Контраспин: Груевски ем се заканува на дипломати, ем бил прозападно ориентиран?!

 

Изјавата на Груевски, според која  дипломатите кои од посредници – олеснувачи во преговорите, сега после изборите  одеднаш се обвинети дека се мешаат во македонската внатрешна политика, не е ништо другу туку неумесен политички спин за амортизирање на изборниот удар на ВМРО-ДПМНЕ

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изминатиот викенд (17.12.2016)  пред Државната изборна комисија (ДИК), читајќи го прогласот усвоен од Извршниот комитет, во кој најави дека партијата нема да учествува на  евнетуалното прегласување,  даде неумесна изјава во која остро ги нападна странските дипломати:

Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори и претставници на други држави, но, некои амбасадори кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика, мора да престанат да го прават тоа.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно- политичките прашања на земјата и бараме да останат во рамките на на своите мандати и овластувања како дипломати.

 ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или преставници на други земји, а на кои се преговара или носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот.

ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандардни и хибридни решенија во ниеден сектор доколку нив ги нема кај другите земји-членки на ЕУ и  нема да дозволи кантонизација и редефинирање на држава под никакви услови и околности.

Ќе се бориме за десоросоизација и јакнење на независен граѓански сектор. И историски и во сегашноста ВМРО-ДПМНЕ била и ќе биде прозападна партија и насочена кон ЕУ и НАТО. Нивни темели се демократијата, а овој проглас е за заштита на демократијата. Да ја зачуваме Македонија, ова ваше собирање е крик на совеста на секој граѓанин никој да не може да ги фалсификува изборните резултати

 

[Извор: МКД, Датум: 17.12.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Оваа  изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дадена пред насобраните партиски приврзаници пред ДИК, во која кажа дека  „има информации на вмешување на некои странски претставници во правец на постизборен инженеринг“, ја сметаме за недоследна и за политички спин. Груевски од една страна  вели  дека нема да дозволи дипломати  повеќе да се мешаат во внатрешните работи на Македонија,  дека во иднина нема да учествува во преговорите  помеѓу партиите доколку во нив се вклучени странски претставници,  а од друга страна кажува дека ВМРО-ДПМНЕ била и ќе биде прозападно ориентирана партија, дека  стратешка ориентација е членство во НАТО и ЕУ и стратешко пријателство со САД!

Ваквиот настап на претседателот на владејачката партија е загрижувачки и претставува грубо извртување на вистината и на прв поглед делува чудно, дури збунувачки. Имено, Груевски речиси десет години беше премиер, а неговата пратија сè уште ги контролира клучните функции во дражавата, вклучително и претседателската. Што значи, тој (и неговата ВМРО-ДПМНЕ) во целиот овој период има силно влијание во креирањето на севкупната политика (внатрешна и надворешна) и имал можности  и механизми да реагира, доколу некој од странските дипломати покажал несоодветно однесување од  формат кој го застапува. Такви забелешки тој досега нема искажано, барем  не јавно и на ваков начин. Па, затоа делува чудно што критиките ги упатува сега, во моменти кога има можности да изгуби еден пратенички мандат и кога со сите сили се бори да ја задржи власта.

Иако Груевски не споменува на кого точно мисли, сепак се препознава дека забелешките се однесуваат на американскиот амбасадор Џес Бејли, со оглед на тоа што после изборите од ВМРО-ДПМНЕ имаше критики на негова адреса дека се мешал во работата на Државната изборна комисија. Башка и луѓето кои протестираа пред ДИК носеа транспаренти со пораки:„Бејли, тргни ги рацете од Македонија“.  Но, ваквите обвинувања беа демантирани  од Американската амбасда:

Со загриженост го забележуваме ова неточно известување, кое тврди дека американскиот амбасадор се меша во работата на Државната изборна комисија. Ова не е време за објавување лажни вести или заговори. Амбасадорот на САД не се сретнал со претставници на ДИК, не ја посетил Државната изборна комисија, ниту, пак, интервенирал кај некој од членовите на ДИК. САД ги поддржува правата на граѓаните на Република Македонија во демократски процес кој е отворен, транспарентен и одговорен. Ова вклучува и разгледување на жалбите и на приговорите, во согласност со македонските закони.

Во однос на тоа дека „ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или преставници на други земји, а на кои се преговара или носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот“, само да потсетиме дека посредништовото на меѓународниот фактор  во македонската сага се случи дури откако политичката криза се продлабочи. А инволвирањето на дипломатите на САД и ЕУ беше токму со цел да дојде до нејзина побрза разрешница. За нивното ангажирање беа согласни сите страни во преговорите, односно четирите политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. И токму како резултат на мачниот преговарачки процес беше постигнат Договорот од Пржино, а потоа и неговите анекси.

Па, оттаму, ваквата изјава на Груевски има силен призвук на хипокризија. Особено што веднаш потоа тој вели дека трајна ориентација на неговата партија е членството во ЕУ и НАТО и стратешкото партнерство со САД. Едно со друго нема никаква врска. Да се говори за евроатлантски вредности, а да се жигосуваат и да се ставаат на „столбот на срамот“ дипломатите на овие  земји и институции, делува нелогично.

Исто така,  прилично е проблематична најавата на Груевски дека ќе се бори за „ јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола“. Познато е дека  огромен број проекти спрведени од Министсрствата и од други  институции се финансиски поддржани со пари од УСАИД. Или, Груевски ги сака странските донатори кога финансиски помагаат владини проекти, но тоа не важи кога има таква соработка со граѓанскиот сектор во Македонија. Тогаш, според Груевски, тоа е предавство, подаништво, соработка со странски служби!

Просто несфатлива е опседнатоста на Груевски  со невладините организации (оние кои не се на линија на власта) особено со Фондацијата отворено општество – Македонија, популарно наречена Сорос. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ секогаш го споменува Сорос во негативен контест, сега најави „десоросоизација“ на граѓанските организации, заборавајќи дека членови на Упрваниот одбор на ФОООМ досега биле личности  блиски до ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои претседателот Ѓорѓе Иванов и амбасадорот на Македонија во Велика Британија, Јован Донев. Груевски пренебрегнува дека и самиот на 27 јуни 2011 година во Прага се сретна со  претседателот на фондацијата „Отворено општество“ Џорџ Сорос. За оваа средба има информација на сајтот на Владата, каде пишува дека :

На средбата претседателот Груевски го информираше својот соговорник за активностите кои што Владата на Република Македонија ги превзема на полето на социјална инклузија на Ромите во Република Македонија, при што ги нагласи активностите кои се превземаат во доменот на образованието, како што се доделувањето стипендии за Ромите, изградба на средно училиште во општина Шуто Оризари и други активности, како и поддршката во областите на домување, вработување и здравство.
На средбата стана збор и за Законот за третман на бесправно изградени објекти, за кој што фондацијата Сорос понуди помош за информирање на ромското население за предностите кои ги нуди законот и потребата од навремено аплицирање за почнување на процесот на легализација на дивоградбите.

Да споменеме и дека острите тонови на Груевски кон меѓународната заедница некако не се совпаѓаат со сликата за „гостољубивиот“ лидер на ВМРО-ДПМНЕ,  на чии митинзи повеќепати можеа да се видат странски дипломати, како на пример, австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц и италијанскиот пратеник, Џузепе Галати.

Да потсетиме и дека Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ  не сметаа дека има мешање во внатрешните работи на Македноија кога изминатото лето Турција побара затворање на школи, универзитети и фирми во Македонија поврзани со движењето на исламскиот свештеник Фејтулах Ѓулен, противникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Така што, изјавата на Груевски, според која  дипломатите кои од посредници-олеснувачи во преговорите, сега после изборите одеднаш се обвинети дека се мешаат во македонската внатрешна политика, не е ништо другу туку неумесен политички спин за амортизирање на изборниот удар на ВМРО-ДПМНЕ.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *