Контраспин: Ѓорге Иванов може да држи лекции по спинување

Спинот станува омилена алатка за владеење во Македонија. Фото: Спин балерина, Flickr

За три месеци, Претседателот на Република Македонија четири пати ѝ се обраќа на јавноста со говори или интервју, посветени на политичката криза. Иванов, во дел од овие настапи манипулира со јавноста, при што говорејќи за околностите, често пати ја извртува вистината или спинува. Овој пат, преку извртување на вистината директно ги нападна Заев, Ахмети и СЈО

 

За три месеци, Претседателот на Република Македонија четири пати ѝ се обраќа на јавноста со говори или интервју, посветени на политичката криза. Иванов, во дел од овие настапи манипулира со јавноста, при што говорејќи за околностите, често пати ја извртува вистината или спинува. Овој пат, преку извртување на вистината директно ги нападна Заев, Ахмети и СЈО

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот Ѓорге Иванов повторно ѝ се обрати на нацијата со говор поврзан со политичката криза и прашањето за аболицијата што ја донесе, па ја укина, при што од повеќето извртувања на вистината т.е. спинувања, издвоивме два покарактеристични:

Спин1: Правната држава ја нарушија оние кои поради недостаток на политичка култура и култура на дијалог и компромис немаа доблест своите недоразбирања да ги решаваат во институциите на државата. Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ, бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави. Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери, кои придонесоа да го добиеме договорот од Прижино и кои не се ни придржуваа кон тој договор.

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Овој дел од обраќањето на Иванов го одбравме затоа што е нов момент во неговото јавно настапување. За прв пат директно посочи дека рушењето на правната држава паѓа на товар на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.

Во деспинувањето на ова извртување на вистината, најпрво би тргнале од неговата сопствена изјава дадена на 14 април годинава, во интервјуто со десетина уредници на национални телевизии, кога се обидуваше да ја оправда аболицијата што ја донесе два дена порано. Во тоа ТВ интервју, на прашање на уредникот на телевизијата 24 Вести, Сеад Ризвановиќ, Иванов самиот признава дека со одлуката за аболиција е урната правната сигурност, но оправдувањето му беше дека државата била поважна од владеењето на правото.

Точно е, се доведува владеењето на правото во земјата, но кажувам, никој не може да спречи по оддржувањето на слободните избори, конституирање на институции, да поведе постапка за одговорност на било кој, па и за мене (38 мин.- н.з.).

Вториот потспин во оваа изјава, е дека уставниот поредок не им бил доволен да се состанат, „да седнеме, да се договориме“, туку дека Заев и Ахмети трчале по странските амбасади. Она што јавноста го памети, а архивите на интернет го сведочат, е дека Иванов не вложи претерано голем напор во организирање лидерска средба и преземање на олеснувачка улога. Тој се соочуваше со јавно непризнавање на неговата функција од страна на ДУИ, додека СДСМ и Заев изјавуваа дека иако имаат проблеми со Иванов, не би одбиле ничие посредништво, што впрочем го докажаа на некој начин кога лично или прему нивни посредници учествуваа на итно свиканата седница по настаните во Куманово.

Исто така, не е точно дека овие двајца лидери трчале во странските амбасади, туку странците почнаа да ги посетуваат или повикуваат на разговор сите лидери на политички партии, во обид да помогнат да се изнајде решение на кризата. Впрочем, Самиот Иванов најмалку на два пати во текот на минатата година, ем ги обввини сите лидери на политички партии за состојбата во која е земјата, оценувајќи дека во нивните глави има „ментални ѕидови кои треба да бидат урнати“, ем немаше ништо против форматот на нивните средби, „кои самите го одбрале“.

Македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидови, да ги затрупаат менталните ровови и што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине политичката криза. Граѓаните со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат. (Иванов во МАНУ на 02.07.2015)

Оттука, целосно извртување на вистината е дека правната држава ја рушеле овие двајца лидери кои не сакале да седнат на маса со него за да се водат разговори за политичката криза. Уште помалку, пак, е вистина, дека „правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Прижино и кои не се ни придржуваа кон тој договор“.

Следењето на спроведувањето на Договорот од Пржино од страна на коалиција од 23 невладини организации, Мрежа 23, потоа извештаите на Европската унија, изјавите на амбасадори на земјите на ЕУ и на САД,  изјавите на одделни амбасадори кои беа вклучени во преговорите, сосема јасно ја посочуваат вината за неспроведувањето или полуспроведувањето на договорот од Пржино, а тоа не се двајцата посочени и оттука, Иванов со ваквата изјава не први ништо друго, туку отворено ја извртува вистината, т.е. спинува.

 

Спин2: Специјалното јавно обвинителство е институција формирана ад-хок, со точно определна наменска цел, согласно договорот на политичките партии, од која се очекуваше со својата работа да биде во функција на решавање на политичката криза, а не нејзино продлабочување.

За жал, наместо инструмент за правда, Специјалното јавно обвинителство се покажа како инструмент за уцена. Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо специјално обвинителство добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата.

Контраспин: Станува збор за жесток јавен напад на Иванов врз Специјалното обвинителство, кое на овој начин формално доби уште една институција што ја попречува неговата работа, иако, во законот со кој е формирано, се наведува обврската сите институции, вклучувајќи ја тука и институцијата Претседател на РМ, да соработуваат со СЈО ако самото обвинителство го побара тоа. Да потсетиме, СЈО на два пати упати прашање како покојниот Коста Крпач и другите лица се нашле на листата на амнестирани од страна на Иванов, но Кабинетот на претседателот молчи!

Воедно ја информираме јавноста дека сè уште го очекуваме одговорот од претседателот Иванов по однос на бараните податоци. Имено, нашето барање е упатено на ден 15.04.2016 година, па со оглед дека не добивме одговор, на ден 09.05.2016 година упативме и ургенција. Очекуваме дека и покрај ваквото доцнење, ќе го добиеме бараниот одговор од Претседателот Иванов. (Обвинителката Ленче Ристоска на 03.06.2016)

Што се однесува до обвинувањето за селективноста на СЈО, нема потреба да се трошат зборови нешто премногу, зашто впрочем, тоа се генерално обвинувања на Никола Груевски и сите функционри и сателити на ВМРО ДПМНЕ, на кои досега во јавноста е одговарано со контрааргументи.

Прво, СЈО започна со својата работа со преземање на случаите кои веќе беа отвоени во редовното Обвинителство, по покренатите кривични пријави од опозиционата СДСМ, а во врска со индиците за криминали кои се слушаа во објавените бомби – прислушкуваните телефонски разговори. И тоа со една мала специфика – наместо бараните неколку предмети, редовното обвинителство на СЈО му ги предаде сите предмети, со што по сите истовремено почнаа да течат роковите, т.е. 18 месеци за покренување обвинение, што е условеност од самиот закон. Ова значи дека специјалната обвинителка Катица Јанева и 10-те обвинители помошници, работат на овие случаи и едноставно немаат време да се посветат на огромниот материјал од прислушуваните разговори. Тоа го кажуваат и самите обвинители. Освен тоа, зарем не е логично да се испитува злоупотреба на моќта и евентуални криминални дејства од оној што ја има моќта и власта? Во последниве 10 години тоа се Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.

И конечно, едно легитмино прашање. Од каде тоа претседателот на РМ знае дека во милионот фајлови, има фајлови со прислушкувни опозициски функционери, пратеници и други лица поврзани со нив, а кои содржат индиции за криминални дела?

Впрочем, случајот „Пуч“, да потсетиме, се однесува на обвиненија против неколку лица, меѓу кои и на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а тој процес сè уште активно го води Специјалното јавно обвинителство. Па, за каква селективност станува збор?

Заклучокот е неминовен. Ѓорге Иванов, по четврти пат во изминативе неколку месеци, се служи со големи манипулации во своите говори поврзани со политичката криза, при што примерите кои ги одбравме се извртувања на вистината или спинување.  Притоа, спиновите му се вешто замаскирани со судбината на земјата, безбедноста и сигурноста на сите граѓани, итн, што укажува на вештина и познавање на спинот, какви што ја имаат предавачите на оваа материја.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција