Контраспин: Груевски како Ходорковски – 29.000 страници не биле докази

Знаел дека нема докази, се било местенка. Фото: Скриншот

Голем апсурд е да се тврди дека „немало никакви докази и не можело да има“, покрај „живи“ 29.000 страници доказен материјал, за кој дури и одбраната тврди дека не стигнале ни да ги проучат. Уште поголем апсурд е што одбраната си дозволила, како што известуваат медиумите, Груевски да го спореди со Михаил Ходорковски, сакајќи да испрати порака до Судот да внимавал

 

Голем апсурд е да се тврди дека „немало никакви докази и не можело да има“, покрај „живи“ 29.000 страници доказен материјал, за кој дури и одбраната тврди дека не стигнале ни да ги проучат. Уште поголем апсурд е што одбраната си дозволила, како што известуваат медиумите, Груевски да го спореди со Михаил Ходорковски, сакајќи да испрати порака до Судот да внимавал

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер, Никола Груевски, даде изјава во која цениме дека постои извртена вистина, односно спин:

Спин: Никогаш не сум помислил да побегнам. Убеден сум дека не постои кривично дело кое сум го сторил и немам причина да се плашам и да бегам. СЈО води политички прогон против мене и моите соработниции. Знам дека нема и не може да има какви било докази оти такви не постојат, изјави претпладнево на јавната седница на Апелацискиот суд Скопје, обвинетиот Никола Груевски во случајот „Титаник“.

[Извор: МКДГруевски, едвај чекам да ја докажам мојата невиностдатум: 21.07.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Поранешниот премиер, кој беше десет години на таа функција, е првообвинет во три предмети од 20-те за колку што СЈО поднесе обвинителни акти, а во еден има обвинителен предлог и за негова вина. Груевски, можеби е виновен, можеби и не е.

Но, тој денеска (21.07.2017), на расправата во Апелација каде што неговата одбрана бараше да му се врати пасошот, а СЈО и натаму инсистираше на мерката притвор, повторно аргументацијата ја сведе на политика, а не на право.

Изјавувјаќи дека СЈО води политички прогон против него и неговите соработници, Груевски според медиумот што го пренесуваме (слично известија и другите медиуми) рекол:

Знам дека нема и не може да има какви било докази оти такви не постојат.

Спинувањето е во тоа што исто како и денеска, со месеци наназад, тој и функционери од неговата партија повторуваат дека нема кривични дела, туку дека станувало збор за монтировки, дека целата работа е негово политичко деградирање (тоа беше кажано и денеска во Апелационотсуд и од него и од неговите адвокати), и уништување на ВМРО-ДПМНЕ.

Се разбира дека Судот (со сиот багаж што го носи со себе целото судство), е тој што ќе цени дали Специјалното обвинителство нешто му монтира или не. Но, лично одбраната на Груевски, денеска изнесе бројки, кои што посредно ја предизвикуваат неговата изјава дека немало доказ:

Сања Алексиќ пред судиите на Апелацискиот суд рече дека СЈО им доставило 5.178 докази, односно 29.000 страници доказен материјал. Првиот дозволен увид на одбраната бил овозможен на 14 февруари. Адвокатката Алексиќ обвини дека три месеци се малку за да се направи увид во доказниот материјал за потоа нејзиниот клиент да може да се јави на распит во СЈО. (Извор: МКД)

Можно е Груевски да е во право кога тврди дека меѓу 5.178 документи доказен материјал, распослан на 29.000 страници и нема доказ за неговата вина, но, логиката на изјавата дека не постојат какви било докази е чист спин, односно извртување на вистината. Не може 29.000 страници да бидат монтировка, празни и шупливи доказни материјали, безвредни аргументи на обвинението, дотолку повеќе што и одбраната трди дека не направила целосен увид. Ќе се најдат барем 29 од тие 29.000 кои „држат вода“, но идејата и логиката на Груевски е друга – Нема докази, ми местат политички, па за дел од јавноста можеби тоа ќе да е поверодостојно.

Впрочем, таквата логика на размислување и извртување на вистината тој ја прави втор пат во последниот месец. За време на својот последен медиумски настап (Интервју на ТВ Нова), Груевски, образлагајќи дека немало никакви докази околу лажното финансирање на политичките кампањи од членови и симпатизери на партијата изјави:

(СЈО-н.з.) земале една година каде што имало 25 илјади уплати, разни уплати од 500 евра, 200 евра 1.000 евра 1.500 евра, итн – од кои што поканиле околу 700 (сведоци), ако добро ме информираа, од кои што неколку десетици, не знам точно, 40, 50, 60, дале изјави кои што се од типот, не се сеќавам, не сум сигурен, не знам дали е мојот потпис и неколку може рекле не е мојот потпис, затоа што има и такви кои што во меѓувреме можеби и ја напуштиле нашата партија, гневни се на нас, не оствариле некој свој план….

„И неколку можеби рекле не е мојот потпис..“, вели Груевски, и за него тоа е доказ дека тука немало дело. Еден сведок да кажел не е мојот потпис, некој го лажирал, е доволно за основано сомневање за обвинување за кривично дело фалсификување и перење пари. Но, Груевски, сакајќи да ја убеди јавноста дека нема вина, а можеби и навистина така ги разбира работите (во што се сомневаме), тврди дека нема основани сомневања, нема докази и се било политичка местенка.

И на уште еден спин денеска јавно му паднаа маските. Имено, вчера претставници на ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека покрај другите притисоци (од власта), притисоци врз судот правеле и медиумите блиски до новата власт. Но, токму денеска, вистинскиот притисок го направи одбраната, кога го потсети Судот да внимава дека му се судело на политичар, при што била спомната и судската пракса од Стразбур и случајот Ходорковски прoтив Русија, споредувајќи го на тој начин Никола Груевски со рускиот бизнисмен и политичар Михаил Ходорковски.

Специфика е дека најголемата партија е пред суд и затоа судот треба да има зголемено внимание, а ние не само што тоа не го гледаме, туку го гледаме во негативна насока, коментираа бранителите.

Во таа насока адвокатите на експремиерот цитираа неколку случаи од судот во Стразбур, кои познати политичари ги воделе против своите држави од кои биле судени, меѓу кои го спомнаа и „Кодорковски против Русија“. (Извор: Призма)

Поради погоре наведените аргументи денешното излагање на Груевски, во кое тврди дека докази немало и не можело да има, покрај толку илјади страници доказен материјал за кој и одбраната тврди дека три месеци биле малку време за да го проучат, го сметаме за извртување на вистината или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција