Контраспин: Името, медиумите и Бујар Османи

Јавноста има право да знае. Фото: Мета

Османи наместо генерално да се обраќа до медиумите и јавноста дека нивното исклучување било клучно за преговорите, нека им се обрати лично на надредените – пред се на Ахмети и Груби. Потоа нека го искара ако сака и Зоран Заев и Никола Димитров, па дури потоа нека аргументира со медиумите за јавноста. Негде помеѓу ова, нека ги прочите двата клучни документа на ООН и на Советот на Европа

 

Османи наместо генерално да се обраќа до медиумите и јавноста дека нивното исклучување било клучно за преговорите, нека им се обрати лично на надредените – пред сè, на Ахмети и Груби. Потоа нека ги искара, ако сака, и Зоран Заев и Никола Димитров, па дури потоа нека аргументира со медиумите за јавноста. Негде помеѓу ова, нека ги прочита и двата клучни документа на ООН и на Советот на Европа

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на Владата на РМ, Бујар Османи, даде изјава за јавноста што ја сметаме за недоследна и за извртена вистина или спин:

Спин: Клучно за успехот на овој процес е дебатата да не се одвива преку медиуми. Ова се однесува и за пријателите од грчката страна и за нашите претставници. На ниту еден начин нема да му се помогне на процесот преку дебата во медиумите. Затоа треба да ја држиме оваа дебата во рамките на преговарачките тимови, а во моментот кога ќе имаме начелно некоја согласност, тогаш можеме да излеземе во јавноста и да побараме мислење од граѓаните и од другите општествени слоеви.

[Извор: МКД.мк- Османи порача дебатата…, датум: 15.02.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Вицепремиерот Османи даде изјава во врска со преговорите/разговорите за проблемот со името на Република Македонија кои се водат со Грција, што ја сметаме за недоследна, за извртена вистина, односно спин од три причини:

Првата причина е што јавноста има право да знае! Овој демократски принцип, да не одиме наназад низ вековите, за прв пат е воспоставен како универзално право на човекот со Декларацијата на Обединетите Нации донесе на уште во 1948 година, а подоцна и надградувана:

Член 19

Секој има право на слобода на мислење и на изразување. Ова право подразбира и право на задржување на своето мислење без мешање и барање тоа да се смени, подразбира примање и давање на информации преку кој било медиуми, без оглед на границите.

Оваа декларација, исто како и членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, преку Уставот на РМ и законите, се составен дел од правниот и севкупниот живот на граѓаните на Македонија. Оттаму, Османи нема право, макар и индиректно да ги исклучува медиумите и јавноста од кое било политичко прашање, особено па ако се однесува на прашање што ја засега севкупната јавност во државата.

Втората причина е тоа што информациите, кои ги добиваат медиумите и јавноста и дебатите што се водат потоа, не може да дојдат до нив ако тие не се споделени од политичарите кои ги водат преговорите или внатрешните кругови блиски до преговарачкиот процес. Дали тие им даваат прецизни информации или сервираат „фејкови“, кои треба да служат како проба дали одредено решение има „проодност“ во јавноста – тоа е работа која зависи прво од сервирачите на информации, а потоа и од вештината на уредувачките тимови во медиумите кои ќе „голтнат“ или не одредена вест.

Пример број еден е изјавата на амбасадорот Васко Наумовски, доскорешниот преговарач, кој веднаш по последната средба со Метју Нимиц  даде изјава дека одредени предлози се понижувачки. Вториот пример се повеќе написи во грчките или албанските медиуми, кои се повикуваа на анонимни добро упатени извори, од кои подоцна многу се покажаа како точни и потврдени од грчките политичари, а кои беа пренесени од медиумите кај нас. Третиот пример се изјавите давани на прес конференции тука или во Солун или во Атина, по средбите на нашите со грчките политичири, вклучувајќи го и самиот Османи.

Ако нешто се каже на тие прес конференции, како тоа Османи замислува „преговорите да не се водат во медиумите и јавноста“? Тогаш најдобро би било воопшто да нема никакви прес конференции или никакви изјави за јавноста по секоја средба. Значи, првата причина зошто протекуваат информации во јавноста, се самите политичари или внатрешни кругови во преговорите.

И кога веќе Османи забележува генерално, не е одвишно да ја упати својата критика, макар и како гест на принципиелност на својот став, кон политичарите од ДУИ, претседателот Али Ахмети и со шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби. Ахмети, сакајќи или несакајќи, направи штета во преговарачкиот процес со својата изјава дека Македонија нема име, Груби дава изјави од САД дека пренесува ставови до Нимиц што било добро или лошо во преговарачкиот процес или прави не помала штета од Ахмети кога изјави дека спорот со името е веќе решен.

Затоа Османи наместо генерално да се обраќа до медиумите и јавноста дека преговорите нема да успеат ако се водат преку дебати или објавени информации, нека им се обрати лично на надредените – пред сè, на Ахмети и Груби, па потоа нека го искара, ако сака, и Зоран Заев и Никола Димитров, па дури потоа нека аргументира со медиумите зошто не треба да се интересираат за преговорите.

И трето – дали некој преговарачкиот процес ќе успее или не, речиси никогаш навистина не зависи од медиумите.

Преговарачите се тие што ја носат или не ја носат добрата волја за успех на преговорите, тие се тие што имаат или немаат капацитет и креативност да ги спроведат до точка на заемно прифатливо решение и тие се тие што имаат или немаат капацитет да ја објаснат корисноста за целата држава од решението што го прифатиле и постигнале. Колку и да има злонамерни медиуми и други кругови, што би рекол Османи, а во што не се сомневаме дека има право, тие ќе бидат немоќни.

Јавноста, што во симбиоза ја претставуваат медиумите и граѓаните, не е во принцип ниту неука, ниту глупава. Таа е само или добро информирана или не е, па врз основа на информациите со кои располага носи вредносни судови. Впрочем, исто како и на избори кога ги избира политичарите, меѓу кои е и Бујар Османи.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција