Контраспин: „Случајот Спaсов“ може да биде сè само не споредна тема

Милошоски на прес за „споредната тема“. Фото: Скриншот/веб страна на ВМРО ДПМНЕ

Во Македонија со децении сме сведоци на неодговорност на водечки политичари и на давање неодговорни изјави. Неретко се преминува и најнискиот праг на толерантност и безобѕирност кон јавноста, како што е случајот „Сите во одбрана на Диме Спасов“, при што „црното“ се затскрива со обвинувања кон политичкиот противник и кон медиумите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Антонио Милошоски, член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ ја даде следнава изјава што ја оценуваме како извртување на вистината или спин:

Спин: Она што СДСМ го прави во врска со случајот на г. Диме Спасов, очигледно е едно многу вешто спинување на една споредна тема, бидејќи кога сте инфериорен во економија, во земјоделие, во привлекување на странски инвестиции, во отворање на нови работни места, тогаш споредните теми ги правите битни, за да може да компензирате и привлечете внимание на јавноста.

[Извор: 24 Вести ТВ – Вести во 17 часот, (5.50 мин.) Датум: 30.10.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Високиот функционер на владејачката политичка партија Антонио Милошоски, зборувајќи на прес-конференција по друга тема, многу грубо ја изврте вистината за случајот со дополнителниот заменик-министер Диме Спасов, исто така, подолго време дел од високото државно и партиско раководство на ВМРО – ДПМНЕ. Станува збор за темата околу сообраќајните несреќи кои Спасов ги предизвика ноќта петок спроти сабота  (28-29 .10.2016). Всушност,  Милошоски во изјавата спинуваше дека други правеле спин, изрекувајќи ја притоа на двапати во релативно кратка реченица, фразата – споредна тема.

Милошоски не е неискусен политичар. Тој ги поминал сите скалила на партијата, вклучувајќи ги и раководните позиции на одредени тела, пратеник е во Собранието на РМ, а долги години беше и министер за надворешни работи. Оттука, Милошоски може да не знае многу работи, но секако дека му се познати зборовите отчетност и одговорност, особено нивното политичко значење, за да спинува дека некој друг спинувал со „споредна работа“.

Речникот на англиски јазик на веб-сајтот на Кембриџ, го толкува зборот отчетен, како одговорен:

Некој кој е отчетен е целосно одговорен за своите постапки и треба да е во состојба да даде задоволителна причини за истите; Политичарите треба да бидат одговорни кон јавноста, бидејќи таа ги избира.

Речникот Вебстер, зборот отчетен го дефинира како способност да преземеш одговорност:

Квалитет или состојба да се биде отчетен; Особено: обврска или волја да се прифати одговорноста или да се одговора за нечија постапка.

Колку е важен зборот отчетност – одговорност во севкупната состојба во Македонија во поглед на почитување на правната држава и демократијата, доволно зборува ако само се погледне некој од прогрес- извештаите за Македонија, што ги изготвува ЕУ, а ги одоборуваат нашите власти – како оној на пример од 2015, каде зборот отчетност се споменува 15 пати, или пак, како Извештајот на Европскиот парламент за Извештајот за Македонија од истата година, каде од властите во Македонија се бара одговорност –отчетност за разни прашања, пет пати.

Оттука, владејачката партија и Антонио Милошески, како и медиумите под нивна директна контрола, можат да кажат што сакаат во политичката кампања за противникот, но никако не можат од црното да направат бело и да го прикажат настанот со дополнителниот заменик – министер, а претходно министер, Диме Спасов, како „споредна тема“. Пред сè поради тоа што во овој случај постојат индиции дека се работи за залоупотреба на службената положба и притоа се бега од морална, политичка и прекршочна одговорност, а дополнително постои и сомнеж за кривично дело лажно сведочење и за поттикнување друго лице да даде лажен исказ.

Отчетноста на Владата и на политичарите, т.е. нивната одговрност, пред сè пред јавноста, е клучна тема – тема број еден за секој гласач и е камен – темелник на демократки избори.

Зашто, ако само формално се прифаќа одговорноста, а се прават еден куп оправдувања и обиди за да се избегне истата одговорност, тогаш тоа се дефинира како нечесен и неискрен однос кон јавноста – или со друг збор мамење. А таквиот однос кога се прикажува како спинување од друг, е грубо извитоперување на вистината .

Тука не е простор и време да направиме споредба како се спроведува одговорноста во Македонија наспроти земјите каде што Македонија декларативно се изјаснила дека сака да се приклучи. Ниту, пак, е време да потсетиме дека отчетноста и одговорноста се негира и во ситуации кога, како што се вели колоквијално –  е фатен „жив“. Но, во случајот со Диме Спасов, одговорноста мора да биде прво самоутврдена – што гледаме дека не е, потоа утврдена од политичката партија каде што Спасов припаѓа, а на крај од институциите на државата.

Секое друго толкување, како што е толкувањето на Спасов, толкувањето на партијата на Спасов, а особено изјавата на Антонио Милошоски, е безобѕирно извртување на вистината или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција