Контраспин: И ВМРО-ДПМНЕ се согласи да се смени гласањето во дијаспората

Мотивациски говор со многу спинови. Фото: ВМРО ДПМНЕ/обработка „Вистиномер“

Нефер е и не би требало гласачите да се придобиваат со извртена вистина или со спинови. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот последен говор пред жените во партијата искажа повеќе спинови, а ние издвоивме три почигледни и по наше видување поважни

 

Нефер е и не би требало гласачите да се придобиваат со извртена вистина или со спинови. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот последен говор пред жените во партијата искажа повеќе спинови, а ние издвоивме три почигледни и по наше видување поважни

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Никола Груевски, претседателот на владејачката партија зборувајќи пред Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ и пред јавноста, меѓу другото, ги искажа следниве спинови.

Спин 1: Само запрашајте се за кого треба да гласам и што тој човек (се мисли на лидерот на опозицијата Зоран Заев н.з.) може да направи и да понуди за сопствениот народ и за сопствената држава. Реално, што може да направи, што може да понуди. Прво, тргнаа да се казни и понижи дијаспората, да нема ниту еден пратеник ако е можно. Причина, зошто? Затоа што гласале за ВМРО.

Спин 2 : Второ, десен блок ќе направиле. Шарена револуција трето, десницата да се занимава со самата себе, ВМРО да се занимава со ВМРО, а реално тоа се неколку луѓе кои треба да одработат за Заев, да отцепат некој глас од ВМРО, далеку од доволно тие да имаат свој пратеник, но со надеж дека ќе е доволно ВМРО да загуби некој пратеник, и центар и лево да опфатат колку што тие можат.

Спин 3: И нормално Катица да е здрава и жива да си штанца пријави по секаков основ и да држи прес конференции за тоа во целиот изборен период со измислени обвинувања без вина и без правен основ и докази. Може ќе добијам и едно обвинение денеска што на настанов сме собрани многу повеќе од СДСМ. Чисто онака колку да не се без работа. Колку да си ја заработи платата жената, највисоката во државата, плата. Па, не за џабе буџетот им е 4 милиони евра. Па внук ѝ мора да земе плата овој месец, да ја заработи, исто и уште 100-тина СДСМ-овци вработени таму, нивни роднини, комшии и пријатели кои, нели, го „зајакнуваат капацитетот“ на СЈО.

[Извор: ВМРО ДПМНЕ, веб странаДатум: 06.11.2016]


Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин1: Никола Груевски може да ги обвинува и да ги прави неспособни своите политички противници за многу нешта, ама да ги обвини дека тргнале да ја казнат дијаспората за да нема ниту еден пратеник зашто таа, дијаспората, гласала за ВМРО-ДПМНЕ, е целосно извртување на вистината.

Проблемот со пратениците избрани од дијаспората ниту е нов, ниту се состои од тоа дека тие гласале само за ВМРО-ДПМНЕ. Дијспората за прв пат гласаше на вонредните парламентарни избори во 2011 година, а потоа и на парламентарните и претседателските во 2014 година, кои беа споени. И вистина е дека и во 2011 година и во 2014 година, трите изборни единици од дијаспората, 7, 8 и 9-та (од Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и од Австралија, Азија, испорачаа по еден пратеник за Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а Собранието наместо традиционалните 120, доби 123 пратенички места.

Но, проблемот со дијапората брзo беше воочен. А тоа е дека гласот во дијаспората не е еднаков со гласот во Македонија. Па. така, ако во Македонија на последните избори биле потребни минимум 6,5 илјади гласови за да се добие еден пратеник, во дијаспората имаме случаи и со повеќе од десет пати помалку гласови да се избере еден пратеник. Односно, пратениците во Европа и во Австралија се избираа со по 600 до 800 гласови на дијаспората. Поради сето ова, прашањето да се измени гласањето во дијаспората беше едено од прашањата во преговарачкиот процес произлезен од договорот од Пржино, за на крај да се постигне согласност – од сите политички партии, вклучувајќи ја и партијата на Груевски, т.е. и тој лично се согласи,  да добиеме далеку поприфатлив модел. А, дека не барала само СДСМ измена на ова правило во Законот, сведочи и фактот што и коалициониот партнер на Груевски, Али Ахмети и ДУИ во еден момент бараа да се измени Законот и вредноста на гласот во дијаспората да се изедначи со гласот во Република Македонија.

Сведоци сме на неправилностите и нерамноправноста на гласовите на трите изборни единици на дијаспората. Затоа цениме дека овие три единици, 7,8,9 кои бират три пратеници од дијаспората треба да се повлечат од изборен законик или дијаспората да гласа во 6-те единици кои се во земјава, вели Артан Груби.

Оттаму, Груевски спинува кога тврди дека СДСМ ја мрази дијспората зашто гласала за ВМРО ДПМНЕ, па решиле таа да не гласа.

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин 2: Второто извртување на вистината од страна на Груевски зборува за демократскиот карактер на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа што се исмева со десниот блок, втор, трет, со шарената револуција, итн, тој всушност кажува дека на политичката сцена во Македонија, според него, нема место за други партии, освен ако не се со него во коалиција. Овој конзервативизам на Груевски како крајно недемократски чин, макар и вербално искажан, само зборува за авторитарни тенденции со кои се критикуваат некои од темелните човекови права впишани во Уставот на Република Македонија.

Но, неговата изјава за тоа што била целта на неколку луѓе од десницата, кои божем ќе се занимавале со ВМРО, а биле „слуги“ на Заев и требало да одработат за него, т.е. да му одземат гласови на ДПМНЕ, е крајно сомнителна и треба да се прифати со доза на внимателност. Ако е тоа така, ако тој не верува во таа група луѓе, тогаш зошто и порано и сега преговараше со нив за можна коалиција на овие предвремени избори. Особено со Љубчо Георгиевски и неговото ВМРО–НП.

Неколку пати повторената изјава на Георгиевски во јавните настапи дека од аспект на партијата и од аспект на тоа што им било понудено од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се работи за „технички најдобра понуда“, како и изјавата на Георгиевски дека ако би бил ставен во позиција да одредува кој ќе ја состави идната влада, тој не може да каже однапред со кого ќе коалицира – отвора простор за сомневање дека е сосема можно целта на Георгиевски да биде обратната од она што го тврди Груевски. Да ги прибере незадоволните гласови од членовите на ВМРО-ДПМНЕ и потоа пак да ги врати во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, повеќе политичари од десницата досега јавно се произнеле со проценки дека воопшто не е мал бројот на незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ, особено од старото членство. Зошто не би заклучиле дека токму тоа е улогата на новата десна коалиција, која претходно не успеа да се договори со третиот блок партии предводени од Павле Трајанов и од Јове Кекеновски. Сето ова е сосема можно, иако Георгиевски јавно се обврза дека по изборите ако биде во состојба да решава, најпрво ќе преговарал со опозицијата. Па што? Што со тоа? Зарем тие преговори не може да пропаднат ако некој тоа го сака, па веднаш потоа да се сврти кон преговори со Груевски?

Оттука и оваа изјава на Никола Груевски за третиот блок партии, особено за улогата на десницата имаме целосно право да ја оцениме како спин. И од уставното право на секој граѓанин да има целосна слобода во политичкиот избор, но и од аспект на вистинската улога на десницата со Георгиевски на чело, која може да биде сосема обратна од она што го тврди Груевски.

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин 3: Груевски вели дека Катица Јанева штанца пријави по секаков основ и да држи прес конференции за тоа во целиот изборен период со измислени обвинувања без вина и без правен основ и докази.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и овој пат ја извртува вистината. Истрагите, засега против повеќе од 60 осомничени и обвинети лица, меѓу кои е и самиот Груевски, е главна задача на Специјалното јавно обвинтелство формирано со договор на 4 политички партии и со амин на нивните лидери, меѓу кои и на Никола Груевски. За тоа дали се штанцаат пријави со или без основа, може да каже само Крвичниот суд, во законита и фер процесна постапка, а не Никола Груевски.

Но, од она што може да се оцени како факт, а тоа се безбројните попречувања на работата на СЈО токму од страна на партијата на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ или од институциите кои се многу цврсто контролирани од кадри именувани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ – не се стекнува впечаток дека СЈО и Јанева „штанцаат пријави без основа“. Токму спротивното.

Сепак, крајниот исход ќе го каже судот, а не народот како што милува да каже Груевски. Што се однесува до тоа дали Катица Јанева има највисока плата во државата и зошто и се потребни 4 милиони евра – сума која беспоговорно ја прифати и Груевски и тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески, кога СЈО ја побара, за тоа постојат очигледни аргументи дека се извртување на вистината.

Затоа и овој трет дел од излагањето на Груевски што решивме да го анализираме од неговито говор пред Унијата на Жени на ВМРО ДПМНЕ на 06.11.2016, го оценуваме како спин.

Премногу спинови во прекраток говор и близу на едно место во говорот, обединети.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција