Контраспин: Или влада со ВМРО-ДПМНЕ, или потоп!

Никој не смее да помисли да формира влада без ВМРО-ДПМНЕ! Фото: Принтскрин

Тезата дека никој друг освен партијата на Груевски не смее да помисли да составува Влада , бидејќи во спротивно ќе се соочи со проблеми делува дури застрашувачки. ВМРО-ДПМНЕ нема никакво дискреционо право да се „кити“ со „волјата на мнозинството граѓани“, а уште помалку смее да се заканува дека само таа може да формира владина коалиција

 

Тезата дека никој друг освен партијата на Груевски не смее да помисли да составува Влада , бидејќи во спротивно ќе се соочи со проблеми делува дури застрашувачки. ВМРО-ДПМНЕ нема никакво дискреционо право да се „кити“ со „волјата на мнозинството граѓани“, а уште помалку смее да се заканува дека само таа може да формира владина коалиција

 

Пишува: Оливера Војновска

 

На 07.02.2017 по средбата на  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, (придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев, Александар Николоски и Никола Попоски) со  амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен (07.02.2017), од партијата  излегоа со  детално соопштение, во кое информираа дека:

Спин: На прашањето поврзано со создавање владина коалиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше потенцирано дека состојбата во Република Македонија е зрела за одржување на нови предвремени парламентарни избори поради тесното мнозинство кое би било направено.

Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето доколку СДСМ формира Влада, дали истата ќе биде прифатлива за партијата, беше одговорено дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани.

На забелешката дека постојат држави каде се случува победничката партија да не влезе во владејачката коалиција, беше одговорено дека во изминатите повеќе од десет години одвнатре и однадвор беше постојано потенцирано дека Македонија е многу различен случај, дека не е иста со останатите земји и има една специфика, а тоа е мултиетничноста, и дека во таква ситуација исклучително е важно победникот кај македонските гласачи и победникот кај албанските гласачи секогаш да коалицираат.

Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е победник, и одвнатре и однадвор се заборава тој принцип. Сите треба да знаат дека ако еднаш се прекрши тој принцип, истото ќе стане неповратлив процес. Затоа што не може тој принцип да важи по потреба, само кога на некој друг му одговара, и тоа веќе не е принцип. Доколку сега се отстапи од тој принцип, и свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе отцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави.

[Извор:  ВМРО-ДПМНЕ/веб, Датум: 07.02.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

 

Контраспин: Ваквото, во најмала рака непринципиелно соопштение (изјава) на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се упатени предупредувачки пораки до СДСМ и до ДУИ, има повеќе извртувања на вистината – спинови. Целата  информација од средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски  со  амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, натежнува од жестока реторика и испраќа јасна  порака дека само ВМРО-ДПМНЕ може да прави влада!

Оваа опасна теза дека никој друг освен партијата на Груевски не смее да помисли да составува Влада , бидејќи во спротивно ќе се соочи со проблеми (не е прецизирано какви) делува дури застрашувачки. Како што беше соопштено од централата на ВМРО-ДПМНЕ, на амбасадорката на ОБСЕ ѝ бил пренесен тврдиот став дека „Состојбата во Македонија е зрела за одржување нови предвремени избори“, а на нејзиното прашање  дали за ВМРО-ДПМНЕ би била прифатлива опцијата влада што би ја формирала СДСМ, следи нималку тактичен одговор со заканувачи тон:

Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани

 

ЗАКАНИ СО ПОТПАЛУВАЧКИ ТОН

Со други зборови кажано, од седиштето на партијата на Груевски, на мегдан бил ставен принципот „или – или“, односно, или влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, или проблеми! Па, иако, отворено не се кажува на какви проблеми се мисли, не е тешко да се претпостави какви „ситуации се својствени кога се игнорира влојата на мнозинството граѓани“.  И,  многу веројатно, дека ваквите „ситуации“  не би ја релаксирале прилично зовриената атмосфера во државата, туку дополнително би ја електризирале.

Ако, пак, го тргнеме настрана потпалувачкиот тон на пораката, многу  дискутабилна е тезата дека „волјата на мнозинството граѓани“ е на страната на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина,  ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори (11.12. 2016)   освои  454.577 и  51 пратенички мандат, два мандaта (17.596 гласови) повеќе од СДСМ (436.981  гласови – 49 пратеници). Но, тоа воопшто не значи дека ја ужива поддршката на мнозинството  граѓани. Предноста од 17.596 гласови не ги прави неприкосновени победници на вонредните парламентарни избори и не им дава ексклузивитет на „волјата на мнозинството граѓани“.

Напротив, изборите покажаа дека мнозинството граѓани сака промени и гласаше против политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Такви се не само гласовите кои ги доби коалицијата предводена од СДСМ, туку и 50.000 гласови  кои отидоа кај помалите опозициски партии и коалиции, кои не добија пратенички мандати, како што се: Коалиција ВМРО за Македонија – 24.524 гласови, Левица – 12.120, Коалицијата за промени и правда – 10.028 и Либерална партија – 3,840 гласови. Така што, партијата на Груевски нема никакво дискреционо право да се „кити“ со „волјата на мнозинството граѓани“. А, уште помалку смее да се заканува дека само таа (ВМРО-ДПМНЕ)  може да формира владина коалиција, во стилот: „Или влада со ВМРО-ДПМНЕ, или потоп“!

 

„ГОРИ ПОД НОЗЕТЕ“

Огромна жестина извира и од пораката до нивниот долгогодишен коалициски партнер ДУИ, исто така, дадена во манирот „или–или“, а во која се предупредува Али Ахмети дека не смее да биде прекршен принципот за коалицирање „победник со победник“,

Доколку сега се отстапи од тој принцип, и  свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе оцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави.

Истовремено, оваа предупредувачка порака делува лицемерно, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ во два наврата го има прекршено овој принцип. Првиот пат во 1998 година, кога направи коалиција со ДПА (11 пратеници), иако ПДП имаше повеќе пратенички мандати – 13. И вториот пат, во 2006 година, кога, исто така, коалицираше со ДПА (11), иако ДУИ доби повеќе пратеници – 17.

Или, ваквите принципи за кои пишува во соопштението на партијата на Груевски, не се важни кога е во прашање политичката прагма на ВМРО-ДПМНЕ и тие може да се прекршат. Особено, кога „гори под нозете“, па власта треба да се задржи по секоја цена и кога над главите на највисоките партискки личности, според прислушуваните разговори и според СЈО, висат обвиненија за тежок криминал, корупција  и за изборни измами.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција