Контраспин: Груевски вели дека никој не смее да нè тепа, освен „неговиот народ“!

Милошевиќ и Груевски: само народот кој „врие“ смее да го тепа народот кој протестира. Фото: Гугл

Никола Груевски со последните закани со народот, практично исто и како Милошевиќ, порачува дека во земјава има демократија и дека секој може да протестира, а демонстрантите никој не смее да ги тепа, освен „неговиот народ“, кој „вриел“ и кој едвај бил држен да не излезе на улица

 

Никола Груевски со последните закани со народот, практично исто и како Милошевиќ, порачува дека во земјава има демократија и дека секој може да протестира, а демонстрантите никој не смее да ги тепа, освен „неговиот народ“, кој „вриел“ и кој едвај бил држен да не излезе на улица

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по повод 26 годишнината од формирањето на партијата беше преполн со извртувања на вистината. Тука ќе се обидеме да ги посочиме поголемите, од кои некои, како првиот, се граничат со говор на омраза и закана за насилство. Сите примери се земени од неговиот говор објавен на страницата на партијата:

Спин: Но, одовде, од Музејот на македонската борба за слобода и независност,од музејот на ВМРО и музејот на жртвите на комунизмот, од ова одбележување на основањето на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да им порачам, дека се повеќе, ова што не ги засега нив, го засега народот..И тоа, огромното мнозинство од народот. Она мнозинство кое не е дел од соросовите НВО и платените од нив. Дека се губи трпението кај народот пред неправдите кои ги гледа. Дека се повеќе како претседател на ВМРО-ДПМНЕ сум под притисок на илјадници граѓани кои на различен начин ме контактираат, барајки поддршка за поодлучна народна акција. Дека ако вака продолжат, колку и јас и моите соработници да сме толерантни и наколонети кон решавање на проблемите преку дијалоги демократски методи, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола, дека народот врие и дека во еден момент може да му дојде преку глава и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и за туѓи интереси.

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Не е прв пат Груевски да се заканува со народот, како штит за одбрана на демократијата, уставниот поредок и власта што ја поседува по изборите од 2014 година, а која трае во континуитет веќе 10 години. Тој тоа го прави како партиска тактика многу оддамна, со организирањето на т.н. контрапротести, феномен кој постои само во автократските режими во современиот свет. Првите посериозни контрапротести беа организирани на централниот градски плоштад во Скопје, во 2009 г., кога група студенти и граѓански активисти излегоа да протестираат против намерата на плоштадот да се гради црква на МПЦ.

Следуваа уште поеклатантни примери на контрапротест против протестите организирани по смртта на Мартин Нешковски во 2011 г. Потоа следуваа контрапротести на протестите во 2012 година, откако пратениците на опозицијата беа исфрлени од Собранието на РМ од страна на полицијата. Веќе по шест месеци, во 2013 г. имаше нови контрапротести кои резултираа со демолирање на бараките на Општина Центар, па контрапротестите во 2014 година, кои за среќа не се одржаа, но беа замислени како продолжение на истите од 2012 за истиот случај…

Има уште многу примери, но сериозноста на ваквата неодговорна политика почна да се заканува по избивањето на последнава криза во 2015 година, кога се организираа масовни контрапротести пред Собранието на РМ и во 2016 година со серијата контрапротрести на движењето ГДОМ, организирано од активити, експерти и блиски луѓе на ВМРО ДПМНЕ, а логистички помогнато од финансиски средства од „непознато“ потекло. Сето ова доведува до опасност од судир меѓу граѓаните, но се чини опасноста никогаш не била поголема отсега, затоа што реториката на генераторот на контрапротестите, а тоа се Груевски и неговите најблиски соработници, никогаш не била поостра.

Патем, оваа тактика на Груевски не е негова измислица. Во современата историја на Македонија и во годините пред таа да стане независна, контрапротестите беа проверен рецепт на рушење на политичките противници и постигнување други цели од страна на покојниот српски автократски лидер Слободан Милошевиќ. Тој феномен беше оценет од пошироката јавност како феномен на „дешавки“ на народот или „Случувања на народот“. Под проектот “Десио се народ“,  со паролата „Нико не сме да вас бије“ (никој не смее да ве тепа), паѓаа противниците на Милошевиќ и во Србија и на Косово и во Црна Гора, а такви обиди имаше и во Хрватска, Словенија и во Македонија, за среќа безуспешни. На крај, Милошевиќ самиот беше соборен откако му се “деси народ“, по негирањето на изборните резултати за претседателските избори во 2000-тата година во Србија.

Никола Груевски со последните закани со народот, практично исто и како Милошевиќ, порачува дека во земјава има демократија и дека секој може да протестира, а демонстрантите никој не смее да ги тепа, освен „неговиот народ“, кој вриел и кој едвај бил држен да не излезе на улица.

 

Спин: ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија, народна партија, партија која знае што е одговорност, која интересот на државата и нацијата го става на прво место, која сака земјата да ја внесе во ЕУ и НАТО. Партија која сака мир, економски успех, нови работни места, нови инвестиции, натамошен пад на невработеноста, натамошен напредок на демократијата, добри односи со соседите, зајакнување на демократските институции, судството, медиумите и се друго што ја зацврстува државата и нејзиниот севкупен напредок.

 

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ е таква партија каква што ја кажува нејзиниот претседател во ова извртување на вистината, само на хартија и во говорите на Груевски и неговите соработници. Во практика, ВМРО-ДПМНЕ се профилираше во строго хиерархиска партиија во која главниот збор го има(ше) лидерот на партијата, кој до толку се меша во нејзиното внатрешно устројство, што не дозволуваше ниту избоорите на првите луѓе на општинските комитети да минат без негово интервју. Не е дозволен фракционизам и таквите обиди завршија со исфрлање на членовите, макар и ветерани, а едно време имаше тотално бришење и ретуширање на историјата на партијата и основачите, вклучувајќи го и првиот претседател, Љубчо Георгиевски, не беа канети на значајните датуми или прослави. Колку партијата е демократска, зборува и фактот што на последниот партиски конгрес, Груевски е реизбран практично без ниту еден глас против.

Што се однесува до тоа дека интересот на државата е на прво место за партијата „која сака земјата да ја внесе во ЕУ и НАТО“, доволно зборуваат сите извештаи на сите релевантни меѓународни организации и институции, кои помалку или повеќе го проблематизираат почитувањето на демократијата во земјата, вклучувајќи ги и основните човекови права, меѓу кои и слободата на медиумите и информирањето, владеењето на правото, независноста на судството, и т.н.

 

Спин: Ние сме партија која сака да промовира инклузивност во секој поглед.

Контраспин: Како што владее автократски со полувојничкото устројство во партијата, ВМРО ДПМНЕ, т.е. Груевски и неговите блиски или подалечни соработници, владеат со државата, т.е. со институциите во државата. Поделбата на власта постои само на хартија, Собранието во изминатите години над 60 отсто од законите ги носи во итна постапка, со надгласување и прегласување, слична состојба владее и во другите институции, а најголем „дострел“ на инсклузивноста беа настаните од 24 декември 2012 гидина, кога во расправа за буџетот за 2013 година пратениците на опозициската СДСМ беа исфрлени од парламентот. Кризата што настана потоа и која се реши со политички договор постигнат со меѓународна помош, „инсклузивната“ ВМРО ДПМНЕ го нарече „тоалетна хартија“. Оваа партија може да се пофали со „инклузиивност“ единствено во строгата поделба на власта меѓу неа и нејзиниот коалициски партнер ДУИ, бидејќи таа и таквата инклузивност, генерално ја почитувала.

 

Спин: Еве, јас јавно ги повикувам членовите на ДИК, нека направат каква сака СДСМ-таква проверка на гласачите, и да не губат ни ден да не губат ни час ни минута. Веднаш. Од утре. Јас знам дека сите проверки се детално направени и се е чисто, ама еве да им го избиеме тоа алиби на СДСМ, пак нека направат, по терк, по методологија каква СДСМ сакаат, иако и методологијата по која веќе се направија проверките беше прифатена и потпишана од СДСМ. За медиумите, за изборниот период заедно усвоивме законски измени и тој не е спорен ни од СДСМ, така што тоа не ги загрозува изборите. За после изборите, која земја од ЕУ сакаат нека ја посочат како најнапредна во овој дел, нејзиниот закон да го превземеме. По фер понуда од ова, здравје.

 

Контраспин: Точно, како што вели Груевски, заеднички е избран новиот ДИК и заеднички е потпишан и усвоен новиот Изборен законик, со кој се воведени нови правила за медиумите за време на изборите. Но, ниту ДИК успеа да го прочисти избирачкиот список, ниту, пак, реформата на медиумите според Договорот од Пржино и забелешките на ЕУ произлезени од Извештајот на Прибе, не се однесуваа на строгите правила на медиумите за време на предизборната и изборната кампања. Впрочем, за тоа доволно зборува и договорот меѓу Бејли и Груевски околу одложувањето на изборите за 24 април годинава, за кој, според толкувањето на Груевски, меѓународната заедница му ветила дека прашањето на медиумите нема да се отвора. Меѓународната заедница и СДСМ тоа го демантираа, а разговорите за реформа на медиумите продолжија.

Ова значи дека изборниот список не е прочистен до степен кој ќе биде прифатлив за учесниците во изборите, што го потврдија и домашни и странски експерти, но и ЕУ и САД, а конечно и самата ДИК побара одложување на изборите на 5-ти јуни. Истото се однесува и на медиумите – тие, главните телевизии, пред сè, остануваат под директно влијание на владејачката партија, а регулаторот и јавниот сервис се, исто така, голем проблем. Според тоа, Груевски спинува и за избирачкиот список и за медиумите, вклучувајќи ја реченицата дека СДСМ во најновиот круг на преговорите сакала цензура на медиуми, а ВМРО ДПМНЕ е таа која се залагала за слобода на истите.

 

Спин: Незнаејки како уште повеќе да го притискаат судот, партиско мотивираното водство во СЈО почнаа да отвораат истраги за се и сешто, празни истраги без елементарен доказен матерјал. Ова е една од новите стратегии на СЈО.  Целта е, не е само да се компромитираат и јавно осомничат политичарите дека нешто се виновни, со самиот факт што се повикуваат во судот и се теретат,  туку и да го доведат во ситуација самиот суд, празните пријави да им ги отфрла, и по некое време да направат долга листа на отфрлени пријави, со која повторно ќе се обидат да го компромитирајки го судот дека им ги отфрла сите или најголем дел од пријавите, да се обидат да му прават притисок, со цел истиот, за да не е под притисок, да почне да прифаќа истраги или обвиненија или мерки без докази.

Контраспин: Груевски има право да мисли што сака за Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но кога дава оценки во јавноста не би требало да ја извртува вистината и да спинува. „Не знаејќи како уште да го притискаат судот….“, е целосно нелогична реченица, затоа што работата на секое обвинителство и на секоја одбрана е да го притиска судот и да го убеди во своите докази и аргументи. „Партиски мотивираното водство на СЈО…“, е реченица која Груевски и сите негови „експерти“ и партиски ешалони почнаа да ја употребуваат откако СЈО побара укинување на притворот за обвинетите во „Пуч“, вклучувајќи го и првообвинетиот Зоран Верушевски. Оваа реторика се засили, откако аболицијата на Ѓорѓе Иванов беше повлечена, а како резултат на тоа, самиот Груевски мораше да се појави во суд, додека градоначалникот на Битола доби мерка куќен притвор.

„СЈО отвора истраги за се и сешто, празни истраги без елементарен доказен материјал…“, е уште едно спинување од страна на Груевски. Случаите за уништување на опремата за прислушување, за злоупотреба на јавни пари за транспорт на ученици во Битола, за рушењето на „Косомос“, за изборните измами и фалсификувања.., се случаи и истраги кои можат да бидат се друго, но не „се и сешто“. А дали имало или немало докази, сведочи и одредувањето на мерките домашен притвор, одземањето на пасошите и слично. Но, конечно, оценката дека Судот е под влијание на ВМРО ДПМНЕ, од најголем дел од опозициската и експертската јавност и дека е главна кочница за спроведување на објективна судска завршница на случаите што ги работи СЈО, е доволен показател за спинот на Груевски, дека СЈО настапувало без докази и дека било „партиски мотивирано“.

 

Спин: Речиси 25 години освен партии Македонија има и НВО. И тоа е добро. Но, се поставува прашањето, зошто 80 осто од финасирњето на тие НВО во сиот изминат период доаѓа од еден центар, од еден извор, и зошто и останатите 20 осто во најголем дел се финасираат од некого однадвор. Се поставува прашањето, зошто соросовите НВО кои веројатно се 80 осто од сите НВО во Македонија, секогаш, ама баш секогаш се против ВМРО-ДПМНЕ, и секогаш, ама баш секогаш на страна на СДСМ, независно кој е на власт, а кој во опозиција.

 

Контраспин: Реченицата дека „е добро“ што 25 години има и невладин сектор во Македонија (НВО), изговорена од страна на Груевски е лицемерна. Тоа се гледа и во продолжението од изјавата, каде што веќе со извртување на вистината или спинување дека 80 отсто од финансирањето на тие НВО-а доаѓаат од еден центар“, без овој пат директно да го спомене Фондот Отворено општество Македонија или т.н. Сорос фондација.

Спинот е во тоа што не е точно дека 80 отсто од финансирањето на НВО во Македонија е од страна на една организација. Во Македонија, по груба проценка на експерт кој го консултиравме,  НВО – секторот „тежи“ меѓу 10 до 15 милиони евра годишно. Популарната Сорос фондација во последните години има буџет од 5 милиони евра, при што не се сите пари добиени од Џорџ Сорос (во 2015 г. тоа беа околу 3 милиона евра). Дури и да ги земеме предвид и Фондациите на Сорос во Будимпешта или Лондон, кои знаат да поддржат проекти во Македонија, повторно не може да се дојде до бројка поголема од 5 милиони евра во просек, чие потекло е поврзано со Џорџ Сорос.

Другите пари како поддршка на НВО секторот се добиени и дистрибуирани од две – три други поголемо НВО „кровни“ организации, а нивните донатори се најразлични, но најчесто истите оние што финасираат проекти на Владата или на Општините. Тоа се УСАИД, Европската унија, и голем дел од европските земји, меѓу кои, по донации се истакнуваат Холандија, Германија, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија….

Да не говориме, пак, за средствата кои Владата ги има наменето за невладините организации во минатогодишниот буџет, а кои тогаш изнесуваа 5,56 милиони евра (страница 71, ставка 463, трансфери до невладини организации). Или, пак, за истражувањето на СКУП Македонија, кое покажа дека за 7 години 244 невладини организации имаат добиено над 1,8 милиони евра и тоа само врз основа на една буџетска ставка, при позначителен дел од парите е сконцентриран на мал број од 10 НВО, за кои се смета дека се блиски до власта.

Сè на сè, говорот на Груевски беше преполн со спинови, а тука ги издвоивме оние што по наша оценка се или поеклатантни и шаблонизирани, или пак опасни, бидејќи станува збор за говор близок до говорот на омраза и на закана со насилство.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција