камера, се турка една иста теза која, де факто, е извртување на вистината: СДСМ не сака да оди на избоори затоа што знаел дека пo сите анкети, ќе ги загубел изборите со огромна разлика. Вакво извртување на вистината неодамна за Радио Слободна Македонија изнесе и новинарот Васко Ефтов, а тој спин беше пренесен на централните вести на Сител ТВ на 12.05.2016 година.

Спин: Ако сте вие Барселона и играте со Аликанте и можете да го победите Аликанте со 4:0, ќе сакате ли да играте фудбал? Нормално е дека ќе сакате, ќе го победите 4:0. Што е работатата на Аликанте? Да го дупне фудбалот да не може да има утакмица. Аликанте е СДСМ, Барселона е ВМРО-ДПМНЕ. На ВМРО-ДПМНЕ исконски им треба избори, кај што ќе добијат политички легитимитет. Бидејќи во секој момент можат да ги освојат тие 450 или над 450 илјади гласови, кои ги освојуваат безмалку на сите избори од 2008 наваму. СДСМ на сите анкети губи од 150 до 180 илјади гласови. Ајде да речеме да ја намали таа разлика, но и 100 илјади разлика е убедлива, убедлива разлика на ваква политичка коњуктура. Што може да прави СДСМ? Да нема утакмица.

[Извор: Сител ТВ – Датум: 12.05.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Настрана што примерот преку спортски термини и фудбалски клубови е несоодветен, (зашто Барселона е со децении фудбалска легенда и секогаш е на врвот во шпанскиот и европскиот фудбал во кој високо се почитуваат професионалните стандарди – што не може да се каже за ВМРО-ДПМНЕ, но и затоа што Аликанте е клуб кој веќе не постои, а најголемиот дел од постоењето го помина во третата лига во Шпанија), тој спортски јазик е погоден за спинување, т.е. извртување на вистината, зашто е многу примечив до голем дел од публиката. И, токму затоа, можеби најдобар одговор со кој треба да се демаскира ова извртување на вистината на Ефтов, го даде пред неколку дена Алберт Муслиу, гостувајќи во дебатна емисија на ТВ Нова. Муслиу, како одговор на ист ваков спин од страна на друг новинар, на посочениот му рече:

Нека смислат и тие подобра причина (мисли на владеачките партии-н.з.) дека рејтингот бил причината (за неучество на опозицијата и албанските партии на изборите-н.з.)… Па јас нормално дека знам (што е причината-н.з.), ако тебе ти дадат Ферари, а мене ми дадат Фиќо јас знам дека ќе изгубам. Нека ни дадат две исти коли па ќе се такмичиме. (1:05’.50’’)

Токму тоа е суштината на извртувањето на вистината што се провлекува со месеци од многу провладини медиуми, од многу уредници, водители, новинари, „експерти“ и експерти, вклучувајќи го и примерот со новинарот Васко Ефтов, кој тука е предмет на ова деспинување. Но, еве уште неколку аргументи, покрај веќе јасно изнесениот од страна на Муслиу.

Директна причина за одложувањето на претходно закажаните избори на 24-ти април беше несредениот избирачки список и неизвршената проверка на големата квота од најмалку 120 илјади граѓани кои што требаше теренски да се проверат. Претставниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и истите провладини телевизии, весници и други медиуми, со истите уредници, водители, новинари, „експерти“ и експерти и тогаш хорски повторуваа дека таа работа од страна на Државната изборна комисија можела да се среди од ден-два, до неколку дена и дека немало потреба да се одложуваат изборите.

Денеска сме речиси средина на мај и од февруари, кога се донесе одлуката за одложување има минато цели три месеци. Избирачкиот список сè уште не е усогласен, прочистен и потпишан, ДИК има проблеми во своето работење од аспект на несогласност на членови на комисијата, вклучувајќи го и претседателот околу разни прашања, МВР со ДИК комуницира двојно – преку писма од министерот во кои има едни поодатоци и преку писма од заменикот министер, во кои има други податоци – има најави дека проблематични се и односите меѓу членовите на ДИК и членовите на техничките служби, а во исто време, не ги слушаат до крај препораките на граѓанските организации, специјализирани за оваа проблематика, итн.

Втора причина зошто не можат да се одржат изборите е тоа што не е исполнет уште еден клучен услов, медиумите, односно реформата на медиумската сцена. Станува збор за промени во Законот за аудио-визуелни медиуми и медиумски услуги, при што најважни промени треба да следуваат околу изборот на Советот на регулаторната агенција ААВМУ и изборот на Програмскиот совет на МРТ. Впрочем, за важноста на ова прашање доволно зборуваат веќе првите мониторинзи и од страна на МОДЕМ, но дури и од страна на Агенцијата за медиуми. Резултатите од овие мониторинзи се исклучително негативни за пет-шест големи телевизии со национална концесија и за Македонското радио, како дел од јавниот сервис, а главните забелешки се однесуваат на небалансирано известување и мешање на факти со коментари, како и на ползување на владините активности во насока на фаворизирање на една партија.

Третата причина зошто не постојат услови за избори, е услов, наведен во Договорот од Пржино, а  констатиран уште во Извештајот на Прибе – одвојување на партијата од државата. Учеството на голем број вработени во јавната администрација или јавните претпријатија на контрамитинзите на ГДОМ тоа јасно го покажуваат, исто како и казнувањето на такви вработени доколку излезат на протестите на т.н. Шарена Револуција, како што беше примерот со вработената униформирана припадничка во АРМ, која од Скопје доби прекоманда во Кичево.

Конечно, функционирањето на Специјалното јавно обвинителство без никакви попречувања, е клучен услов кој се однесува на функционирањето на правната држава, како услов за одржување на избори, од аспект дека судовите и обвинителствата ќе функционираат со минимум непристрасност во изборниот процес. Преку досегашните попречувања на работата на СЈО, а особено со аболицијата од страна на Ѓорѓе Иванов, направен е упад во Договоорт од Пржино и целосно блокирање на правната разрешница на кризата, поради која тој договор и беше постигнат.

Ова се главните причини поради кои тезите дека опозицијата не излегува на избори зашто била „Аликанте“, а не „Барселона“, односно прашањето на рејтингот како клучно, го сметаме за големо извртување на вистината, односно спин, настрана пак, што во примерот што го одбравме има и други помали спинчиња, кои сега не се предмет на ова деспинување.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција