Контраспин: Долгот преку државни записи изнесува 617 млн. евра и не „се приближува кон нула“

Спинови од службен веб сајт. Фото: веб сајт на Министерството за финансии

Преку домашните хартии од вредност (државни записи и државни обврзници) државата е задолжена за над 1,3 милијарди евра. Покрај ова, како што знаеме, тукушто се задолживме со нова еврообврзница од 450 милиони евра на светските пазари на капитал и задолжувањето со овој финансиски инструмент, пак, изнесува вкупно 1,22 милијарди евра. Ова значи дека само по основ, преку хартии од вредност дома и во странство, задолжувањето изнесува 2,52 милијарди евра.

 

Спин: „Во изминативе два месеци се откажани дури три предвидени аукции на државниот пазар. Нето задолжувањето по однос на државни записи се приближува кон нула.“

[Извор: Министерство за финансии, Датум: 27.07.2016]

 

Контраспин: Овој дел од соопштението на Министерството за финансии претставува спин. Како и да се обидувате да го протолкувате, ова единствено може да се сфати дека задолжувањето преку државни записи на државата „се приближува кон нула“, односно дека државата повеќе речиси и да нема долгови направени преку овој финансиски инструмент – државните записи.

Kontraspin - foto Vistinomer

Во Република Македонија, креирани се два финансиски инструменти за задолжување на државата на домашните пазари на капитал преку хартии од вредност, односно преку државни хартии од вредност. Секој оној кој ќе ѝ позајми пари на државата, ги добива овие државни хартии од вредност како потврда дека таа му должи пари. На нив го пишува износот, каматата и рокот на достасување, односно на враќање на парите. Како и кај еврообврзницата, која е меѓународна хартија од вредност, така и кај домашните хартии од вредност, главнината се враќа во целост на крајот од договорениот должнички период. Државните хартии од вредност се делат на два вида. Едните се државните записи, а другите се државни обврзници. Единствената разлика меѓу нив е рокот на достасување. Државни записи се краткорочни хартии од вредност, при што тие имаат рок на достасување до најмногу една година, додека државните обврзници се долгорочни хартии од вредност со рок на достасување од над една година. Во Македонија веќе државата има издадено државни обврзници со рок на достасување од 15 години, додека во светот има и такви кај кои рокот на достасување може да достигне и 50 години. Каматата кај државните обврзници се плаќа една годишно, исто како и кај еврообврзницата. Кај државните записи, пак, со оглед на фактот што кај нив има и такви со помал период на достасување од една година (минимумот сега е три месеци, но до пред неколку години имаше и такви со рок на достасување од само еден месец), каматата се плаќа на крајот од должничкиот период заедно со главнината.

Во секој случај, ваквото соопштение на Министерството за финансии, во најмала рака, предизвикува чудење. Како е можно нето задолжувањето по однос на државни записи да приближува до нула, кога на крајот на јуни задолжувањето со овој финансиски инструмент изнесуваше 621,75 милиони евра (37,95 милијарди денари)? Како што впрочем покажува и долниот графикон.

Untitled

Како можеле да се најдат средства за да се платат овие пари? И каква врска има откажувањето на три аукции во 2 месеци, кога тоа никако не помага овој долг да се приближи до нула.

Ова тврдење на министерството предизвика лута реакција на СДСМ, при што партијата истакна дека се одговара за злоупотреба и лаги и на официјалната страница на Министерството за финансии:

За Кирил Миноски откако ја потпиша незаконската еврообврзница и со тоа влезе во кривично дело, се што прави во продолжение изгледа полесно, но треба да знае дека се одговара – се одговара и за злупотреба и лаги и на официјална Веб страница на Министерството на финансии за партиски интереси.

На Веб страницата и денеска стои лагата дека домашното задолжување се приближувало кон 0.

Само неколку часа подоцна, дознаваме на што се мислело во првичното соопштение на министерството, но не преку реакција на самото министерство, туку преку соопштение на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ:

Ниту една лага од СДСМ не може да го покрие фактот дека нето задолжувањето на домашниот пазар од почетокот на годината се приближува на нула.

Ете, што била работата. Не дека севкупното задолжување во државни записи се приближувало до нула, туку дека новото задолжување од почетокот на годинава, па до денес се приближувало до нула. И, навистина, откако задолжувањето во државни записи достигнало максимален износ од 662,2 милиони евра во март, тоа сега изнесува 621,5 милиони евра и е нешто повисоко од почетокот на јануари кога износот бил 617,1 милиони евра. При што разликата е само 4,4 милиони евра.

Добро, сега е јасно на што се мислело. Само што тоа не е така напишано во првичното соопштение на министерството за финансии и неупатените лесно би можеле да помислат дека ова задолжување се приближува до нула во смила дека преку државни записи владата не должи ни денар. Настрана фактот што спомнување на изразот „нето задолжувањето (…) се приближува кон нула“ кога долгот е 621,5 милиони евра за некаков самоодреден арбитрарен период е крајно несоодветно.

Исто така, несоодветно и манипулативно е да се зборува за тоа какво е задолжувањето преку еден единствен финансиски инструмент, кога Владата за ова има повеќе инструменти на располагање и ги користи сите.

Како, на пример, веќе спомнатите домашни државни обврзници, при што задолжувањето со нив на крајот на јуни изнесува 680 милиони евра (41,8 милијарди денари). Како што, впрочем, може и да се види на долниот графикон:

Untitled-obv

Што значи дека преку домашните хартии од вредност (државни записи и државни обврзници) државата е задолжена за над 1,3 милијарди евра. Покрај ова, како што знаеме, тукушто се задолживме со нова еврообврзница од 450 милиони евра на светските пазари на капитал и задолжувањето со овој финансиски инструмент, пак, изнесува вкупно 1,22 милијарди евра. Ова значи дека само по основ, преку хартии од вредност дома и во странство, задолжувањето изнесува 2,52 милијарди евра.

Со оглед на ваквиот огромен износ, сосема е небитно што кај еден финансиски инструмент, во последниве 7 месеци не сме се задолжиле премногу. И тоа особено што пред само 8 месеци, лани во ноември, власта се задолжи со еврообврзница од 270 милиони евра. Во таква ситуација и би требало да се очекува да нема задолжувања на домашниот пазар, ако веќе од странство се земени толку многу пари.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција