Контраспин: Груевски – јас сум невин како цвет

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој 11 години беше главен фактор што „разденуваше“ и „стемнуваше“ во Македонија, денес уште посилно тврди дека јавноста и натаму е заведена и затупавена, дека паѓа на пропаганди и дека тој, „невин како цвет“, 11 години работел за интересите на македонскиот народ (и граѓаните), поради што, ете, сега му местат кривични дела…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за ТВ Нова од 07.07.2017 искажа повеќе извртени вистини или спинови:

Спин:

 

Контраспин: Нема умен и глупав човек, умни и глупави народи. Постојат само информирани и едуцирани луѓе и граѓани и оние кои тоа не се, и постои систем кој го штити владеењето на правото и демократскиот поредок или систем кој е поинаков. Оттука произлегува и чувството на одговорноста и степенот на казнивоста за сторените дела или недела.

Наместо тоа, наместо да се угледаат на лулката на демократијата Франција (експресните оставки на министрите на владата на Емануел Макрон),  политичките елити во Македонија, почнувајќи од независноста, па сè до Никола Груевски како последен и најеклатантен пример, никогаш нема да признаат дека сториле некое недело. Напротив, до последна капка (туѓа) крв, ќе се борат да го докажат тоа, а притоа, бесрамно, на целата јавност ѝ ја исмеваат интелигенцијата.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Токму така денес се однесува Груевски кога јавно говори, што особено може да се види во последното „мега-интервју“ за ТВ Нова, емитувано во петокот, на 07.07.2017 година во ударен вечерен термин. Груевски искажа во тоа интервју повеќе извртени вистини односно спинови, а ние ќе ги групираме во две групи – за кривичните дела што му се ставаат на товар и за политичката одговорност.

 

МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ

Никола Груевски денес е обвинето лице во повеќе кривични кривични постапки од вкупно 20-те случаи на СЈО, и тоа како првообвинет. Тој секако има уставнно и законско право да се брани и на суд и пред јавноста. Во јавноста тој тоа го чини со тврдењата кои се веќе константа: Немаат никакви докази, обвинувањата се со цел да не влечкаат по судови и адвокати за да ни го одземаат времето, сакаат да ја ослабнат партијата за да можат да спроведат нивни интереси (СДСМ и никогаш недефинираните странски сили или центри на моќ), итн.

Главно, тоа се репликите на Груевски и на неговата партија кога станува збор за истрагите и обвиненијата од СЈО, орган кој што без збор дебата го изгласаа и пратениците на ВМРО – ДПМНЕ на 15 ти септември 2015 г., а истиот ден Груевски даде изјава дека е задоволен со изборот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Никола Груевски на суд ќе докажува дали е така како што го товари СЈО или не е така. Дали има или нема вина во овие случаи. Но, откако ниту еднаш цврсто не застанаа да ги демантираат содржините на објавените прислушувани разговори на повеќе од 35 прес конференции, откако одбија да се вештачат, а форензиката во два наврати потврди дека се оригинални и дека не се обработувани, ако не за криминалното, за упатената јавност во однос на неетичкото работење на врвот на таа партија предводена од Груевски нема трошка сомнеж, без оглед на исходот на судските процеси.

 

НЕ СУМ КРИВ, КАЈ СЕ ШАМАРИТЕ?

Груевски, за да ја докаже својата теза дека го суделе без докази, за еден од случаите, „Шамарите во Општина Центар“, во еден момент уште на почетокот на емисијата (после 12-та минута), ќе каже во интервјуто: „..Шамарите не беа удрени, да беа удрени Андреј Жерновски ќе збореше кај ќе стигне за тоа..“

Прво, заборава дека врз основа на прислушкуван разговор со тогашниот негов министер Миле Јанакиески, се случи насилство во Општина Центар, многу бргу откако Жерновски беше избран како градоначалник. И заборава да каже дека не е обвинет за шамари, туку за поттикнување на насилство. Но, тоа веќе си го докажуваат на суд. Она што тој го вели денес, е дека судот не може да земе предвид снимка (чл. 12 од ЗКП), шамари не се удрени, па, според тоа него го суделе и покрај тоа што тој бил невин… Јавноста се што треба да направи е само уште еднаш да ја слушне снимката и да си донесе заклучок.

Потоа, за уште еден случај од типот „Миле ми текна“, Груевски ја потценува интелигенцијата на јавноста и вели јас со тоа немам никаква врска. Станува збор за случајот ТНТ или уривањето на „Космос“ на бизнисменот и тогашен пратеник Фијат Цаноски. Држејќи се до формалното слово на законот – Јас немам како премиер никакви надлежности околу дивоградбите, немам никаков мој потпис, Фијат Цаноски навистина згрешил и денеска се гледа дека му фалат метро и половина од дивоградбата, итн, итн, Груевски вели дека тоа е небулоза и политички монтиран процес. Може и да го убеди судијата во тоа, но јавноста никогаш, особено откако ја слушнаа и ја поседуваат онаа дегутатнтна снимка – „Му течеше од ногавици (На Цаноски), никогаш не сум го видел поисплашен, итн, како и другите снимки во која со неговиот компањон Миле дебатираат кои се тие технички можности веднаш да се урнела дивоградбата, па наместо со градежни машини „Вол“-ови, се решаваат на уривање со динамит.

Уште еден таков случај што го презентираше пред јавноста, докажувајќи ја својата невиност, се однесува на кредитот од кинеската банка од 500 милиони евра и изградбата на двата автопата. Без трошка одговорност и потреба  да ги прокоментира најновите скандалозни откритија во јавноста дека постојат огромен број недоречености во проектите според кои цената на двата автопата Кичево–Охрид и Миладиновци – Штип на крајот ќе достигнат цена и од околу 800 милиони евра (за 120 км вкупно), Груевски се фокусира на Ексим банката, на специјалниот закон на што имале право и го гласале дури и пратеници од СДСМ, на 2 посто камата што тој успеал да ги обезбеди од кинескиот политички врв, итн. Ај што нема коментари за грешките, се разбира нема коментари ниту за процентот, што во неговиот разговор со Јанакиевски се слуша многу чисто. И оттука повторно важи констатацијата – во нашето судство, можеби и ќе докаже дека е невин, но пред упатената јавност, тешко.

И така Груевски во интервјуто ги реди случаите и за сите има објаснување. Ако го тргнеме случајот со „Мерцедесот“, демек му се расипувало службеното возило, а и сме немале ВИП блиндирано возило, иако и таму има снимки кои се инкриминирачки, никако не може да се избега од смешната аргументација за случајот „Титаник“, за изборни нерегуларности и за финансиски измами при финасирањето на партијата во 2013 г… Груевски и тука вели, никој ништо не згрешил, најмалку тој,  зашто „никој не знае како ќе гласаат луѓето од Пустец“ (иако тој знаел порано во разговорите со Миле), а башка, тие  и законски имале право да имаат живеалиште на иста адреса!?

Што се однесува до финансирањето на партијата, Груевски вели:

(СЈО-н.з.) земале една година каде што имало 25 илјади уплати, разни уплати од 500 евра, 200 евра 1.000 евра 1.500 евра, итн – од кои што поканиле околу 700 (сведоци), ако добро ме информаа, од кои што неколку десетици, не знам точно, 40, 50, 60, дале изјави кои што се од типот, не се сеќавам, не сум сигурен, не знам дали е мојот потпис и неколку може рекле не е мојот потпис, затоа што има и такви кои што во меѓувреме можеби и ја напуштиле нашата партија, гневни се на нас, не оствариле некој свој план….

Всушност, јавноста и преку бомбите имаше прилика да слушне како се собираат пари за партија (разговор Груевски – Бонева), т.е. како се рекетира во име на ВМРО-ДПМНЕ, јавноста имаше прилика да слушне и да прочита и изјави на угледни граѓани како не се сеќаваат дека дале по 1.000 евра за донација за партијата. Но, Груевски сега лицитира со бројки како доволен репер за тоа што е, а што не е релевантен доказ. За него доказ не е ако од 25 илјади, биле повикани 700, сомнеж искажалеле 40, 50, 60, а само неколку рекле не е мојот потпис?! Колку, според Груевски, требало да кажат за да биде поткрепено обвинението?

Повторно, тоа нека си го докажува на судот – јавноста не може да ја излаже, особено откако излегоа недеменатираните податоци дека ВМРО-ДПМНЕ „тежи“ околу 60 милиони евра во недвижности, дека има околу 900 имотни листови на име на партијата и откако не може да се објасни „донацијата“ на АДГ „Бетон“ во изградбата на огромната луксузна палата на ВМРО-ДПМНЕ на место на добро познатата „Жолта куќа“, од времето кога оваа партија го градеше својот углед во јавноста и не се однесуваше расипнички.

 

ПОЛИТИЧКАТА ОДГОВОРНОСТ Е НЕСПОРНА

Што се однесува до другите извртени вистини во интервјуто, до другите спинови, во смисла дека тие се партија која секогаш работела за доброто на државата и граѓаните, Груевски во нему добро познат стил тврди: нашиот грев е што 11 години се бориме за опстојување на Македонија, онаква каква што ја сакаат граѓаните на Македонија или убедливото мнозинство граѓани (околу 50-тта мин.)…по што продолжува дека не дозволиле промена на име под разни притисоци, закани уцени, не дозволиле да се смени идентитетот, не дозволиле да се потпишат договори (како претстојниот со Бугарија), што сме останале унитарна држава и што „задржавме и направивме силна држава“, а неговиот грев бил што е лидер на владејачката партија која сето тоа го направила.

Повторно предизборен митингашки говор наместо аргументи и тоа со извртена вистина, односно спин. Зашто Македонија по 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, од кои осум заедно со ДУИ, излезе преку крв (27 април), инциденти и трауми од две-три години. Излезе како многу демократски уназадена држава, со дуплиран јавен долг, кој, според проценките на голем дел експерти, е меѓу големо и умерено задолжување и излезе со уназадени евро-атлантски интеграции. Излезе со уназадени човекови права и со руиниран медиумски простор, со стотици новинари без работа, со педесетина претепани или заплашувани и со затворени весници и пропаднати телевизии…

Излезе од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ како земја „на лудаци, кои немале за леб, а трошеле на чоколади“.

Поради сè погоре наведено, голем дел од искажаните тврдења на Никола Груевски во интервјуто за ТВ Нова ги сметаме за спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *