Контраспин: Итните реформски приоритети не се „фабричка лента“

 

Изјавата на Османи за исполнетоста на планот од над 90, односно 100 отсто е само формалистичко и буквално гледање на нештата, без да се земат предвид и другите елементи – квалитет, спроведливост, исклучување на некои од барањата на засегнатите страни…  Произлегува дека 103-те мерки од Планот се перцепирани како да се создаваат на фабричка лента, па оттука, оценката и процентот за исполнетоста што ги кажува Османи

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, пред неколку дена (на 13.04.2017), излезе на прес конференција со оценка за спроведување на Планот 3-6-9, што ја сметаме за извртена вистина односно спин:

Спин: Така да ако зборуваме во бројки, уште еднаш, реализацијата е над 90 проценти од планот, односно од вкупно 103 мерки кои што беа предвидени, само десетина не се реализирани, односно помалку од десет, иако ќе ви образложам зошто е тоа така (6.27 мин)

[Извор: Влада на РМ-Прес на заменик-премиер Бујар Oсмани, датум: 13.04.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Вицепремиерот Бујар Османи, кој е задолжен и за евроинтеграциските процеси, на прес конференцијата со која го означи истекот на рокот за спроведување на Планот 3-6-9, т.е. Планот за итните реформски приоритети, смета дека тој е 100 отсто исполнет. Над 90 отсто гледано во бројки, но 100 отсто суштински, зашто Македонија е вратена на евро-атлантскиот пат… (31.30 мин. од пресот), вели Османи, иако на почетокот самиот истакна дека е тешко да се зборувало во бројки. Ова што го тврди Османи е своевидно извртување на вистината, т.е. спинување.

Оценката извртена вистина, т.е. спин не се однесува за евро-атлантскиот пат, бидејќи тоа и пред неколку месеци го потврдија највисоките челници на ЕУ, на НАТО и други фактори. Спинувањето е во смислата на зброт исполнетост на планот. Она што го прави Османи кон „своето дете“ (така го нарече Планот 3-6-9), е „непедагошка“ мерка, зашто наместо да се осврне кон квалитетот, кон спроведливост, кон спецификите на инклузивноста, зашто таа не беше подеднаква за секој закон и за секоја мерка – тој го гледа квантитетот.  Вака, произлегува дека 103-те мерки од Планот се перцепирани како да се создаваат на фабричка лента, па оттука, оценката и процентот за исполнетоста што ги кажува Османи.

 

ДАЛИ СТРАТЕГИЈАТА Е РЕФОРМА ВО ВИСТИНСКА НАСОКА?

Османи на пример ја спомена  Стратегијата за реформи во правосудството, клучен документ кој ја поставува рамката на реформи:

Значи Стратегија за реформи во правосудниот сектор, рокот беше декември 2017, веќе е донесена, прифатени се сите препораки и извештаи од Европската комисија, од Венецијанската комисија и тоа е најобемниот документ, кој што ја утврдува рамката како ќе се реформира судството во наредните три години… – вели Османи.

Убаво би било, покрај сета фалба за големите напори за инклузивноста на процесот на реформи, Османи да каже какви се проблеми имаше во групата за реформи која ја подготвуваше оваа стратегија, да каже дека оние професори и други фактори што ја напуштија таа група тврдеа дека Стратегијата била однапред напишан документ околу кој немало усогласувања, а и забелешките не биле баш применети….Споменувањето на експерти од ЕУ, Венецијанска комисија или договор со опозицијата, не кажува баш многу за квалитетот на самиот закон и за процесот.

Впрочем, тоа го докажува и директно и самиот Османи со следнава изјава од неговата прес конференција, иако тој самиот поинаку ја толкува:

Донесување на Закон за бесплатна правна помош… Овој закон беше подготвен со помош на експерти од Европската унија, донесен е на Влада, меѓутоа во собраниска процедура, на јавната расправа, излезе дека има амандамни на над 53 отсто во членовите на законот. Согласно процедурите, кога има амандамни на над 50 отсто од текстот на законот тој се враќа повторно на доработка… Така да, ова е важна придобивка на демократскиот процес во државата дека нема веќе наметнување решенија од стана на владата… (7.55 мин.)

Неспорно е дека таа придобивка е важна и дека токму поради таа придобивка на јавна сцена е оценето дека законот е лош и е вратен на ново пишување. А, бил подготвен со помош на експерти од Европска унија…

 

ДАЛИ ЗАКОНОТ ЗА ОТА Е ГАРАНТИРАНО РЕФОРМСКИ?

Слично е и со неодмна донесениот закон за ОТА, новата прислушна агенција во државата, која спаѓа во редот на клучни реформски закони. Сведоци сме дека извесен број професори и други експерти, но и претставници на невладиниот сектор, постојано укажуваа дека законот има слабости и дека не треба да се брза со неговото донесување, зашто клучни работи, како што се законското регулирање на временското ограничување на поседувањето на мета податоците за граѓаните или кој и на каков начин ќе може да ја контролира новата агенција или каде ќе бидат т.н. свичови за прислушувањето, итн, не се решени на најдобар начин или воопшто со законот за ОТА. Па, сепак, таков каков што е, законот го минал филтерот на Брисел и во договор со опозицијата беше усвоен во Собранието. Дали ова значи дека сме направиле реформа во секторот и дека сме го исполниле планот? Воопшто не, зашто повторно зборуваме за суштината.

Или да го споменем Законот за измени на Законот за аудио визуелни медиумски услуги (ЗААВМУ). Овој закон е вистина дека беше носен во широка консултација со сите засегнати страни. Па, дали е навистина е одличен реофрмски закон? И самиот надлежен министер Дамјан Манчевски признава дека тоа не е така, дека законот не е идеален, но дека во овој момент е постигнат многу висок степен на усогласеност речиси со сите заинтересирани. Тоа е точно, но тоа не значи дека ќе биде реформски, особено во делот на јавниот радиодифузен сервис, каде што не беше прифатено барањето на ЗНМ и ССНМ за буџетско издвојување од 1 отсто, со што МРТВ би имала доволно пари во услови на укината радио-дифузна такса. Така што, иако новинарските организации тврдат дека 90 отсто од нив бараните измени во законот се прифатени, оваа мерка, што може да се покаже клучна за реформа на МРТВ, особено од апсект на модернизација и професионализација не е исполнета, односно исполнета е само делумно.

Овие три-четири примери се доволни за илустрација на тврдењето дека изјавата на Османи за исполнетоста на планот од над 90, односно 100 отсто е само формалистичко и буквално гледање на нештата и е извртувања на вистината, односно спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *